Стоп за лошите реформи во образованието! Јасно и гласно порачаа студентите на денешниот втор протестен марш против воведувањето на државниот испит на универзитетите. Платото пред универзитетот Св. Кирил и Методиј беше претесно да ги собере сите студенти, кои беа во помасовен број од првиот марш. Студентите рамо до рамо со транспаренти во раце извикуваа „автономија на универзитетите“ и „нема да се предадеме“.
Со тоа што се оценува нашето знаење надвор од универзитетските рамки ја уриваат автономијата на универзитетот како високообразовна институција.Студентски пленум.
Од платото, тие се упатија пред Собранието, а маршот ќе заврши пред Владата. Од студентскиот пленум пред насобраните порачаа дека не се согласуваат со најавената реформа во високото образование. Според нив, реформите ќе бидат товар, не само за нив, туку и за другите генерации и тие имаат одговорност да реагираат.
„Ни го ускратуваат правото на избор на студирање. Со тоа што се оценува нашето знаење надвор од универзитетските рамки ја уриваат автономијата на универзитетот како високообразовна институција. Нашиот глас останува неслушнат, нè игнорираат како дел од академската заедница, нè игнорираат како дел од општеството, нè игнорираат како граѓани на Република Македонија“, порача студентите кои велат дека се тука за да викнат уште погласно дека нема да престанат со борбата.
Не сме ние само да предаваме на факултетите, туку и да укажуваме што е добро, а што е лошо за општеството, кои потези се правилни и треба да се поддржат.Зоран Киткањ, универзитетски професор.
„Тука сме и нема да престанеме со борбата за нашите права за избор, за слобода, за достоинство. Погледнете го човекот кој стои до вас, во очите на тој човек нема повеќе страв, во сите нас повеќе нема страв. Разбуден е сомнежот во политиката што се води, самото наше присуство говори дека сме тука за да кажеме стоп за оваа диктатура на лоши реформи во темелите на една демократија, во образованието“, велат студентите.
Од студентскиот пленум се обратија и до родителите да застанат покрај нивните деца и да не бидат угнетени, како и до средношколците на кои им порачаа да не бидат замолчени, туку да викнат гласно кога се работи за нивната иднина. На крајот тие се обратија и до професорите на кои им порачаа да не им дозволуваат да им го земат интегритетот и достоинството. Еден од професорите кој беше меѓу демонстрантите, Зоран Киткањ од Филозофскиот факултет, вели дека неговите колеги не го поддржале маршот затоа што се плашат.
„Професорите мора да бидат први меѓу студентите, први. Кога имаат проблеми работниците, стечајците, исто така треба да излезат, значи не сме ние само да предаваме на факултетите, туку и да укажуваме што е добро, а што е лошо за општеството, кои потези се правилни и треба да се поддржат“, рече тој.
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми вчера изрази надеж дека предлогот за државниот испит ќе се најде на владина седница во наредните денови и изјави дека не сфаќа зошто студентите протестираат кога тој сè уште не е усвоен.