Портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер изјави дека нема никаква основа за ваквите наводи на Ердоган.
„Мислам, тоа е смешно“, рече тој додавајќи:
„Всушност, ние работиме конструктивно со Турција и во водењето на овие напори и Турција е дел и ние имаме постојан дијалог и дискусија со Турција за тоа како можеме подобро да ги засилиме нашите напори“, рече тој.
До ова дојде откако турскиот претседател Ердоган изјави дека имал докази оти коалициските сили предводени од САД им даваат поддршка на терористичките групи, вклучувајќи ги ИД и некои курдски милитантни групи.
„За жал коалициските сили не се држат до нивните ветувања. Тие ветија, но сега се во различна позиција. Но, без оглед дали ги исполнуваат ветувањата, ние решително продолжуваме на нашиот пат. Не е можно враќање од тој пат“, рече тој.
Ердоган пред два дена побара од членките на западните коалициски сили да обезбедат воздушна помош за турските сили опколени во сирискиот град ал Баб кој е под контрола на милитантите на Исламската држава.
Бунтовниците поддржани од Турција веќе неколку недели го имаат опседнато овој град со цел да го освојат.
Со иста намера се и курдските бунтовници, а тоа сака да го спречи Турција.
Таа страхува дека со тоа курдите ќе преземат контрола на поголемиот дел од границата со Сирија.
Тоа, како што се наведува во Анкара, би можело да го поттикне сепаратизмот на курдите во Турција.
Портпаролот на Стејт департментот, Тонер, изјави дека Вашингтон ја поддржува турската офанзива, но и оти се обидува да биде чувствителен во конфликтот меѓу различните страни при обидот за искоренување на Исламската држава.
„Ние ги поддржавме нивните напори во чистењето на границата од ИД. Ние сме во дијалог со нив за идните чекори што можеме да ги преземеме во ал Баб“, рече тој.
Турската армија соопшти дека нејзини борбени авиони презеле акции врз стотици цели на ИД во изминативе недели.
Инаку, Турција, Русија и Иран деновиве во Москва соопштија дека биле подготвени да помогнат во постигнувањето мировен договор за Сирија.