Достапни линкови

Македонија не е имуна од глобалните терористички закани


Полициски специјалец во центарот на Скопје.
Полициски специјалец во центарот на Скопје.

Македонија не е имуна на глобалната закана од меѓународен тероризам, a институциите се ранливи поради политичката криза, велат дел од експертите. Граѓаните се плашат за претстојните празници да посетат некоја европска метропола, но има и такви кои ниту напади не може да ги предомислат.

По вчерашните смртоносни терористички напади во Анкара, Берлин и во Цирих македонските граѓани изразуваат загриженост за нивната безбедноста, меѓутоа сметаат оти опасноста од терористички напади не е изразена толку во Македонија поради нејзината геостратешката положба.

Тие ги осудуваат терористичките напади и истакнуваат дека се „шокирани од убиството на рускиот амбасадор во Анкара и од нападите во Берлин и во Цирих ". Поголем дел од нив велат дека за претстојните новогодишни и божиќни празници не би се чувствувале спокојно ако треба да патуваат во Турција, а како непожелни дестинации во овој период тие ги наведуваат и европските метрополи, по сè почестите напади таму. Но има и такви граѓани кои ниту напади не може да ги предомислат да се откажат од овие дестинации.

„Мислам дека ние не сме опфатени со тие терористички напади. Не сме во тој домен на тие интереси на тие држави.“

„Таму не би се чувствувал безбено во сите земји од ЕУ кои се инволвирани, појаките земји како Франција, Германија, Англија, не. Ако треба да патувам не би патувал моментално и кога се овие претстојни верски празници мислам дека би биле зачестени нападите и не би патувал.“

„Сега ќе одам во Минхен, нема проблем. Не стравувам. Не треба да се возиме ниту со автомобил, ако стравуваме.“

„Не се чувствувам безбедно и не би патувала се додека не се смири состојбата. Се надевам дека во иднина ќе дојде до мирна ситуација, ќе престанат сите војни и повторно ќе може да се чувствуваме безбедни“, велат граѓаните.

Овие напади на европско тло според експертите ја одразуваат нестабилноста во регионот и пошироко. Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров вели дека Македонија не е имуна на глобалната закана од меѓународен тероризам и потенцира дека институциите се ранливи поради политичката криза во која се наоѓаме подолг период.

„Час поскоро треба да се направи сè да се професионализираат службите и политиката да ги тргне рацете од службите, а тие да си ја вршат својата работа. И тогаш може да зборуваме за некои безбедни денови за граѓаните“, изјави Пивоваров.

Тој истакна дека основната цел на терористичките напади е да внесат страв кај луѓето и оти логични се реакциите на дел од граѓаните дека би патувале само ако е неопходно. Тој потсетува дека Интерпол и Европол предупредуваа дека метрополите за новогодишните и божиќните празници ќе бидат мета на напади. Меѓутоа тој вели дека стравот не е решение за натамошното живеење и нагласува дека безбедноста треба да да биде на повисоко ниво.

По нападите во Париз во ноември минатата година кај нас беа донесени се мерки за подигање на нивото на безбедност и мобилноста на полицијата со кои меѓудругото беа зајакнати безбедноста во и околу објектите кои се во функција на полицијата, при обезбедување на јавни собири и спортски манифестации на кои има присуство на поголем број на граѓани и друго.

Пивоваров забележува дека во моментот не се гледа зголемено присуство на полицијата на битни места, но истакнува дека суштината во разузнавањето е да се има правовремени и квалитетни информации. Како одговор на терористичките напади, дел од експертите, анализираат дека мерките треба да бидат насочени кон зголемување на оперативната активност на службите, но исто така нагласуваат дека важно е да нема лажни информации за наводни акции со кои е спречен терористички акт.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG