Развојот на стратегиското партнерство меѓу Македонија и САД, особено во областа на одбраната, беше тема на разговор на средбата на командантот на американските копнените сили во Европа, генерал-потполковник Фредерик Бен Хоџис со македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски и подоцна со началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски во Скопје. Тие зборуваа и за учеството на заеднички вежби и обука меѓу АРМ и Копнените сили на САД за Европа, како и учество на АРМ на меѓународните вежби поддржани од Копнените сили на САД за Европа во 2017 година.
Хоџинс по средбата со Величковски изјави дека е задоволен од нивото на соработка, но и од нивото на прикажани вештини и знаења кај секој припадник на АРМ. Тој додаде дека од заедничките активности бенефит имаат и Македонија и САД и затоа во иднина ќе се работи на уште поголемо интензивирање на соработката во оваа област.
„Мислам, дека како што Македонија се движи напред да стане дел, да биде целосно интегрирана во структурите на Европа и трансатлантски односи, дека тоа ќе ја подобри безбедноста и стабилноста во Европа, ќе овозможи безбедност и стабилност во овој регион и јас сум посветен заедно со американските копнени сили во Европа да бидеме со вас на секој чекор на тој пат, да го поддржиме нашиот амбасадор, тука и да ја поддржиме Македонија во нејзиниот пат кон тоа, преку учество во вежби, учество во различни активности и размена на наши луѓе и офицери“, вели Хоџис.
Учеството на околу 150 припадници од македонската армија во една од најголемите вежби оваа година, „Анаконда 16“ е доказ дека соработката тече непречено, а капацитетите, можностите и достинувањата на македонските војници и единици беа високо оценети од генералот Хоџинс, што ни дава за право да кажеме дека работиме во добар правец, изјави началникот на Генералштабот на АРМ генерал- потполковник Методија Величковски.
„Изразивме заедно задоволство за досегашната соработка која ја оценивме како одлична, меѓутоа отворивме простор и можности за понатамошна соработка пред сè во делот на едукацијата, тренингот и вежбите за кои очекуваме поддршката од страна на Армијата на САД да продолжи како досега и договорина, вели началникот на генералштабот Величковски.
Македонија ќе биде домаќин на главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа од 2020-2026, што говори за лидерството на земјата во регионот. Генералот Бен Хоџис, кој престојува во дводневна посета на Армијата на Република Македонија, ги посети Баталјонот на Воената полиција и Воената академија.