Достапни линкови

Што може да открие СЈО во УБК?


Процедурите за посебните истражни мерки го кријат клучот за злоупотребата на опремата за прислушување во УБК.

Уште една непроспиена ноќ за тимот на Специјалното јавно обвинителство кој во Управата за безбедност и контраразузнавање се обидува да ги спроведе двата судски налози. Дел од медиумите јавуваат дека техничарите од УБК кои имаат овластувања за пристап до системите за прислушување се вратени во Македонија и се очекува во текот на денот да им се овозможи пристап на тимот обвинители и истражители до системите за прислушување.

Специјалното јавно обвинителство во Управата за безбедност и контраразузнавање веќе два дена е во потрага по клучните докази кои ќе одговорат на прашањата кој и како прислушувал во Македонија. Односно, дали незаконски прислушувала Управата, како што тврди во извештајот Рајнхард Прибе, само еден човек незаконски вметнувал броеви и самоиницијативно прислушувал како што се води во обвинението за „Пуч“ или, пак, скандалот со прислушување е во режија на некои странски служби, како што честопати тврдеа првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ во своите јавни настапи.

Специјалната обвинителка Катица Јанева има судска наредба за преземање од УБК на документацијата за решенијата за посебни истражни мерки во периодот од 2008 до 2015 година и листинзи на телефонски броеви што биле следени од УБК во тој период.

Она што тимот на Јанева може да го најде во новиот систем за прислушување, кој е во функција од минатата година, ќе може да послужи како доказ за тоа чиј телефон лани бил прислушуван и дали истиот се совпаѓа со телефонските броеви на прислушувани разговори кои СЈО веќе ги поседува, односно кои им ги предаде опозицијата, како и тоа дали има судска наредба за такво нешто. Во предметот Тврдина веќе се истражува за уништување на опремата која се користела сè до март лани.

„Овде се работи за нов систем којшто е во употреба официјално од март месец 2015 година. Со оглед дека нашиот мандат се протега повеќе, ние мора да го покриеме и оној дел кој го подразбира и другиот дел од употребата на новиот систем за следење на комуникации. Значи она што системите се уништени, се уништени, тука не можеме ништо, сега гледаме за она што веќе е во употреба да видиме дали во периодот што останува се настанати злоупотреби или не се настанати злоупотреби, ова е предистражна постапка за која тие податоци ни се неопходни“, изјави на вчерашната прес-конференција обвинителката Ленче Ристоска.

Обвинителката Ленче Ристоска
Обвинителката Ленче Ристоска

Таа посочи дека СЈО знае дека дел од помошните системи за прислушување не се во сопственост на УБК, туку на мобилните и фиксните оператори.

„Сепак, не сме отишле ние во министерството неподготвени, туку ние точно знаевме дека тие системи кои не се во сопственост се наоѓаат во просториите на министерството. На министерството останува да објасни нешто што не е во ваша сопственост, што бара кај вас дома“, рече вчера Ристоска.

Упатени во состојбите претпоставуваат дека токму овој сегмент е голем проблем, затоа што операторите ќе треба да им објаснат на своите корисници зошто дозволиле и му дале опрема на УБК за прислушување, која треба по закон да ја имаат во своите простории.

Во препораките на германскиот експерт Прибе е наведено дека УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема и кога сака да прислушува операторите треба да го пренасочуваат сигналот само ако за тоа имаат судска наредба за посебни истражни мерки.

Процедурите за посебните истражни мерки го кријат клучот за злоупотребата на опремата за прислушување во Управата за разузнавање и контраразузнавање.

Првата судска наредба по која во текот на вчерашниот ден тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева почнал да делува е собирање на документација која се однесува на сите издадени наредби за посебни истражни мерки, односно кога УБК постапувала по судска наредба тајно да следи некој човек и да ги следи неговите разговори по телефон. Потоа ќе може да се спореди колку луѓе се легално следени и прислушувани по наредба на суд, а колку се надвор од законот.

Специјалното јавно обвинителство веќе спроведува најмалку три истраги поврзани со следењето на комуникации. Првата е наречена Тврдина и се однесува на уништување на систем за прислушување. Во овој предмет осомничени се двајца началници од УБК, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Вториот предмет е обвинението за уништување и фалсификување на документација поврзана со неовластеното прислушување. Осомничено е службено лице од Петтата управа при УБК.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG