Вести
Отпуштања или затворање на Утрински
Да се намали бројот на вработени, во спротивно ќе се затвори весникот. Ваква опција им била понудена на новинарите и другите вработени во Утрински весник, велат новинари во весникот. Сегашни и поранешни вработени во Утрински весник, но и многу други луѓе на Фејсбук веќе го споделуваат хаштагот #иЈассумУтрински.
види ги сите денешни вести
Одложено судењето за „Организатори на 27 април“, Кривичен ќе одлучува по барањето за амнестија
Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ е одложено за 23 јануари откако на денешното судење Јавното обвинителство дало мислење за примена на Законот за амнестија за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски, а истото не се однесува на обвинетиот Владимир Атанасовски.
Како што информираат од Кривичен суд за МИА, Судот мислењето го доставил до странките во постапката и рочиштето се одложило за 23 јануари до кога треба да одлучи по барањето на странките и мислењето на обвинителство.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за МИА потврдија дека го дале мислењето по упатства од Апелациониот суд кој во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година. Оттаму најавија повеќе детали во текот на денот.
Претходно, обвинетите кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, поднесоа барање до Основниот кривичен суд да одлучи по поднесокот за амнестија, без да се изведуваат материјални и вербални докази.
Претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, тогаш информираше дека во поднесокот обвинетите навеле дека е потребно Судот да донесе решение за примена на Законот за амнестија, бидејќи веќе има воспоставено таква пракса, односно Кривичниот совет во 2018 година има донесено решение за амнестија во тек на главна расправа, во фаза на доказна постапка, и не се чекало завршување на доказната постапка.
„Во прилог е доставено решение на Кривичен совет, Одделение за организиран криминал и корупција, од 20.12.2018 година со образложение дека решението било донесено во текот на главна расправа, во фаза на доказна постапка и не се чекало завршување на доказна постапка. На Јавното обвинителство ќе му доставам примерок од ова решение, како и примерок од поднесокот… Јас го разгледав поднесокот и вистина е дека донесено е решение за амнестија во текот на доказна постапка, не само за обвинетиот во наведениот случај, туку и за други обвинети, меѓутоа јавниот обвинител нека се произнесе и нека даде мислење, со оглед на тоа дека овој поднесок го примивме во текот на денешниот ден“, посочи судијата Трпков.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.
Основниот кривичен суд Скопје на 26 јули 2021 година им изрече вкупно 25 години затвор на четворицата обвинети за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“. Шест ипол години казна затвор доби поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, 6 години и три месеци казна затвор екс-министерот за образование Спиро Ристовски, и 6 години и три месеци казна затвор министерот за транспорт Миле Јанкиески, додека екс директорот на УБК Владимир Атанасовски доби шест години казна затвор.
Мицкоски: Нашето законодавство предвидува сè што треба за лицата на црната листа
Владата нема да презема чекори спротивни на Уставот, туку секогаш ќе работи во насока на позитивните законски норми и Уставот коишто се за нас два клучни столба, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе донесат закон за рестриктивни мерки за лица кои се наоѓаат на црната листа на САД.
Мицкоски, кој денеска (24 декември) присуствуваше на ставање на камен темелник на спортска сала во Црешево, рече дека законодавството има предвидено сè што е потребно за лицата кои се дел од црната листа на САД.
„Она кое што е констатирано од одлуката на САД, а е содржано во листата на санкции каде што се опфатени овие имиња, тоа е судија од Апелација и поранешен член на владата е практично дел од основаното сомневање на обвинителството. Мислам дека имаме доволно квалитетни процедури во рамките на системот ова да го завршиме. Ние нема да преземаме чекори коишто ќе бидат спротивни на Уставот, затоа што тоа не беше причина зошто не гласаа граѓаните“, нагласи Мицкоски.
Во однос на шпекулациите дека поранешниот вицепремиер Артан Груби, за кој судот одреди 30 дневен притвор можно е да добие политички азил во соседна земја, меѓу кои е наведена Албанија, премиерот појасни дека лицето е на црната листа на САД поради основано сомневање за сторен криминал, а не од политички причини.
„Лицето е на листата на санкции на САД и јасно се наведени причините зошто се наоѓа, поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал обвинителството покрена истрага, а судот како што сум информиран изрече мерка за претпазливост, односно притвор во време траење од 30 дена. Така што, тука не станува збор за политички причини, туку очигледно дека има нешто различно од политиката, односно дека постои основано сомневање за сторен криминал. Така што не очекувам дека тоа ќе се случи, но тоа е сепак одлука на тие коишто би влегле во една таква процедура. Јас не би можел тука да додадам или одземам нешто“, истакна Мицкоски.
Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.
И Груби и Бајрами се недостапни за органите на прогонот, а на 18 декември за нив беше распишана меѓународна потерница. На двајцата, ден претходно, судот им одреди мерка притвор од 30 дена.
Истрагата за Груби следуваше откако претходно на 9 декември тој, заедно со неговото семејство и судијата Енвер Беџети завршија на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции.
Македонската армија ќе се модернизира и прошири со 300 нови војници
Модернизација и опремување на Aрмијата, обезбеден услов од два проценти од Буџетот за одбраната, како и зголемување на стандардот на вработените и пополнување со помладите во Армијата се трите столба кои се приоритет на Министерството за одбрана и АРМ, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешниот предновогодишен брифинг со новинарите (24 декември).
„Во однос на буџетот би сакал да информирам и да истакнам дека условот за минимум 2 проценти наменет за одбраната е испочитуван. Гледано во пари тој изнесува 329 милиони евра, од кои 32 проценти, односно 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе“, истакна Мисајловски.
Модернизацијата и опремувањето, како што истакна министерот е процес, кој се реализира согласно планирањето на Армијата и согласно сите цели на способности. Испораката на сите 96 „ЈЛТВ“ возила и возилата „страјкер“ треба да заврши до крајот на годината, а исто така до крајот на 2025 треба да пристигнат и нарачаните системи „Боран“ и „Мистрал“. Тој појасни дека во делот на модернизација влегуваат и осум хеликоптери.
Мисајловски најави и започнување на постапка за прием на нови 300 професионални војници.
„Следната година ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата се разбира ќе го погледне огласот и ќе се пријави. Со тој начин зголемуваме припадници во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Продолжуваме и со прием до 60 граѓани со цивилни факултети, а исто така, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што е дополнителни вработувања се разбира за оние категории што се најпотребни во МО“, рече првиот човек во одбраната, додавајќи дека наредната година ќе се инвестира во најголем дел од капацитетите на МО кои се во лоша состојба.
Во однос на задолжителен воен рок министерот рече дека во овој момент не размислуваат на таа тема, бидејќи нема такви иницијативи.
На новинарско прашање за дополнителна помош за Украина Мисајловски рече дека веќе ги информирал медиумите дека поминал еден пакет на затворена седница на Влада и дека сега се во фаза на завршување на таа постапка и потпишување меморандум.
„За нови пакети во овој момент не се разговара, но ќе ги разгледаме сите опции. Доколку негде можеме да помогнеме ќе помагаме, но мој став и мој приоритет ќе биде пред се модернизација и целосно фокусирање во овој момент на нашата армија“, додаде Мисајловски.
Министерот меѓудругото, информираше и дека веќе се прави ревизија на сите постапки во рамки на службите на АРМ.
Хјуман рајтс воч повикува на одговорност за „бруталното“ насилство врз грузиските демонстранти
Хјуман рајтс воч (ХРВ) повика на истрага од страна на грузиските безбедносни сили за „бруталното полициско насилство“ врз претежно мирните демонстранти кои излегоа на улиците на антивладините демонстрации.
Полицијата се судри со демонстрантите повеќе од две недели, при што беа приведени десетици и повредени голем број луѓе кои ја обвинуваат владата на владејачката партија Грузиски сон за оддалечување на земјата од Европската Унија (ЕУ) и блиски односи со Москва.
„Во широко распространети и јасно криминални дејствија, безбедносните сили бркаа, насилно ги приведоа и тепаа демонстрантите. Полицијата, исто така, ги мачеше и на друг начин ги малтретираше во полициски комбиња и полициски станици“, се вели во извештајот на ХРВ од 24 декември.
Политичката криза избувна откако Грузиски сон победи на изборите во октомври, за кои Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека биле нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.
Митинзите се интензивираа по минатомесечната одлука на владата да ги одложи преговорите за пристапување на Грузија во Европската Унија.
Властите реагираа насилно на демонстрациите, апсејќи стотици луѓе во последниве недели и внимателно следејќи ги учесниците со надзорни камери способни за препознавање лица.
Десетици демонстранти како и новинари кои ги следеа собирите беа претепани и приведени од полицијата.
„Нивото на насилство од страна на властите врз главно мирните демонстранти е шокантно, јасно одмазднички и ги крши домашните закони и меѓународните норми на Грузија“, рече Хју Вилијамсон, директор за Европа и Централна Азија во Хјуман рајтс воч.
„Степенот на полициска злоупотреба на демонстрантите и неуспехот на грузиските власти да ги повикаат на одговорност за тоа укажува дека тие или го одобрија или го простија насилството“, рече тој.
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили на 22 декември го повика Грузиски сон да одреди датум за нови парламентарни избори до 29 декември. Зурабишвили е во судир со владејачката партија од парламентарните избори во октомври, кои опозицијата одбива да ги признае.
Грузиски сон негираше какви било изборни нерегуларности и одби да ја разгледа можноста за нови избори и покрај речиси секојдневните протести.
Грузија доби статус на кандидат за ЕУ во декември минатата година, но односите со Брисел беа затегнати во последните месеци по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ во мај, протуркан во парламентот од Грузиски сон, партијата на власт од 2012 година.
Критичарите велат дека законот им се заканува на медиумите и граѓанските групи и е сличен на рускиот закон што го користи Кремљ за да ги задуши политичките противници и граѓанското општество.
Иако Грузиски сон првично ја поддржа за нејзината успешна претседателска кандидатура во 2018 година, Зурабишвили беше „трн во окото“ на владејачката партија.
Иако официјално непартиската претседателка иам пграничена церемонијална улога, таа го критикуваше Грузиски сон за неговиот се поавторитарен став.
Претходно овој месец, изборниот колеџ во кој доминира Грузиски сон го избра Михаило Кавелашвили, 53-годишен поранешен фудбалер и десничарски популист, за следен претседател на Грузија.
Неговата инаугурација треба да се одржи на 29 декември, иако 72-годишната Зурабишвили, чиј мандат истекува оваа година, рече дека нема да оди никаде.
Законот за „странски агенти“, кој бара организациите кои добиваат значителни странски средства да се регистрираат како странски агенти, стапи на сила на 1 август, предизвикувајќи остри критики од меѓународните и домашните актери.
Минатата недела владата вети дека ќе го измени законот, иако не даде детали за измените што ќе ги направи.
Молдавската претседателка Маја Санду положи заклетва за втор мандат
Прозападната претседателка на Молдавија, Маја Санду, положи заклетва за втор мандат во она што аналитичарите го нарекуваат критична пресвртница за интеграцијата на една од најсиромашните европски земји во Европската Унија.
Санду го победи својот противник, пријател на Русија, Александр Стојаногло, во вториот круг од изборите минатиот месец.
Победата на Санду дојде како олеснување за западните партнери на Молдавија кои ја поздравија победата на Санду како доказ дека демократијата може да победи над руското мешање.
Санду во својот говор на инаугурацијата рече дека се надева дека нејзиниот втор и последен четиригодишен мандат ќе го поврза со нејзиното наследство за „Молдавија во Европската Унија“.
За време на првиот мандат на Санду, Молдавија обезбеди статус на кандидат за ЕУ во 2022 година и ги отвори пристапните преговори на почетокот на оваа година и се приклучи на режимот на санкции на ЕУ против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Минатата недела Европската Унија ја поздрави Молдавија за успешното спроведување на претседателските избори и референдумот за внесување на пристапот во ЕУ во уставот“, истовремено критикувајќи ги „хибридните обиди за поткопување на демократските институции во земјата“.
Молдавските власти со месеци предупредуваа на закани од Русија кои вклучуваа дезинформации и милиони незаконски плаќања на неформална мрежа на организатори против ЕУ.
Во исто време, тие, исто така, ги одбранија сајбер нападите и фалсификатите и јавно се соочија со лажните наративи кои имаат за цел да влијаат на исходот од гласањето.
Санду (52) стана првата жена претседател на Молдавија со убедлива победа во 2020 година и вети дека ќе се бори против корупцијата. Таа важи за прозападно ориентирана политичарка.
Стојаногло (57) пак водеше кампања на тема „закон и ред“, иако критичарите го критикуваа за, како што велат, неуспехот да се справи со корупцијата на високо ниво за време на неговото време како главен обвинител на Молдавија.
ДКСК: Нема основа за постапување против директорот на АНБ, Христовски
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
На денешната седница (24 декември), ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ. Сепак беше истакнато дека Комисијата нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.
Според пријавите, постојат сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски. Подносителите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси.
