Вести
Две директорки осудени на условна за лажни сертификати од фирмата од која потекнува и сертификат на директорот на АНБ Христовски
Една директорка на училиште и една директорка на болница биле осудени на условни затворски казни откако признале вина за фалсификување на ТОЕФЛ Сертификат од училиштето „Јулија, ЦО. ЛТД “ во бугарскиот Пловдив, кое е истото училиште што се јавува како издавач на неговиот јазичен сертификат го посочува новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, јавува порталот „360 степени“.
И двете признале вина за што добиле условни затворски казни од две години кои би се реализирале доколку во наредните 4 години сторат ново кривично дело.
На 14 февруари, Министерството за внатрешни работи предводено од тогашниот министер во техничката влада Панче Тошковски, поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина
Пресудата е донесена на 9-ти октомври годинава. Обвинителството преквалификувано делото и наместо за „употреба на исправа со невистинита содржина“ како што стоело во пријавата на МВР, директорките се гонети за фалсификување односно дека изработиле непостоечки документ.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски во својата биографија со која конкурирал за асистент на Факултетот за безбедност навел дека има сертификат од истата јазична школа Јулија во Пловдив во Бугарија за која и бугарски новинари открија дека не постои на локацијата и не се занимава со издавање на ТОЕФЛ сертификати.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до институцијата пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор. Оттаму дополнително велат дека ќе се разгледува и овој спорен дел кој се однесува на исполнување на условот поседување на сертифкат ТОЕФЛ.
„Наводите се однесуваат на неисполнување на услови за именување на директор. Конкретно во делот на образование, стекнување со безбедносен сертификат, како и припадност на политичка партија. Тоа се наводите во оваа анонимна пријава. Предметот е распределен кај член. Ќе се отпочне со обезбедување на потребна документација до АНБ и Владата како орган кој го именува. По рокот за достава на овие податоци од 15 дена, и по обезбедување на документација и утврдување на фактичката состојба ќе донесеме одлука на јаван седница, изјави неодамна претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска.
Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика реакции во јавноста. Тој до неодамна беше член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.
Опозицискиот СДСМ побара Владата да го повлече Бојан Христовски од функцијата директор на АНБ. Социјалдемократите изразија сериозни сомнежи во врска со исполнувањето на условите за негов избор на позицијата, велејќи дека е некомпетентен кадар кој ќе му служи на премиерот Христијан Мицкоски.
Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски.
види ги сите денешни вести
Јапаров предлага нова национална химна за „развојот“ на Киргистан
Киргистанскиот претседател Садир Јапаров вели дека планира да ја ревидира националната химна на земјата за соодветно да го претставува „еволуирачкиот“ идентитет на нацијата.
Во интервју за весникот „Кабар“ на 30 октомври, Јапаров рече дека верува оти сегашната химна, усвоена пред 33 години, не инспирира патриотизам и единство и не го зајакнува духот на современото киргистанско општество.
„Сегашната химна е напишана не долго откако станавме независни. Ни треба нова химна што ќе ја отелотвори нашата богата историја и силната нација што стануваме“, рече тој.
Сегашната химна на Киргистан беше усвоена на 18 декември 1992 година. Текстот го напишаа Џалил Садиков и Шабданбек Кулуев, а мелодијата Насир Давлесов и Каљи Молдобасанов.
Иницијативата уследи по контроверзните промени на Јапаров на националното знаме во 2023 година.
Знамето е црвено, а во центарот е Сонцето со 40 краци кои ги претставуваат 40-те киргистански племиња. На предната страна на знамето, сончевите зраци се движат во насока спротивно од стрелките на часовникот, додека на задната страна на знамето зраците одат во насока на стрелките на часовникот. Вкрстените трски во внатрешноста на сонцето го претставуваат погледот од внатрешноста на јуртата кон небото.
На 20 декември 2023 година, државниот парламент усвои предлог за коригирање на сончевите зраци за да се избегне претпоставената сличност со сончоглед, што во киргистанската култура може да претставува „променлива и сервилна личност подготвена да ја промени лојалноста кон некого за свои интереси“.
Критичарите, вклучително и опозицискиот политичар Адахан Мадумаров, изразија загриженост за неопходноста од такви промени, сугерирајќи дека тие би можеле да послужат да го одвлечат вниманието од итни социјални и економски прашања.
„Потребни ни се лидери кои се залагаат за зајакнување на нашиот национален идентитет. Нашата историја е богата и мораме да ја почитуваме преку нашите симболи“, рече Јапаров во своја одбрана.
Сиљановска Давкова: Почнати се разговори за нов состав на Комисијата за помилување
Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова денеска на 30 октомври изјави дека по колективната оставка на Комисијата за помилување почнати се разговори за избор на нејзин нов состав, но дека нема да брза со нејзиното формирање.
„Не даде Комисијата отказ. Комисијата од лични и професионални причини поднесе оставка и тоа е нешто друго. И јас, ние сме во разговори за нов состав на Комисијата. Јас никогаш не ги правам брзо работите, признавам. Разговараме, треба сите профили да бидат внатре вклучени за да може навистина на крајот од тој процес на помилување кој почнува во судот, а завршува со потписот, ама претходно одмерувањето од Комисијата, да биде успешно. Разговараме со експерти, со луѓе од невладин сектор, бидејќи секогаш во комисиите има луѓе од здравството, психолог, невропсихијатар, имаше новинар, значи со сите тие категории разговаравме“, рече Сиљановска Давкова.
Прашана за состанокот со членовите на Комисијата во оставка, кој требало да се одржи вчера, претседателката посочи дека е добро време за разговор со сите досегашни членови на ова тело со цел на база на нивните искуства да се одреди какви промени се потребни.
„Што се однесува до состанокот, до средбата – да, тоа беше неколку пати закажувана и одлагана средба заради други настани. Мислам дека е добро време да се слушнат мислењата на сите претходни членови на комисиите за потоа да видиме какви се нивните искуства, кои се нивните сознанија и во кој правец треба да одат промените“кажа Сиљановска Давкова.
Во контекст на последните помилувања, таа и членовите на Комисијата вели, се воделе од филозофијата на заштита на човековите права и дека Комисијата секогаш тргнува од делото што го сторила личноста и од однесувањето на личноста откако ќе влезе во затвор, а судот е тој кој е должен кога го креира досието за осудениот којшто бара помилување, да ги наведе сите релевантни акти, не само пресудите, туку и однесувањето.
„Секој треба да добие шанса за социјализација и за ресоцијализација. Мислам дека најважниот чекор е првиот. Значи, молбите доаѓаат преку судот. Судот е должен кога го креира досието за осудениот и оној којшто бара помилување, да ги наведе сите релевантни акти, не само пресудите, туку и однесувањето исклучиво. Но, да не заборавиме, Комисијата секогаш тргнува од делото што го сторила личноста и од однесувањето на личноста откако ќе влезе во затвор. Ние не можеме понекогаш да создаваме некои слики врз основа на други слики бидејќи тогаш, знаете што, набрзо ќе се соочиме со обвинение од Советот на Европа дека можеби понекогаш сме го суспендирале правото на помилување на луѓето што може да се третира како тортура. Значи, во затворот не седат, а може и да седат само научници, интелектуалци, седат луѓе кои згрешиле и затоа имаат право на помилување доколку по сторената грешка тие направиле чекори на ресоцијализација“, смета Сиљановска Давкова.
Комисијата за помилување викендов поднесе колективна оставка, како што беше наведено, од лични и професионални принципи. Оставката следеше по жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“.
Државните правобранители на протест - или повисоки плати или блокирање на експропријацијата
Доколку не се исполнат барањата на УПОЗ, решавањето на предметите за експропријација на имоти низ кои поминуваат коридорите 8 и 10 ќе бидат блокирани, ова го најави првиот човек на синдикатот Трпе Деаноски. Протестот кој започна денеска и се однесува сите подрачни единици, велат, е одраз на незадоволство од неисполнетото барање за покачување на додатокот на плата.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски на прес-конференција по средбата со членовите на синдикалната организација напомена дека доколку платите не им се покачат платите ќе стапат во штрајк. Тоа, според него, ќе значи и застој во решавањето на предметите поврзани со експропријацијата на парцели низ кои минуваат, автопатските сообраќајници кои се градат.
Деаноски најави дека протестите кои ќе траат по два часа во текот на денот и нивна цел е да се прифати единствено барање за исплата на додаток на плата во висина од 30% на платата.
„Претставници на Владата пред некој ден токму во Гостивар, изјавија дека до нова година ќе се завршат сите постапки за експропријација и дека само за два месеци се завршени 2.432 предмети за експропријација. Само во Гостивар се завршени 1.300 предмети и уште две илјади други. Постапките се само дел од работните задачи на вработените кои се адвокати на државата. Нивната основна задача е да ги штитат интересите и имотот на државата. За жал во изминативе години таа заборави на нив“, рече Деаноски.
Тој посочи дека од постапките за експропријација зависи и рокот за изградбата на автопатиштата, а нив како што нагласи ги водат вработените во Државното правобранителство.
Првиот човек на УПОЗ напомена дека до сега биле побарани средби со владини претставници за нивните барања, но сè уште не добиле одговор.
Од Министерството за транспорт и врски инфромираа за напредокот во процесот на експропријации на парцели за изградба на "Коридор 8" кој според нив во овој период бил интензивен.
Во државните правобранителства има 118 вработени кои примаат околу 28 илјади денари.
„За овој голем проект потребна е експропријација на 4032 парцели, а ние со гордост кажуваме дека до денес сме успеале да експроприерираме 2432 од нив, што е над 50%. Овој резултат јасно ја покажува посветеноста и ангажманот на целиот тим и напредувањето со брзо темпо кон реализацијата на овој важен коридор за Северна Македонија“, стои во информацијата од кабинетот на заменик министерката на Министерство за транспорт и врски.
СДСМ ќе бара директорот на АНБ да реферира за сертификатот на јавна седница на собраниска комисија
Пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција во законодавниот дом соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поднесе иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ Скендер Реџепи, за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, со цел да даде одговори на прашања поврзани со сертификатот по англиски јазик кој го приложил при конкурирањето за директор на Агенцијата.
Според Петровска, именувањето на директор на АНБ е под сомнителни околности и сомнителен серификат за познавање на англиски јазик. Со именувањето на Христовски за директор на Агенцијата, таа вели се руши угледот во НАТО безбедносно-разузнавачката заедница.
„Именувањето на директор на Агенцијата за национална безбедност под сомнителни околности и сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголемиот срам, но и понижување на државата и професионалците кои животот и работниот век го посветија во безбедносно-разузнавачката заедница. Од сите професионалци кои ја градеа оваа држава и оваа заедница, ДПМНЕ го одбра тренерот по кикбокс за директор и не почестија со фалсификуван сертификат. Агенцијата за национална безбедност не е истата онаа од времето на Горан Грујовски и Сашо Мијалков“, рече Петровска.
Петровска вели дека директорот на АНБ треба да даде одговори на прашања поврзани со тоа каде тој престојувал на денот на полагањето за сертификатот по англиски јазик, како и што знае за последните помилувања од страна на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.
„Имаме прашања кои се од значење за интересот на државата и во интерес на јавноста сакаме јавно да ги поставиме и да добиеме одговори. Едно од тие прашања е добиено од свиркачи, вработени во безбедносно-разузнавачката заедница и е следново. Каде бил Бојан Христовски на денот на полагањата? Каде престојувал дента или неколку дена пред датумот на полагањето? Но и многу други, поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата, како на пример што тој знае за скандалозните помилувања. И токму затоа, денеска ќе поднесеме иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата кој ќе даде одговор на овие прашања“ , рече Петровска.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до институцијата пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор. Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, потврди дека за претставката е оформен предмет и веќе се постапува.
Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика реакции во јавноста. Тој до неодамна беше член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.
Кремљ негира дека разговара со Киев за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура
Кремљ го демантираше извештајот на западните медиуми дека Москва и Киев биле ангажирани во тајни преговори за да ги прекинат меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, бидејќи жртвите предизвикани од руските напади продолжија да се зголемуваат.
Повикувајќи се на високи украински извори, „Фајненшл тајмс“ на 29 октомври објави дека Киев сака да ги продолжи разговорите со посредство на Катар за ова прашање, кои беа прекинати во август со упадот на Украина во руската област Курск.
Украина не го коментираше извештајот, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на 30 октомври ги отфрли информациите како „лажни“, велејќи дека кружат гласини „кои немаат никаква врска со реалноста“ и додавајќи:
„Дури и најпочитуваните медиуми не се двоумат да објавуваат такви измислици“.
Од есента 2022 година, Русија систематски ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина, што резултира со огромни штети, недостиг на енергија и беда за украинските цивили, особено за време на зимската сезона.
Во текот на изминатите неколку месеци, Украина, пак, почна да ги погодува руските енергетски центри со свои беспилотни летала, главно рафинерии за нафта и складишта за гориво кои ја снабдуваат руската војска ангажирана во инвазијата на Украина.
Минатиот месец, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека руските напади однеле повеќе од половина од енергетската инфраструктура на Украина, додавајќи дека блокот работи на нејзино обновување.
Во меѓувреме, Русија продолжи да гаѓа цивили во Украина, при што загинаа три лица, а беа ранети уште 15 во нападите врз јужниот регион Херсон, изјави гувернерот на регионот Олександр Прокудин.
Во Киев, девет лица беа ранети за време на напад со руско беспилотно летало рано на 30 октомври, објави градската воена администрација на Телеграм.
Цел на нападот била областа Соломјанкиј, соопштија властите.
„Пожар избувна во неколку станови во повеќекатната станбена зграда. Осумнаесет лица се евакуирани од зградата, 9 се ранети, меѓу кои и едно дете“, се вели во пораката.
Украинските системи за противвоздушна одбрана соборија 33 од 62 беспилотни летала лансирани од Русија во 10 украински региони - Киев, Черкаси, Хмелницки, Харкив, Запорожје, Доњецк, Днепропетровск, Суми, Чернихив и Полтава, објавија украинските воздухопловни сили.
Трудо: Вклучувањето на севернокорејските трупи во Украина може да доведе до ескалација
Премиерот на Канада, Џастин Трудо изјави дека распоредувањето и вклучувањето на севернокорејските трупи во судирот во Украина најверојатно ќе довде до ескалација на војната.
Трудо, во телефонскиот разговор со претседателот на Јужна Корелја, Јун Сук-јеол посочи дека војната значително ќе влијае врз безбедносното опкружување во Европа и во Индо-пацифичкиот регион и предложи продлабочување на соработка помеѓу Канада и Јужна Кореја.
Јун потврди дека распоредувањето на севернокорејските трупи во Русија било побрзо од што се очекувало, додавајќи оти тоа создава опасна ситуација.
Претходно, јужнокорејски владини претставници наведоа дека некои севернокорејски трупи можеби веќе се преместени на линијата на фронтот и изразија загриженост дека не се знае што Русија би можела да му даде на Пјонгјанг за возврат.
Норвешка и даде 127 милиони долари на Романија за нов „Патриот“
Норвешката влада најави дека сојузниците на земјата во НАТО ќе и дадат на Романија 127 милиони долари за делумно покривање на трошоците за новиот ракетен одбранбен систем „Патриот“, кој ќе го замени оној што Букурешт и го донираше на Украина.
Украина го потврди приемот на овој систем од Романија претходно овој месец, откако Букурешт првично се двоумеше да го предаде напредниот систем за противвоздушна одбрана произведен во САД во јуни.
Во 2017 година Романија нарача седум патриоти за цена од четири милијарди долари. Досега има добиено четири од нив. Останатите четири ќе ги испорачаат САД во наредните години.
Цената на еден Патриот чини 400 милиони долари, додека секој проектил чини дополнителни 4 милиони долари.
Мицкоски: Предлог уставни измени во Собранието, пред формирање влада во Бугарија, е наивно
Премиерот Христијан Мицкоски очекува извештајот на Европската Kомисија за напредокот на земјата, што треба да биде објавен денеска (30 октомври), да биде сличен како и претходниот извештај со одредени подобрувања во некои области.
„Од овој извештај од тоа што можам да го добијам како неофицијална информација опфаќа период од 10 месеци од претходната влада и техничката влада, два месеци од оваа Влада и е нешто помал бидејќи е променет форматот за да биде прегледен за граѓаните и за јавноста. Очекувам да биде нешто слично како и минатиот извештај, можеби во некои области да има некакви подобрувања, но да го добиеме и официјално, па ќе го коментираме“, рече Мицкоски.
Во изјава за медиумите дадена денеска во општина Ѓорче Петров, премиерот рече дека ќе даде свое мислење за извештајот откако тој ќе биде објавен.
Во нацрт извештајот на ЕК во кој Радио Слободна Европа имаше увид меѓудругото се наведува дека Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата како што се Бугарите.
Покрај усвојувањето на уставните измени во Извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Мицкоски вели дека доставување на Предлог уставни измени до Собранието пред да биде формирана влада во Бугарија, „би било наивно“ и „таков унилатерален потег би значел целосно загрозување, и на така загрозените евроинтеграции на државата поради авантурите на претходната влада“.
За можноста да се изгради натпартиски став за уставните измени со одложено дејство, Мицкоски, повтори дека во својот говор на 23 Октомври повикал на „натпартиска позиција за многу од отворените прашања“.
Во врска со можноста ЛДП да влезе во владината коалиција, рече дека за тоа не е разговарано ниту во рамки на коалицијата, ниту во рамки на партијата, но дека „секоја поддршка од пратеник што ги поддржува политиките на оваа Влада е добредојдена во рамки на гласањето во Парламентот“.
Иран ја укина забраната за купување најнови модели на Ајфон
Повеќе од 19 месеци откако на Иранците им беше забрането да ги купуваат најновите модели на Ајфон (iPhone), властите на 30 октомври објавија дека забраната е укината.
„Деталите и прописите поврзани со увозот на Ајфон (iPhone) ќе бидат објавени во најблиска иднина“, рече министерот за телекомуникации Сатар Хашеми во објавата на платформата X.
Тој не даде повеќе детали, но рече дека потегот е „поддржан“ од претседателот Масуд Пезешкијан.
Забраната, чија цел беше да го ограничи трошењето во странска валута додека земјата се опоравува од економските санкции поради нејзината нуклеарна програма, беше воведена во февруари 2023 година, со што беше забранета продажбата или увозот на мобилните телефони на Ајфон од серијата 14 и 15.
Тоа не се однесуваше на моделите на Ајфон 13 и претходните, создавајќи масивен црн пазар во земја каде што поседувањето уред од брендот Apple се гледа како статусен симбол. Пред забраната, проценките на аналитичарите покажаа дека околу 1 од 3 паметни телефони биле од моделот на ајфон.
Самиот американски технолошки гигант нема официјално присуство во Иран бидејќи му е забрането да работи во земјата поради санкциите од САД.
Договорот познат како Заеднички сеопфатен акционен план (JCPOA) меѓу Иран и светските сили во 2015 година ја ограничи нуклеарната програма на Техеран во замена за ослободување од санкциите.
Сепак, Иран ја прошири својата програма и ги ограничи инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија МААЕ на неговите нуклеарни локации откако тогашниот претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите Држави од договорот и повторно воведе санкции во 2018 година.
Техеран и Вашингтон немаат дипломатски односи од 1980 година, кога американскиот претседател Џими Картер ги прекина односите поради заложничката криза во Иран.
ЕУ извештај за проширување - Северна Македонија ги нема усвоено уставните измени
Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата како што се Бугарите. Ова, меѓу другото, стои во нацрт извештајот на ЕК во кој Радио Слободна Европа имаше увид.
Бугарите како малцинство и нивниот влез во Уставот на Република Северна Македонија, се дел од нацрт извештајот на Европската Комисија која денеска треба да го објави Пакетот за напредокот на европскиот пат на 10 земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ за 2024 година, меѓу кои е и Северна Македонија.
„Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија“, пишува во нацрт извештајот во кој РСЕ имаше увид.
Во делот посветен за Северна Македонија се вели дека таа дава добар пример за мултиетничко општество, но дека иако се обврзала се уште не ги усвоила уставните измени.
Треба да се зајакне довербата во правосудниот систем. Ова е една од пораките која Северна Македонија ја добива во нацрт извештајот на ЕК а се однесува на владеењето на правото. Особен акцент во извештајот е ставен на високо профилираните судски спорови кои според ЕК мораат да имаат епилог.
„Северна Македонија треба да продолжи да го спроведува спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот за основи, особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава несмалено, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво“, се вели во нацрт извештајот.
За Комисијата од клучно значење е властите дополнително да го интензивираат темпото на реформите поврзани со ЕУ. За тоа во извештајот уште се вели дека Северна Македонија треба да ги преземе неопходните чекори за да напредува во процесот на пристапни преговори и ефикасно да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, правдата и борбата против корупцијата.
„ По првата меѓувладина конференција за пристапните преговори во јули 2022 година, скрининг сесиите за сите шест кластери на правото на ЕУ беа завршени во декември 2023 година. Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг извештајот за основниот кластер , вклучително и во однос на патоказите на земјата во согласност со рамката за преговори, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро и кога ќе се исполнат релевантните услови“, пишува во нацрт извештајот на ЕК.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете