Закири, изјавите на вашиот лидер Зоран Заев за двојазичноста беа проследени со бурни реакции во јавноста, но и тези и поранешни стравови за можна федерализација на Македонија. Дали Македонија оди кон федерализација?
Апсолутно не. Значи ВМРО-ДПМНЕ нема што да им понуди на сопствените гласачи и на граѓаните во Македонија, затоа се занимаваат со такви теми. Работата со двојазичноста е решена уште со Рамковниот договор, тоа е решено во Уставот на Република Македонија. Претседателот на СДСМ не кажа ништо друго освен тоа што е предвидено во Уставот на Република Македонија. Друг е проблемот што ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ, ја користеа таа тема за да подгреваат етнички тензии. Ништо не треба друго, освен да се почитува Уставот. СДСМ не кажува ништо дополнително од тоа, освен што предвидува Уставот. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за таа работа беа махери – да подгреваат етнички тензии и тие се уште мислат да играат на националистичка карта. Може да замислете какви беа реакциите во нашето општество во 2001 кога се потпишуваше Охридскиот договор. Демек ако се потпише тој договор - готово ќе ја снема Македонија. Еве кај сме. Македонија е и таква ќе остане, значи нема никакви опасности од федерализација. Македонија е едно општество и ќе биде едно општество, еднакво за сите граѓани, за тоа се залага СДСМ и со таа опција излегува пред граѓаните на Република Македонија.
Имате ли конкретен договор со која од албанските опозициски партии СДСМ ќе коалицира пред избори и доколку нема таков договор, кој би бил евентуален ваш партнер по изборите?
Рано е да се зборува за тоа. СДСМ е во коалиција со граѓаните и ќе продолжи да биде. Во тек се преговори со традиционалните коалициски партнери. Кога ќе завршат тие преговори секако ќе биде објавено во јавноста, транспарентно. СДСМ е отворена за соработка и со помалите опозициски албански партии. За останатите партии, секако имало контакти и ќе има, но се уште нема конкретен исход од тие разговори, тие течат и во моментот кога ќе има нешто за соопштување, тоа ќе се соопшти.
Зекири, дали е можна пост-изборна коалиција на СДСМ со ДУИ? Ве прашувам затоа што вие сте жесток критичар на ДУИ со години, а и ако се има предвид ставот на ВМРО-ДПМНЕ од пред неколку години кога велеа дека никогаш нема да влезат во влада, како што велеа, со терористи, но се покажа дека во следните неколку години одличо функционираат и работат заедно.
Значи има прагматични работи. Јас нема да настапам со таков тон како што настапуваа ВМРО-ДПМНЕ, а потоа го прегазија сето тоа што го кажуваа. Владиното мнозинство го прават бројките. СДСМ нема да може да оди против волјата на гласачите, ако тие повторно дадат доверба на ДУИ. Но јас не верувам и не сакам да верувам дека Албанците после сето ова што се случува, после сето ова што го гледаат на каков начин владееле ДУИ и се што правеле дека повторно ќе се решат да дадат глас за Демократската унија за интеграција. Но, ако гласачите повторно им дадат доверба, тоа не е работа на СДСМ. Но, сега на 11 декември ќе биде битно на крајот на денот, кога ќе се бројат гласовите, да се види кој ќе го има легитимитетот да ги претставува Албанците.
Провладините медиуми го акцентираат вашето одење на аџилак во Саудиска Арабија и тоа најчесто го поврзуваат со исламскиот радикализам. Колку ви е тоа товар за политичката кариера?
Кога немаат аргументи со што да ве нападнат, тие се фаќаат за една таква тема. Да си верник е придобивка, не е никакво зијан. Јас не кријам дека сум верник. Не сум единствениот муслиман, милиони луѓе припадници на исламската вера годишно одат на аџилак. Тоа е еден од петте столбови на исламската вера и кој има можност ја исполнува таа обврска. И ако според тие портали или луѓе од власта кои сакаат на таков начин да ме нападнат, за нив секој муслиман и секој Албанец од Македонија кој бил на аџилак е радикален, дури и нивните коалициски партнери, затоа што има многу и меѓу нив кои ја извршиле таа обврска, а тие се во коалиција. Значи тоа е апсолутно тема која не заслужува да и се даде значење и воопшто не го чувствувам како товар.
Целото интервју со Мухамед Зекири од СДСМ може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.