Достапни линкови

Опструкцијата на УБК кон СЈО e преседан


СЈО засега го чека експертот од Ериксон во врска со податоците од опремата за прислушување. Кога тој ќе дојде не е познато, но СЈО и натаму се соочува со опструкции по својата работа за, како што велат упатените, да не можат да се најдат виновниците.

СЈО повторно се соочува со опструкции откако од Управата за безбедност и контраразузнавање и покрај судскиот налог не им дозволија на истражителите пристап до податоците од опремата за прислушување. Со соопштение се јави и Ериксон, фирмата која ја продала опремата и која УБК ја прозва дека треба да му даде одобрение на СЈО во случајот. Но, од Ериксон потенцираа дека не се сопственици на опремата, ниту оперираат со неа. Од СЈО сепак најавија дека експерт од Ериксон треба наскоро да дојде, но не прецизираа точно кога. Се уште чекаме и одговор од СЈО за последниот развој на настаните.

Зачудува и е преседан во правниот систем да не се извршува судски налог од орган како УБК кој е дел од Министерството за внатрешни работи, вели универзитетскиот професор Осман Кадриу.

„Навистина претставува сериозна опструкција на работата на СЈО, а со тоа фактички се оневозможува обвинителството професионално, навремено да ги спроведува сите тие истраги и истражни дејствија со цел сите тие да добијат краен епилог“, вели тој.

Од друга страна, додава Кадриу, кога вака се постапува, станува збор за ново кривично дело кое го прават одговорните во УБК, бидејќи не ја извршуваат судската наредба. Позадината може да претпоставуваме која е, но според него, таа ќе се утврди во понатамошната постапка.

„Но, она што навидум може да се заклучи е дека со овие докази што се бараат и што треба да ги анализира и спроведе СЈО по се изгледа дека ќе се утврди и ќе произлезе дека за сите овие да кажам законски или незаконски, неовластени прислушувања кои се извршени треба да се бараат виновниците внатре во самиот систем во самата институција и по се изгледа од тука ќе почне да се бара разрешницата и разрешувањето на овој комплексен правен проблем за државата“, вели тој.

Обвинители од Основното јавно обвинителство денеска јавно и се обратија на специјалната обвинителка Катица Јанева. Во отвореното писмо тие како што наведуваат, најостро сакаат да и укажат на нивното незадоволство од нејзиното постапување и срамната непрофесионалност со која Јанева правела штета на јавно обвинителската професија.

Основниот суд Скопје 1, пак, соопшти дека за лицата кои се повикани на сослушување за предмети на СЈО, поради тоа што во јавноста се правеле спектакли, отсега благовремено и прецизно ќе информирале за сите донесени одлуки преку соопштенија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG