Достапни линкови

Македонија не назадува кон ЕУ, тоа е само перцепција?


Доколку има преговори ќе има и реална оценка за тоа што Македонија завршила од обврските за евроинтегрирање, во меѓувреме без преговори, сè се сведува на перцепција за тоа дали одиме напред или назад, вели министерот Попоски.

Годинава нема основа за повлекување на препораката од Европската комисија за преговори за пристапување кон Европската унија, вели министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за радио Слободна Европа, кое ќе биде објавено во целост в недела. Тој смета дека Македонија секоја година е сè поподготвена за почеток на преговорите, иако веќе втора година сме во политичка криза, па лани добивме условена препорака, а и годинава според најавите ќе биде исто условена.

Сепак Попоски вели дека не сме во позиција да нагаѓаме дали треба да не пуштат или не поради домашните проблеми. До неодамна бевме лидер во регионот, но во изминативе години бележиме назадување во неколку сегменти во европските извештаи. На ова Попоски коментира дека е важно да се види што точно се зема за одредница, затоа што политичката криза има негативни импликации на оценките.

„И нормално е во единаесет година како земја членка кандидат без преговори и очекувањата да бидат повисоки. Мислам дека кои било оценки, кои вие би ги дефинирале како уназадување, се однесуваат на поместување на очекувањата и единствениот одговор на ова е – доколку ние ги водиме тие преговори ќе имаме реална оценка за тоа што сме завршиле, во меѓувреме без преговори, сè се сведува на перцепција за тоа дали одиме напред или назад. Крајната инстанца е мора да почнеме преговори за да може конечно и Македонија да се мери објективно за тоа колку напредува“, вели Попоски.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов вели дека за евентуалното губење на препораката ќе претставува катастрофа за земјата, затоа што нема друга алтернатива, освен членувањето во ЕУ и НАТО. Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ вешто се обидува да спинува и да креира лажна слика за Македонија

„Да не се лажеме, извештајот на Прибе во целост ја опишува состојбата во Република Македонија и тоа во сите области поединечно, особено областите кои што се предмет на евентуалните преговори. Подготвеноста на Република Македонија да отпочне преговорите и за таква подготвеност ќе може да разговараме откако ќе бидат одржани изборите на 11 декември под услов истите да бидат фер, слободни и демократски“, вели Шилегов.

Тој додава дека во самата препорака е доволно кажано дека ако такви избори не се одржат Македонија ќе ја загуби препораката.

Во меѓувреме евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбогар во едно од неговите интервјуа посочи дека Европската комисија ги повлекла парите наменети за Македонија, бидејќи не биле спроведени неопходните реформи, а не се завршиле ниту проектите за кои биле наменети тие фондови.

Бавното спроведување на реформите во судството, слободата на медиумите и борбата против корупцијата се дел од причините за укинување на парите од ИПА фондовите. Досега вкупната сума на откажани проекти е 27,5 милиони евра – пари кои требаше да се инвестираат железничка инфраструктура, унапредување на царината и колекторски систем за Охридското езеро.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG