Претседателот Обама на прес-конференцијата на крајот на самитот изјави дека му рекол на Путин оти е длабоко загрижен за крвопролевањето и хаосот во Сирија.
„Во врска со претседателот Путин, јас немав средба. Разговаравме кратко додека бевме меѓу сесиите. И разговорот беше во согласност со разговорите што ги имав со него во текот на претходните неколку месеци“, рече тој.
Обама додаде дека притоа му укажал на Путин дека САД се уште се длабоко загрижени за крвопролевањето и хаосот кој се сее преку постојаните напади и бомбардирањето од страна на Асад и руската војска против населението во Алепо.
На одвоена прес-конференција, претседателот Путин му заблагодари на Обама за, како што рече, „годините на заедничка работа“, наведувајќи дека му рекол оти ќе биде среќен да го види Обама во Русија доколку сака да ја посети.
Обама и Путин имаа тешки односи. Обама минатата недела изјави дека го предупредил Путин за последиците од компјутерските напади кои и се припишуваат на Москва како обид да се влијае врз изборите во САД.
Обама исто така изјави дека побарал од Путин да помогне во спроведувањето на мировниот договор од Минск за да се запре конфликтот во источна Украина, односно да се постигне политички договор пред да му заврши неговиот претседателски мандат во јануари.
Американскиот претседател исто така рече дека луѓето би требало да почекаат за да видат каква ќе биде работата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп кој почна да го подготвува неговиот тим.
Според Обама, реалноста во Белата куќа може да го принуди Трамп да ги прилагоди неговите гледишта и ставови за многу прашања.
На слично мислење и е рускиот претседател Путин кој во Лима изјави:
„Што се однесува до новоизбраниот претседател на САД, сите ние јасно разбираме и секој знае дека постои голема разлика меѓу предизборната реторика и вистинската политика, практично во сите земји“, рече Путин.
Според него, новоизбраниот американски претседател ја потврдил намерата за нормализирање на односите со Русија, додавајќи дека иста е и намерата на Москва.
Тој додаде дека е „голема можноста“ да се постигне договор за кратење на нафтеното производство до крајот на овој месец со цел да се зголеми центата на нафтата.
Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК, вклучувајќи ја и Русија, на 30 ноември ќе се состане во Виена за да го финализира договорот.