Достапни линкови

Алепо станува огромна гробница


ОН: Алепо пред хуманитарна катастрофа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

ОН: Алепо пред хуманитарна катастрофа

Шефот за хуманитарни работи и итна помош на Обединетите нации Стивен О’Брајен побара од Советот за безбедност на ОН да преземе итна акција за да им се помогне на луѓето во источниот дел на сирискот град Алепо. Сепак, состанокот заврши без конкретни резултати и со критики на сметка на Русија.

На источниот дел на најголемиот сириски град Алепо му се заканува да стане огромна гробница доколку не престанат судирите и не им биде доставена хуманитарна помош на цивилите, оцени О’Брајен, кој говорејќи преку видео линк од Женева повика:

„Заради човештвото ги повикуваме, ги молиме страните и со оние што имаат влијание да сторат нешто што е во нивна моќ да ги заштитат цивилите и да овозможат пристап во опоколениот дел на источно Алепо пред да стане огромна гробница“, рече тој.

Според него, страните во сирискиот конфликт систематски не го почитуваат военото право и постојано демонстриртаат дека биле подготвени на се за да добијат предност во конфликтот.

„Веќе нема никакви граници или црвени линии кои не се преминати“, изјави тој додавајќи дека во источниот дел на Алепо кој е под опсада веќе 150 денови биле заробени над 250 илјади луѓе, додека од саботата досега од нивните домови биле истерани 25 илјади луѓе, главно жени и деца.

Жители на Алепо го напуштаат источниот дел на градот, 29.11.2016.
Жители на Алепо го напуштаат источниот дел на градот, 29.11.2016.

О’Брајен исто така рече дека во градот веќе немало ниту една функционална болница и оти се очекува голем бран бегалци. Американската амбасадорка во Обединетите нации Саманта Пауер оцени дека акцијата на сириската армија и нејзиниот сојузник Русија е едно од најекстремните бомбардирања врз цивилни области досега.

„Кога се чинеше дека е невозможно да се замисли поужасна ситуација, всушност кризата се влоши“, рече таа.

По едногодишното постепено напредување на силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, поддржани од Русија и иранските шиитски милиции, земањето на Алепо ќе претставува голем чекор напред во напорите да се стави крај на востанието, во речиси шест годишниот конфликт во Сирија.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин ги оправда бомбардирања и покрај страдањата на цивилите.

„Ја споделуваме големата загриженост за маките на цивилите во источниот дел на Алепо, но ублажувањето на нивното страдање нема да се случи со прекин на операцијата против тероризмот“, рече тој.

Според Чуркин, оставањето на Сирија и Ирак како терористички калифат и повиците за хуманизам за терористите не се никаква алтернатива.

Официјален Дамаск се надева дека ќе го освои Алепо до крајот на годинава, додека бунтовниците веќе соопштија дека не мислат да се предадат.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG