Во време кога светот се соочува со глобален тероризам од секаков вид и со бегалска криза, која трае повеќе од една година, а на кои не е имуна ниту Македонија, АРМ се соочува со преполовен буџет.
Армијата секоја година со покуси ракави
Од 2008 година кога земјата не ја доби поканата за членство во НАТО, буџетот за армијата константно се намалува и сега е 1,1 процент од БДП. Аналитичарите се категорични дека со ваков мал буџет, АРМ тешко може да се обучува и опремува и истовремено да ги извршува задачите кои се поставуваат соглaсно современите безбедносни ризици. Тие нагласуваат дека се неопходни мерки за подобрување на статусот на Армијата, потсетувајќи дека минатата година јавноста беше сведок дека без армијата државата не може да се справи со мигрантската криза, а општеството исто така не можеше да се справи и со елементарни непогоди како поплавите, што ги имавме летото во скопскиот регион.
Благоја Марковски од Балканскиот Форум за безбедност вели дека е потребно сериозно зафаќање со овој проблем и осовременување и опремување на АРМ, потенцирајќи дека армијата треба да располага со современи безбедносни системи и со средства и опрема за справување со разни кризни ситуации.
„Познато е дека земјите членки на НАТО издвојуваат од своите буџети од 2,2 до 2,5 проценти за армииите. АРМ имаше најголем буџет во 2006 кога тој достигна до 2,3 отсто. Но оттогаш тој буџет сè повеќе се смалува и на тој начин безбедносниот систем не само што не се осовременува, туку и заостанува во смисла на опремување, обука и истовремено реализација на задачите. Без оглед на тоа ние покажуваме како армија добри резултати, пред сè поради многу изразениот патриотизам на припадниците на армијата коишто со дополнителни сили го надоместуваат тоа што немаат современа опрема и што немаат соодветни средства за реагирање во посебни ситуации“, вели Марковски.
Помалку пари - подалеку од НАТО
Стратегиска определба на сите влади досега во овие 25 години е Македонија што поскоро да стане земја членка на НАТО и поради тоа државата треба многу повеќе да дава значење на буџетот наменет за системот за одбрана, со цел да се приближиме до тие стандарди, укажува Марковски. Тој е категоричен дека всушност Македонија треба да издвојува повеќе пари за одбраната и армијата поради заостанување во приближувањето до стандардите на НАТО. Тој предупредува дека ако Македонија продолжи да издвојува пари како досега, тогаш армијата и понатаму ќе заостанува, нагласувајќи дека може да дојдеме во ситуација армијата да не може да одговори ниту на внатрешните потреби на системот за одбрана, ниту на прокламираните сили во мировните акции во кои учествува АРМ.
„Има и еден друг аспект кој негативно влијае врз борбената способност на АРМ со еден ваков буџет, а тоа е губењето на самодовербата на припадниците на АРМ, зашто немаат во добра смисла опременост, ниту во лично вооружување и опрема, а исто така не постои ниту некој посериозен систем за безбедност кој е купен во последните години“, вели Марковски.
Професор Стојан Славески од Европскиот универзитет се согласува дека малиот буџет не и овозможува на армијата да ги извршува основните функции, пред сè во поддршката што и ја дава на полицијата во обезбедувањето на границата, во справувањето со последиците од елементарните непогоди и во остварувањето на функцијата одбрана. Според него исто така и стандардот на вработените во армијата е на многу ниско ниво. Ако се спореди со другите институции во државата, армијата се наоѓа во најлоша ситуација, вели професор Славески. Тој оценува дека оправданото разочарување во 2008 година кога Македонија не доби покана за НАТО поради проблемот со името со Грција, резултирало со ставање во втор план и на сите реформски потези во последните неколку години.
„И самата распределба на финансиските средства во Министерството за одбрана не е согласно барањата на НАТО, односно 50 проценти од издвојувањета да одат за плати, 30 проценти за одржување на опремата и 20 проценти за набавка на нови средства. Кај нас најголем дел од буџетот се троши на исплата на плати, додека многу мал дел се троши на одржувања, а цифрата за набавка на нови средства е занемарлива. Тоа е битен сегмент од нашите аспирации за членство во НАТО“, вели професор Славески.
Професорот во пензија Стојан Кузевски, вели дека предизвиците со кои што се соочува Македонија на безбедносен план се заеднички со предизвиците по безбедноста што ги споделува потесниот и поширокиот регион. Тој оценува дека во услови на специфични безбедносни закани, АРМ постојано буџетски е редуцирана и оти поради тоа состојбата во армијата е сериозна.
„Од една страна што има мало професионално јадро, резервата не ни е развиена, материјалното опремување заостанува, обуката и вежбите заостануваат. Тоа е одраз на објективните околности што ги има АРМ како буџетска поддршка. Ваквиот курс не е соодветен, затоа што армијата се чува, се гради, се обучува и оспособува во услови кога нема експлицитни закани по безбедноста. Во моментов има потенцијални закани по безбедноста, но нема директни закани“, вели професор Кузевски.
Војниците го даваат максимумот
Но и покрај незавидната позиција во која се наоѓа АРМ, нејзиното вклучување минатата година на јужната и северната граница даде резултати во справување со предизвикот со мигрантите, а и за време на поплавите во скопско, подршката на АРМ која исто така беше ангажирана, го даде својот максимален придонес, без оглед што немаше доволно средства во смисла на инженерска поддршка на расчистување на теренот. Експертите велат дека армијата го дава максимумот со ангажирање на персоналот, но нагласуваат дека и тој персонал има граници со оглед на психофизички способности и постојаниот ангажман на повеќе задачи едно по друго.
Професор Славески од Европскиот универзитет вели дека покрај основната улога за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритетот на земјата, армијата исто така има функцијата да даде помош на другите елементи од безбедносниот систем, како што се полицијата и силите за заштита и спасување. Тој оценува дека поради недостигот на соодветни пари, армијата не може оваа функција да ја изврши на најдобар начин. Според него Македонија не извлекла лекции од другите земји каде армиите претставуваат сегмент во општеството кој треба да биде добро обичен мотивиран и истрениран. Тој истакнува дека секаде припадниците на армијата имаат посебен статус, зашто од нив се бараат исклучителни напори, во смисла на професионализација и ангажман, и оти сето тоа треба да биде наградено од државата и обезбедено, за да може тогаш кога е најпотребно армијата соодветно да одговори. Поради лошата економска состојба, во Македонија се уште има голем број млади кои аплицираат во Воената академија, вели Слaвески, но дополнува дека статусот кој го има армијата не дава перспективи за мала, но мобилна армија каква што Македонија пoсaкува да има.
Во меѓувреме во некои земји од регионот и Европа поради разни причини почна да се размислува за враќање на редовниот воен рок. Според Марковски припадниците на АРМ треба да бидат вклучени во разрешување на заканите по безбедноста на глобално ниво, но враќањето назад на редовниот воен рок не значи дека ќе добиеме поквалитетно извршување на задачите.
Во моментов Македонија има војници кои на доброволна основа пристапуваат кон АРМ и од нив се создаваат можности и за резерва и се создава расадник на офицерскиот и подофицерскиот кадар понатаму.