Достапни линкови

Трамп не и верува на ЦИА


Трамп со критики за ЦИА за руското хакирање
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

Трамп со критики за ЦИА за руското хакирање

Избраниот американски претседател Доналд Трамп го критикуваше заклучокот на ЦИА дека Русија била вмешана во американските претседателски избори. Според него, тоа е уште еден од многуте изговори на демократите за поразот на нивниот претседателски кандидат Хилари Клинтон.

Трамп во интервју за телевизијата Фокс изјави дека не верува во овие извештаи.

„Мислам дека тоа е смешно. Тоа е уште еден изговор. Не верувам во тоа“.

Тој додаде дека не се противи на барањето на претседателот во заминување Барак Обама за разгледување на сајбер нападите во текот на изборната кампања.

Меѓутоа, како што рече, „во тие напори не треба да се каже само Русија, туку треба да се спомнат и други земји и можеби и други поединци“.

Обама во петокот побара детална анализа на сајбер нападите спроведени во текот на кампањата за претседателските избори како и извештај за тоа пред инаугурацијата на новиот претседател Доналд Трамп што е предвидена за 20 идниот месец.

Белата куќа наведе дека во извешатјот ќе бидат разгледувани инцидентите до кои дошло и во поранешните претседателски избори во 2008 и 2012 година кои се поврзуваат со кинески хакери.

избраниот американски претседател Доналд Трамп
избраниот американски претседател Доналд Трамп

ЦИА во саботата заклучи дека „со големо уверување“ Русија интервенирала на годинашните американски претседателски избори со цел да победи Трамп.

Руските власти ги отфрлија ваквите наводи.

Во меѓувреме, неколкумина американски сенатори изразија загриженост за руското хакирање.

Меѓу нив и лидерот на малцинството во американскиот Сенат Чак Шумер:

„Последните извештаи за руското мешање во нашите избори би требало да ги алармира сите американци“. Тоа не може да биде партиско прашање. Влогот е премногу голем за нашата земја“.

Како и да е, последните изјави на Трамп дека не верува во извештаите на ЦИА, според посматрачите, би можело да предизвика конфликти меѓу новиот претседател и разузнавачките агенции со кои ќе командува.

Од друга страна тоа ги потхранува критичарите дека неговата администрација ќе биде мека кон Русија.

Во неговата потрага по нов државен секретар Трамп како силен кандидат го посочи шефот на Ексон Мобил Корпорејшн Рекс Тилерсон, кој има блиски врски со Москва и е против американските санкции спрема Русија.

Американските разузнавачки агенции пред Конгресот оценија дека Русија станува се поагресивна во Сирија и во Украина и оти ги засилила активностите во сајбер просторот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG