Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, спомнувајќи ги нарушувањата на воздушниот простор, сајбер нападите и пречките во политичките процеси на Европската унија од страна на Москва, изјави дека Русија е закана за единството на блокот од 28 земји членки.
„Јасно е дека стратегијата на Русија е да ја ослабне Европската унија. Имаме една трезвена проценка на реалноста и нема илузии. Зголемувањето на тензиите со Русија не е нашата цел. Ние само реагираме на чекорите што се преземени од Русија“, рече тој.
Туск, додаде дека ЕУ сака да го зачува единството во врска со ова прашање.
„Се разбира, Европската унија е секогаш подготвена на дијалог, но ние никогаш нема да ги загрозиме нашите вредности и принципи. Затоа лидерите се согласија да останат на нивниот курс и пред се да го запазат единството на ЕУ“, вели тој.
Туск додаде дека европските лидери, исто така, се согласиле да ги разгледаат сите опции кои им се на располагање, доколку руската војска продолжи да врши злосторства во Сирија заедно со сириската армија.
„ЕУ повикува на ставање крај на злосторствата и итен прекин на непријателствата“, рече Туск, додавајќи дека е побарано од шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини да ги продолжи дипломатските и хуманитарните напори.
Сепак, евролидерите се воздржаа во нивните заклучоци од самитот во спомнатите опции да бидат вклучени и нови санкции.
Оценувајќи дека имале многу интензивна размена на ставови во поглед на односите на Европската унија со Русија, германската канцеларка Ангела Меркел изјави:
„Од една страна, ние сакаме да имаме добри односи со Русија, ние сакаме да ги задржиме отворени каналите за контакт и размена, сакаме да останеме во контакт со различни групи во општеството, но од друга страна, сакаме да биде многу јасно во нашите контакти за тоа каде сме, особено во однос на последните случувања во Сирија. И тука постои широка согласност“, рече таа.
Францускиот претседател Франсоа Оланд ја повика Русија да го прекине бомбардирањето на Алепо.
„Ако Русија ги продолжи воздушните напади, исто така, ќе биде изложена на одговор од Европската унија, но се уште не сме таму. Значи нема одлука за санкции вечерва“, рече тој.
Русија, која го поддржува сирискиот претседател Башар ал Асад, соопшти дека ќе го прекинува бомбардирањето на источниот дел на Алепо по 11 часа на ден во наредните четири дена, но тоа, според Обединетите нации не е доволно за евакуација на цивилите од тој дел на градот што е под контрола на бунтовниците.