Достапни линкови

Жестока прва дебата меѓу Клинтон и Трамп


Жесток прв дуел меѓу Клинтон и Трамп
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Жесток прв дуел меѓу Клинтон и Трамп

Американските претседателски кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп дебатираа за економската и за надворешната политика во тензичен дирeктен дуел. Притоа разменија навреди и постојано си попречуваа во првиот од трите предвидени јавни дебати пред претседателските избори на осми ноември.

Клинтон и Трамп се поздравија додека влегуваа на сцената за еднa од најочекуваните и можеби најгледани дебати со оглед на тоа што овој настан, како што се проценува, на телевизија го следеле над 90 милиони луѓе.

За време на дебатата Клинтон на ривалот му се обраќаше со Доналд додека тој со секретарка Клинтон.

Но, по учтивиот старт, двајцата почнаа меѓусебно да се напаѓаат.

Притоа Клинтон ги критикуваше темпераментот и кредибилноста на Трамп.

Таа го портретира како човек кој кажува „луди работи“ за да биде избран и го обвини дека го охрабрува рускиот претседател Владимир Путин да покренува сајбер напади против американски цели.

„Вие живеете во ваша сопствена реалност“, му рече таа на 70-годишниот милијардер и поранешна ѕвезда на телевизиски риалити шоуа кој досега никогаш не бил на јавна функција.

Трамп ги повтори неговите обвинувања дека сегашниот политички естаблишмент довел Соединетите Држави да бидат ослабени и деморализирани.

„Типични политичари. Само зборување без акција. Звучи добро, но без ефекти“, изјави Трамп.

Поголемиот дел од дебатата беше посветен на економската политика, при што Трамп ја обвини Клинтон дека поддржува трговски договори со кои се зголемува невработеноста дома.

Клинтон, пак, го обвини Трамп за избегнување на даночните обврски.

Во врска со националната безбедност и надворешната политика, Клинтон изјави дека нема сомневање дека зад последните хакирања во Соединетите Држави стоела Русија и оти Трамп директно ја повикал да го прави тоа.

Трамп, пак, кој го пофали Путин дека бил силен лидер, рече дека зад хакирањето можело да стои и Кина.

Тој ја обвини Клинтон за тоа што користела приватен меил за држави тајни.

„Одете на нејзиниот вебсајт. Таа ви кажува таму како да се борите против ИД“, изјави Трамп на што Клинтон одговори: „Барем имам план за борба против ИД“, на што нејзиниот ривал повтори: „Не, не. Вие му кажувате на непријателот се што сакате да направите“.

Во врска со НАТО, Клинтон вети натамошна поддршка на американските сојузници, вклучувајќи ги оние од источното крило на Алијансата кои се загрижени по руската анексија на Крим од Украина.

Трамп кој ја стави под прашалник мудроста на заложбата на Вашингтон кон НАТО, изјави дека Соединетите Држави не би требало да бидат, како што реше „полицајци во светот“.

Ова беше прва дебата на Трамп кој ја доби кандидатурата од Републиканската партија, претставувајќи се како нова личност која може да го потресе Вашингтон. Клинтон е ветеран во ваквите соочувања.

Таа претходно имаше неколку јавни дуели со претседателот Барак Обама кога двајцата се тркаа за кандидат за претседател на Демократската партија во 2008 година.

Двајцата други кандидати за ноемвриските избори, либералот Гери Џонсон и Џил Стејн од Зелените не учествуваат во дебатите бидејќи го немаат постигнато условот од 15 насто поддршка во анкетите.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG