Достапни линкови

 Се отвори „Пандорината кутија“ со сертификатите за англиски јазик


Колку функционери седнале во столче со лажен сертификат? (илустрација).
Колку функционери седнале во столче со лажен сертификат? (илустрација).

Во лиценцирани школи за странски јазици во Северна Македонија може да се полагаат 6 различни тестови за познавање на англиски јазик, меѓу кои и ТОЕФЛ и Кембриџ. МВР не открива дали ќе ги проверува само сертификатите од Бугарија или Албанија. Поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска смета дека ова треба да се јавно достапни документи во биографиите на функционерите

За кои функционери, поради кои причини и по кои критериуми им се проверуваат биографиите на околу 500 актуелни и поранешни функционери се прашањата на РСЕ на кои денеска не даде одговор министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски. Тој вчера само кусо ја соопшти бројката на функционери чии сертификати ќе се проверуваат во МВР.

Полицијата ќе проверува дали и за други функционери како за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски постои сомнеж дека користеле лажен ТОЕФЛ сертификат за познавање на англиски јазик, добиен од бугарска фирма во Пловдив, кој им послужил при вработување.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не открива повеќе детали ни на прашањето дали полицијата ја проверила валидноста на ТОЕФЛ сертификатот на Христовски.

Само додаде дека тоа не било тема на разговор на вчерашната конститутивна седница на Советот за безбедност во претседателската вила Водно каде што беше присутен и Христовски.

Но овој случај на новиот директор на АНБ Христовски ја отвори „Пандорината кутија“ со сертификатите на функционерите за познавање на странски јазици.

Недостига систем за верификација

Случајот со сертификатот на Христовски го истражува и Антикорупциската комисија.

Според поранешните антикорупционери, пак, проблемот со сертификатите лежи во недостигот на систем за нивна проверка, односно дали некој воопшто проверува дали се релевантни податоци од биографиите на кандидатите за функционерските столчиња.

Поранешната претседателка на државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Билјана Ивановска вели дека и во нејзиниот мандат постапувале со приличен број на слични предмети за неколку директори и еден именуван функционер од Собранието.

Антикорупционерите од претходниот состав заклучиле дека не e воспоставен јасен систем на контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите за познавање на странски јазици кои се стекнати во странство.

„Мене ми се наметнува едно логично прашање, зошто сите трчаат да полагаат во Бугарија или Албанија кога има и тука можност да се полага. Самиот тој чин остава простор за сомнеж дека нешто не е како што треба, односно дека се носат лажни сертификати. Еве праксата и го покажува тоа“, вели Ивановска.

Последните случаи за кои веќе две недели се зборува во јавноста со лажните сертификати наметнуваат потребата од проверка на сите сертификати кои се стекнати надвор од земјава за сите назначените раководители и фунционери.

„И би требало да се отвори Пандорината кутија, затоа што конечно се работи за верификување на документите дали се точни или не. Преку тоа ќе се види дали тие што сакаат да бидат на раководни позиции, лажат или не лажат. Не може некој да раководи со институција а од друга страна да носи лажни документи. Затоа и предлагам секој што си донел од надвор сертификати, да си полагаат во земјата и кој си положи, си положи, кој не, да си ги сноси последиците“, вели Ивановска.

Билјана Ивановска, поранешна претседателката на Државната комисија за спречување корупција
Билјана Ивановска, поранешна претседателката на Државната комисија за спречување корупција

Поради искуството со спорни сертификатит за познавање на странски јазик издадени надвор до земјава, ДКСК му препорачале на Министерството за образование да најде соодветен начин за надзор на тоа полагање во земјава. До Собранието дале препорака на својата веб страница заедно со другите собраниски материјали да ги објавува и сите биографии на избраните и именувани лица заедно со документите кои ги потврдуваат информациите во биографиите.

„Ние имавме случај во кој именувано лице од Собранието кое немаше доставено сертификат и кое по три години откако ги баравме документите си ја плати казната, ама не приложи сертификат“, вели Ивановска.

Но, нивните препораки до сега не се спроведени.

Проблематични сегменти во законите

Според Ивановска потребно е системско решение, затоа што во некои закони е дефинирано дека кандидатот за раководна позиција е потребно да се приложи сертификат или уверение. Но проблемот е и што не се прави разлика меѓу уверение кое покажѓува дека кандидатот посетувал часови, но сертификатот значи дека полоѓил тест и го покажува степенот на знаење.

Во различни закони разлино е наведено каков сертификат е потребно за раководна позиција и тоа создава дополнители забуни и простор за различно толкување. На пример во дел од материјалните закони е наведено барање за сертификат не постар од пет години, ама некои сертификати како ТОЕФЛ има важност од две години, додека Кембриџ сертификатите се издаваат само еднаш.

Како доказ за соодветно познавање на странски јазик постои можност за полагање на 6 различни тестови кои имаат различна скала на бодување и методологија. И сите тие може да се полагаат во земјава, во училишта за странски јазици кои имаат лиценца за тоа.

Министерот молчи, а приемиерот прстот го впери во опозицијата

И додека министерот Тошковски не открива детали, премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница посочи на сомнителни сертификати на функционери од опозицијата.

Станува збор за слично обвинување упатено кон поранешната директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска од СДСМ, која исто како Христовски својот сертификат го добила во Бугарија, но во друга школа за странски јазици.

Овој пат станува збор за Кембриџ сертификат кој во земјава може да се добие само во Центарот за странски јазици, затоа што само тој посредува за полагање на тој тест во соработка со српската канцеларија на Британскиот совет.

Лукаревска ги демантира обвинувањата за лажен сертификат.

„Документот што сум го приложила е веродостоен сертификат за моето познавање на англиски јазик, ниво Б2 (FCE) ,“ изјави кусо Лукаревска за Радио Слободна Европа.

И Обвинителството и ДКСК сега во посебни проверки ја утврдуваат точноста на сертификатот на Христовски.

Христовски во телевизиско интервју изјави дека го добил сертификатот во 2022 година, од бугарската школа за странски јазици „Јулија Ко“во Пловдив затоа што тоа бил најбрзиот можен начин. Но, според податоците од бугарскиот регистар, во тој период фирмата не можела да издаде сертификати затоа што не била активна, јавува 360 степени.

Истата година, во истото училиште, тврделе дека добила сертификат директорка на училиште и директорка на болница, кои месецов на суд признаа и се осудени дека сертификатите им биле фалсификат, покажуваат пресудите објавени на судскиот портал.

Ова се само дел од податоците кои го создаваат сомнежот дека сертификатот на Христовски можеби е лажен.

Сопственичката на бугарската школа за странски јазици Јулија Иванова Тодорова до објавувањето на овој текст не одговори на нашите прашања испратени на нејзиниот меил, дали Христовски полагал во нејзиното училиште за ТОЕФЛ сертификат во 2022 година и дали во изминативе две години нејзиното училиште функционирало и издавало ТОЕФЛ сертификати.

Податоците од бугарскиот централен регистар покажуваат дека оваа компанија последните приходи ги пријавила во 2017 година.

До сега Христовски не одговори на тврдењата во јавноста за лажниот ТОЕФЛ сертификат. Тој чека и одлука за избор на асистент на Факултетот за безбедност.

„Но се додека надлежна институција не ја докаже вистинитоста на сомнежите во јавноста, не може да има прекин во постапката за избор на новиот директор на АНБ за асистент на факултетот за безбедност, поради сомнежите за јазичниот сертификат, иако тоа е еден од општите услови“, појасни Светлана Николовска, претседател на рецензентската Комисија во интерјву за Топ Тема.

Аферата за лажните Кембриџ сертификати на Академијата за судии и обвинители без правен епилог

Ова не е прва ваква афера. Претходно во 2017 година беше поништен огласот на Академијата за прием на 60 слушатели на почетна обука за кандидати за јавни обвинители, откако беше утврдено дека 30-тина од пријавените доставиле лажни Кембриџ сертификати за познавање на англиски јазик на ниво Б2.

Од Обвинителството за РСЕ велат дека оваа предистрага завршила со резолуција, тоа значи дека во таа фаза се исцрпени сите истражни дејствија и дека не се обезбедени доволно докази за утврдување на кривично дело.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG