Со пароли „Стоп за лошите реформи“, „Никој не може да го спречи гласот на студентите“, „Преку индексот ни е“, „Стоп за реформите“, „Ова не е пазар“, „Менувам индекс за американски пасош“ и слични слогани, илјадници студенти и нивни подржувачи маршираат денеска низ улиците во центарот на Скопје. Студентскиот марш започна од пред платото на УКИМ, а поворката се движи кон Парламентот и Владата.
Денешниот студентски протест е помасовен од првиот, оној на 17-ти ноември.
Нашите репортери од теренот јавуваат дека денешниот студентски протест е помасовен од првиот, оној на 17-ти ноември. Протестот засега се одвива мирно и без никакви проблеми. На студентите во Скопје им се приклучиле и студенти од двата универзитети во Тетово.
Некои медиуми јавија дека во дел од средните училишта во Скопје, на средношколците им било забрането да им се приклучат на студентските протести.
Нашите репортери јавуваат и дека има проблеми со телефонските и интернет врските на некои мобилни оператори во Скопје.
И битолските студенти се собраа на студентски марш против најавениот државен испит пред Техничкиот факултет во Битола. Фотографиите објавени од студенти на социјалните мрежи покажуваат дека има собрано стотици студенти. Студентски протести, од помал обем има и во други градови во Македонија.