Според ДКСК, сите доставени податоци поврзани со Христовски биле во насока на исполнување на критериумите.
Како што посочи членот Цвета Ристовска исполнет е условот за државјанство на државава, условот да нема државјанство на друга држава, како и условот за положени испити.
„Врз основа на сомнежите за валидноста на приложените документи, ДКСК постапувајќи по своите надлежности побара вонреден инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат во наведениот факултет со цел проверка на приложените уверенија и дипломи за стекнати 240, односно 180 кредити. ДПИ постапи и достави допис во кој се констатира дека нема неправилност во работењеото на универзитетот, односно приложените уверенија и дипломи се издадени во согласност со законски прописи“, рече таа, дополнувајќи дека ДКСК нема надлежност за директна експертиза на документите.
Во врска со условот за 12 години искуство од кои пет години на раководни функции, од ДКСК информираа дека од страна на владата е доставен доказ дека има работно искуство.
Во однос на условот да поседува еден од меѓународно признати сертификати за познавање на англиски јазик, не постар од пет години, оттаму посочија дека лицето поднело сертификат издаден во 2022 година кој формално правно ги исполнува законските критериуми.
„Поради сомневање за автентичноста за наведениот сертификат, ДКСК истакнува дека нема овластување да проверува и утврдува автентичност на документите кои бараат експертиза надвор од надлежностите на ДКСК, согласно закон. Надлежноста е на основно јавно обвинителство каде што е доставена кривична пријава, а документот е валиден додека не се докаже спротивното“, посочи Ристовска.
Според ДКСК, валидни се и условите да не му е изречена забрана за вршење професија, да не е член на политичка партија и да има исполнето безбедносна проверка.
Во однос на условот да не е поведена постапка за постоење на судир на интереси, во документацијата е доставена изјава со која изјавува дека не му е утврдено постоење на судир на интереси, според која ДКСК смета дека е исполнет и тој услов.
Одлуката на ДКСК следува откако во случајот со именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски, спорни беа сертификатот за англиски јазик, за кој постојат сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, потоа дипломата за високо образование, за која имаше сомневања за валидноста од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и документите за работно искуство поврзано со тоа дали Христовски има доволно години стаж на раководни позиции, како што е предвидено со законските услови.
Овие сомневања беа предмет на истрага од страна на ДКСК и други надлежни институции.
Српската листа ќе се жали на одлуката ка косовската изборна комисија да не учествува на изборите
Претседателот на Српската листа, Златан Елек изјави дека во текот на денот (24 декември) ќе поднесе приговор до Избирачкиот совет за жалби и приговори и дека очекува да се поништи одлуката на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) со која на оваа партија не и е потврдено учество на изборите на 9 февруари.
На прес-конференција во Северна Митровица, Елек оцени дека со оваа одлука на Централната изборна комисија косовскиот премиер Албин Курти сакал да ги „елиминира“ од изборната битка.
„Ова е институционално и законско насилство врз српскиот народ, врз Српската листа, бидејќи Курти не сака да ги види пратениците на Српската листа во косовскиот парламент, туку сака Србите да бидат послушни во тој парламент“, рече Елек.
Елек рече и дека е горд што во видеото на кое Српската листа ги претставува своите кандидати за пратеници наместо „Да живее Косово“ кажал „Да живее Србија“.
Денеска ви кажувам дека сум горд што сум Србин, што ги кажав тие зборови и цврсто стојам зад тие зборови“, додаде Елек.
Тој посочи и дека терминот Косово и Метохија го користат и лидерите на другите српски политички партии, но дека само Српската листа е критикувана бидејќи е „трн во око на Курти“.
Централната изборна комисија во понеделник (23 декември) не ја завери Српската листа за учество на парламентарните избори на 9 февруари, бидејќи се спротивставија двајца членови на ЦИК кои се од владејачката партија, движењето Самоопределување - Сами Куртеши и Албан Красниќи.
Куртеши образложувајќи ја оваа одлука рече дека Српската листа не го признава Косово како држава и дека редовно го користи терминот Косово и Метохија.
Ваквата одлука е донесена и покрај тоа што Управата за регистрација и потврда на политички субјекти препорача верификација на Српската листа за учество на изборите на 9 февруари.
Српската листа е најголемата партија на косовските Срби и има поддршка од Белград.
Куртеши упати низа критики за Српската листа кога е во прашање односот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и нивниот поранешен потпретседател на партијата, Милан Радоичиќ, кој поднесе оставка кога ја презеде одговорноста за вооружениот напад во Бањска. Во тој напад во септември минатата година, кој Косово го окарактеризира како терористички, беше убиен еден полицаец.
Куртеши подвлече дека Српската листа никогаш не се оградила од овој напад, ниту пак го осудила.
Во меѓувреме, меѓународната заедница изрази загриженост дека процесот на сертификација на политичките субјекти е „политички мотивиран“ и ја повика Српска листа да го искористи своето право и да се обрати до Изборниот совет за приговори и жалби.
Амбасадата на САД во Приштина оцени дека „е неопходно гласачите, а не политичките тела да одлучуваат кој ги застапува“.
Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде, рече дека е неопходна еднаква примена на законот за сите и дека процесот на сертификација не треба да се политизира.
Слични реакции испратија и Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ.
Невладините организации кои ги следат изборните процеси посочија дека Централната изборна комисија донела одлука „спротивна на законот и другите важечки прописи“.
За 15 дена, речиси 25000 сириски бегалци од Турција се вратиле дома
Повеќе од 25 000 сириски бегалци се вратиле во Сирија преку турската граница во последните две недели, изјави денеска (24 декември) турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Турските власти претходно соопштија дека во периодот од 9 до 13 декември, 7621 Сиријци се вратиле во својата татковина, откако падна режимот на Башар ел Асад.
„Во Турција, која со Сирија дели граница подолга од 900 километри, се уште живеат околу 2,92 милиони Сиријци што избегале од војната“, соопшти Јерликаја за државната новинска агенција Анадолија.
Меѓу нив, повеќе од 500 000 Сиријци живеат во Истанбул, најголемиот град во Турција, додаде министерот.
Дамаск падна во рацете на милитантната Хајар Тахрир ал Шам (која е означена за терористичка организација од САД) и неговите сојузници на 8 декември. Русија изврши десетици воздушни напади откако милитантите ја започнаа својата офанзива против силите на Асад кон крајот на ноември, но ограничената интервенција на Москва направи малку за да го запре напредувањето на бунтовниците.
Падот на владата на Башар ал Асад од рацете на бунтовниците, вклучително и фракциите поддржани од Анкара, практично ја направи Турција доминантен странски актер во Сирија на сметка на Иран и нејзиниот сојузник Русија.
Во јануари почнува процедурата за враќање на задолжителен воен рок во Хрватска
Во јануари идната година, по претседателските избори, во Хрватска ќе почне правната процедура за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година, соопшти на 24 јануари хрватското Министерство за одбрана.
Во 2008 година, Хрватска привремено го суспендираше задолжителниот воен рок, а оттогаш тој се служеше само доброволно.
„Министерството за одбрана подготви законски предлози кои ја регулираат основната воена обука, како и други прашања поврзани со спроведувањето на воената служба“, го објави хрватската државна радио и телевизија одговорот на Министерството за одбрана.
Постапката за донесување на законот ќе започне во јануари 2025 година, се додава во соопштението на Министерството за одбрана.
Ресорниот министер Иван Анушиќ во септември изјави дека регрутите ќе бидат сместени на три локации.
„Потенцијалот е помеѓу 17000 и 18000 млади мажи кои полнат 18 години и се наши идни кандидати за основна воена обука“, најави тогаш Анушиќ за време на обиколката на касарната во Бјеловар.
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој е и врховен командант на вооружените сили, не се спротивстави експлицитно на воениот термин. Но, тој бара за оваа тема да се расправа на седница на Советот за одбрана.
Во соседна Србија, задолжителниот воен рок, кој беше укинат на 1 јануари 2011 година, ќе биде повторно воведен во 2025 година. Оттогаш, приклучувањето во армијата е само доброволно.
Освен од Србија и Хрватска, и од Црна Гора најавија дека размислуваат за задолжителен воен рок, кој беше укинат во 2006 година.
Руски товарен брод потона во Средоземното море
Рускиот товарен брод Урса мајор потона во Средоземното Море меѓу Шпанија и Алжир, а двајца членови на екипажот се водат за исчезнати, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.
Бродот потонал по експлозија во машинската соба, а 14 од 16-те членови на екипажот биле спасени и донесени во Шпанија, соопшти Министерството.
„Бродот беше под санкции и, според украинските медиуми, наводно бил користен за транспорт на руско оружје и опрема од Сирија“, се вели во соопштението на руското министерство за социјалната мрежа X.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете