Достапни линкови

Македонија не е цел на меѓународниот тероризам


Македонија не е приоритетен интерес на меѓународни терористички организации, но тероризмот е глобален предизвик, па домашните служби преземаат акции за превенирање од можни напади. Експертите велат дека поголема закана се борците кои се бореле на странски боишта од страната на ИД.

Имајќи го предвид глобалниот растечки тренд на меѓународниот тероризам, поттикнат од случувањата на Блискиот исток, оценка е дека и Македонија не е имуна на овој безбедносен предизвик. Од Министерството за внатрешни работи велат дека во актуелниот момент земјава не е приоритетен интерес на меѓународни терористички организации, но имајќи ги предвид глобалните димензии на овој безбедносен феномен, не може во целост да се исклучи изложеноста на државата од можни терористички акции.

Наталија Спирова Кордиќ од МВР вели дека по терористичките напади на територијата на Европа, а заради навремено превенирање, попречување и рано предупредување за можни терористички напади, органите на МВР го зголемиле нивото на безбедност.

„Тие преземаат координирани мерки и активности за превенирање, попречување и елиминирање на евентуални закани и можно изведување на терористички акции.“

Таа додава дека Министерството ја интензивирало соработката со сродни органи на национално и меѓународно ниво, на планот на размена на информации и преземање заеднички акции за спречување на евентуални терористички активности.

И упатените во оваа област уверуваат дека земјава не е имуна на вакви безбедносни предизвици, исто како и нејзините соседи.

„Она што се случува на Западот, засега нема индиции дека може да се случи и во Македонија од едноставна причина што Македонија не е од посебен интерес на вакви терористички групации и пред сè ако се случи таков настан тоа ќе биде од внатрешен карактер, односно оние кои биле на Блискиот Исток, се бореле за организацијата Исламска држава, се вратиле со таа идеолошка матрица и врз основа на тоа можат да предизвикаат определени пореметувања во Македониjа, но не со такви последици како на Западот“, изјави Благоја Марковски, претседател на Балканскиот безбедносен форум.

Дека Балканот има преку 1.000 странски борци на боиштата во Сирија, а 60 отсто од нив се вратени, деновиве потсети и претседателот Ѓорге Иванов, и предупреди дека во моментот во земјава има 86 такви повратници. Дел од нив се приведени во акцијата Ќелија, а дел од нив се следат, рече Иванов. Марковски вели дека толку тие повратници се потенцијална опасност за безбедносната состојба во земјава, па затоа службите треба будно да ги следат нивните активности.

„Безбедносните структури, пред сè службите за разузнавање и контраразузнавање треба да разменуваат информации со други безбедносни структури во соседството, вклучувајќи ги службите во Турција, Ирак и Сирија од каде што можат да добијат најрелевантни дополнителни информации за можни вакви активности и на територијата на Македонија“, изјави Марковски.

Претседателот Иванов изјави дека досега нашите служби успешно се справуваат со безбедносните предизвици.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG