Достапни линкови

Среќна нова Надеж


Марија Павлеска, студент и активист.
Марија Павлеска, студент и активист.

Јас знам дека сакам подобро утре. За мене, за тебе, за сите нас. И знам дека уште ќе протестирам затоа што сакам позитивни реформи во образованието, пишува Марија Павлеска, студент и активист во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

На крајот на септември учествував на една новинарска работилница чија тема беше „Како да се користат онлајн алатки за правење истражувачки стории на Балканот“. На една од кафе паузите отворивме една интересна дискусија со еден од учесниците кој низ разговорот сподели еден негов заклучок дека изгледа во Македонија сè на сè сме околу 100 луѓе кои дежурно имаме критика за општеството, кои повикуваме на активно граѓанство и кои иако понекогаш уморни и не веќе толку оптимистични, се уште наоѓаме сили да се појавиме на работилници, тренинзи, протести, настани, промоции и сите останати форми на здружување во кои веруваме дека носат некаква надеж за подобро утре.

И ако на крајот на септември разговаравме за бројка од 100 луѓе, во средината на ноември се сретнавме на првиот студентски марш и заедно се радувавме на бројката од 3.000 студенти, кои на 10 декември станаа 10.000.

Јас не се согласив дека сме околу стотина, зошто лично знам сигурно три пати повеќе пријатели, познаници и луѓе од разминување по вакви настани, но секако дека потврдив дека оваа бројка треба да расте, за промените да станат видливи и значајни.

И ако на крајот на септември разговаравме за бројка од 100 луѓе, во средината на ноември се сретнавме на првиот студентски марш и заедно се радувавме на бројката од 3.000 студенти, кои на 10 декември станаа 10.000.

Да не беше студот на 26-ти декември, најавите за гумени куршуми, по претходните најави за набавки на водени топови и екот на вторите колоквиуми и секако зоната на комфорт која се уште не се осмелуваат да ја напуштат еден импозантен број на студенти и граѓани, бројката ќе беше поголема. Но нејсе, од завчера имаме цела нова година пред нас со 365 денови да се собереме во уште поголем број.

И на многумина изгледа се уште не им се јасни активностите на студентите изминативе два месеци. Веќе не е проблем само фамозното заокружување одговори на пет однапред познати прашања. Проблем е зошто министрите избегнуваат средба со студентите кои се вистински ангажирани и заинтересирани да придонесат кон позитивна промена во општеството, а на тајни „тако звани“ дебати ги повикуваат претставниците на Студентскиот Парламент кои веќе три месеци се со истечен мандат, а нови избори не се спроведуваат од непознати причини.

Проблем е што некој се осмелува да не заокружува додека го исполнуваме своето уставно право на протест! Да не нарекува со имиња, да не декларира како изманипулирани токму нас, најбудните!

Проблем е што некој се осмелува да не заокружува додека го исполнуваме своето уставно право на протест! Да не нарекува со имиња, да не декларира како изманипулирани токму нас, најбудните!

Проблем е што се оформи контра професорски пленум. Кога во февруари ќе запишуваме предмети за летен семестар веќе нема да ги броиме колку се задолжителни, а колку изборни, туку колку предмети ќе слушаме кај професори, а колку кај контра-професори!

Реформите во образованието изминативе години се слика на министерските рокади. Наместо од заменик министер до позиција министер, кај нас е обратно. Вчера министер, за денес заменик.

Ја заборавивме ли ситуацијата во студентските домови? Или секое чудо за три дена? Треба ли секојдневно студентите станари да постираат фотографии за да ја разбереме алармантноста на ситуацијата? Знаете дека е јануари и дека се случува да нема парно. Зошто нема топла вода? Зошто храната не е квалитетна, ниту доволна, за разновидноста и вкусот нема ни да пробувам да коментирам. Знаете ли дека се случува во 18 часот во мензата да снема леб?

Во март, сега веќе минатата година, Операција Студентски Дом започна една спонтана иницијатива, која по десет денови вроди резултати нашиот премиер да излезе во јавност и во дневникот на Сител ја даде фамозната изјава идентична на онаа на Тито во 60тите- : „студентите се во право”, дека реконструкцијата е задоцнета и вети дека веднаш после избори ќе се распише тендер. Ветено –сторено, на 30ти април, 2 дена после завршувањето на изборите тендерот беше распишан на иницијални 1 милион евра, за реконструкција на Б блок ( зграда во која во април 2013та се случи пожар поради стара инсталација и изгореа 2 соби во кои живеја студенти, а во истата зграда во февруари минатата година се откачи лифт со студент во него, додека во истиот блок во 2011, беше откачен и паднат лифт во текот на летните месеци, па единствено имаше материјална штета.) Меѓутоа како и секогаш Владите кај нас толку здраво за готово го сфаќаат правото да донесуваат одлуки самостојно откако ќе бидат избрани на избори, што никако не се осврнуваат да се поконсултираат со луѓето кои живеат во средината и самите најточно знаат каде најпрво треба да се санира, како и поради кои причини.

Ако Владата ги ценеше студентите –станари на овој студентски дом и нивното мислење ќе организираше трибина во студентскиот дом ; мензата има доволно простор за ваков вид на собири и ќе не прашаше како жители на овој студентски комплекс, што може да се санира во рамките на одобрениот буџет.

Ако Владата ги ценеше студентите –станари на овој студентски дом и нивното мислење ќе организираше трибина во студентскиот дом ; мензата има доволно простор за ваков вид на собири и ќе не прашаше како жители на овој студентски комплекс, што може да се санира во рамките на одобрениот буџет, наместо самостојно да одлучи да санира еден блок, за 1.3 милион евра на неопределен временски период. Од разговор со комшиите и пријателите и колегите кои живеат тука, несомнено приоритет требаше да имаат вецеата и туш кабините( да се потсетиме во блоковите А и Б, во подолните катови 32ца студенти делат 1 санитарен јазол и 1 туш кабина, додека на повисоките катови, тие се заеднички за 16 студенти). Втората работа на која треба да се обрати сериозно внимание се лифтовите, најмалку двапати седмично тие се заглавуваат, тресат, и се целосно небезбедни и опасни по живот.

Проблеми има до недоглед, но ние како нација сме презафатени со менување на грбот, со новата ограда, со на комшија козата. Се им е поважно од младите. Се им е поважно од нашите права, нашите потреби, нашите крикови.

Но ние сме млади и не се откажуваме. Нема да престанеме, да се откажеме, да се повлечеме. Доста беше молк! Доста беше молк! Доста беше молк!

Со секој ваш изговор, со секое едно не може, ни влевате уште повеќе храброст и сила и жар за оваа битка да ја истераме до крај. За да ви покажеме дека доста ни е да не чувате на маргините, ние кои треба да сме јадрото на едно општество!

Јас знам дека сакам подобро утре. За мене, за тебе, за сите нас. И знам дека уште ќе протестирам затоа што сакам позитивни реформи во образованието. Затоа што сакам студентски домови со човечки услови за живот. Ќе протестирам затоа што сакам нови читални и асално преведена странска литература. Ќе протестирам затоа што сакам моите пријатели, колеги и познаници да веруваат дека ќе се вработат со своето знаење, а не со партиска книшка и понизна послушност. Протестирам затоа што верувам во подобро утре, во кое гласот на младите значи многу. Утре во кое гласот на младите значи се! Зошто ние сме тие на кои останува иднината, нели?

XS
SM
MD
LG