Не е исклучена можноста од нов протестен марш или од други мерки како бојкот на студиите, најавија денеска од Студентскиот пленум по усвојувањето на предлог законот за воведување на државен испит на универзитетите.
Ќе останеме на нашиот став, категорично го отфрламе предлогот за државен испит и ќе се бориме да го оствариме тоа, ќе се бориме да ја натераме владата да ретерира од својот став и да се откаже од оваа погубна политика.Стефан Дојчиновски, Студентски пленум.
Стефан Дојчиновски од Студентскиот пленум, вели дека се уште не донеле конечна одлука како понатаму ќе дејствуваат, меѓутоа се свесни дека владата останала глува на нивните барања и игнорирањето само предизвикува поголем револт кај студентите и академската јавност.
„Свесни сме дека институциите се затворени за нашите барања и дека сме приморани вонинституционално да ги исползуваме нашите демократски права, да не заборават дека моќта на институциите е можеби на нивна страна, меѓутоа разумот и аргументите покажавме дека се на наша страна и дека сме непоколебливо во нашите барања и ќе останеме на нашиот став, категорично го отфрламе предлогот за државен испит и ќе се бориме да го оствариме тоа, ќе се бориме да ја натераме владата да ретерира од својот став и да се откаже од оваа погубна политика.“
Многу е лошо вака да се туркаа на сила реформите и ова ќе доведе до тоа студентите да бидат поагресивни и на некој начин академската заедница да се фрустрира.Хисен Јашари, универзитетски професор.
Христијан Давидовиќ од Студентскиот пленум додава дека Автономијата на универзитетот не е само еден уставен Елдорадо, туку е основа на развојот на критичкото општество и не може да се каже дека нивниот протест поминал незабележително. Според него, Адеми воопшто не ги консултирал засегнатите страни ни за новите пет мерки кои беа усвоени.
„Ние како Студентски пленум апелираме до сите засегнати страни да се изјаснат за предложените измени, да го кажат својот став и сметаме дека не може да бидат донесувани вакви измени, како што е целата досегашна практика за измените во Законот за високо образование без дијалог за сите засегнати страни.“
Дојчиновски додава дека не планираат да влегуваат во дијалог со министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.
„Кога ние категорично укажуваме на неуставноста и на провизорноста на оваа мерка за која сме убедени дека нема да вроди со плод и дека нема да донесе никакви суштински промени,не планираме и не се осудуваме да внесеме некаква дискусија за техничките работи.“
Професор Хисен Јашари вели дека требало да се води јавна расправа најмалку една година пред усвојување на предлогот со сите засегнати страни и да се добие консензус, а сега веќе е доцна и не е добро да се воведе државниот испит. Според него честите промени на Законот за високо образование наместо да ја подобруваат во пракса ја влошуваат состојбата.
„Многу е лошо вака да се туркаат на сила реформите и ова ќе доведе до тоа студентите да бидат поагресивни и на некој начин академската заедница да се фрустрира.“
Од Студентскиот пленум најавија и дека ќе бараат поддршка од претседателот Ѓорѓе Иванов. Од Министерството за образование и наука соопштија дека новите мерки се со цел подобрување на квалитетот на високото образование.