Мене темата на Антигона ме инспирира многу во изминативе три години. Тоа е нешто што ме обзема постојано. Односно како што се развиваше политичката сцена во Македонија и како што се продлабочуваше политичката криза, така јас чувствував дека треба да го поставам овој текст и мислам дека конечно тој се случи во право време и на право место.
Ова ќе го рече режисерката Нела Витошевиќ во пресрет на скопската премиера на „Антигона и Креонт“ во Кино Култура, која уследи само недела дена откако претставата првично беше прикажана на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, во рамките на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.
Таа дополнува дека во процесот на создавање на адаптацијата, во кој патем работеле заедно со нејзината колешка – драматургот Ивана Нелковска, тие не правеле само темелна анализа на легендата и на нејзиното постоење и создавање, туку исто така како таа е толкувана низ годините. Притоа како што влегувале во анализата, така дошла до заклучок дека неа не ја интересира целокупната драма, сите ликови, туку само соочувањето меѓу Антигона и Креонт што би значело - судирот помеѓу отпорот и власта.
„Тоа е основата на приказната. Тој судир меѓу отпорот и власта којшто низ годините пробував да видам дали се менувал и како се менувал, за на крајот да дојдам до заклучок дека се менувале само околностите во коишто се случувале новите приказни за Антигона и за Креонт, но проблемот секогаш останувал ист“, вели таа.
Витошевиќ вели дека тоа била и клучната точка поради која се одлучила во својата адаптација да има три Креонти и три Антигони, всушност три паралелни приказни што меѓусебно се испреплетуваат. Три пара кои доаѓаат од различно време, но погледнати од еден денешен ракурс. Потенцира дека ја оставила претставата отворена за толкување и дека притоа може да се каже дека се тоа три различни ликови коишто доаѓаат од различни временски периоди или дека се тоа ликови од денешно време со сите нивни различни аспекти.
„Ние денес живееме во едно комплетно шизофрено општество да секој еден човек е ставен во позиција константно да се преиспитува себе си до каде е. До каде се неговите ставови, како тие се менуваат од ден во ден итн“, вели таа.
Режисерката појаснува дека приказната е позната. Антигона е девојка која и покрај забраната од нејзиниот вујко Креонт оди да го закопува телото на својот брат „предавник“ оставено да гние на сонцето.
„Во претставата се отворени многу животни прашања. Многу суштински прашања во однос на политиката. Таа не суди на никој начин, туку отвора различни размислувања за тој конфликт што го имаат овие два лика. Конципирана е така што тоа се едни, да речеме, исечоци од разни размислувања коишто подоцна формираат заедничка слика, односно структура. Ликовите практично заедно ја градат таа структура, заедно се развиваат и заедно стигаат до некаква цел“, посочува режисерката.
Вели дека секој од тие ликови носи нешто свое, нешто различно, некаков поинаков аспект. Така едната Антигона не сака да ги прифати законите на кралот туку оние на боговите и постапува според нив. Другата, која што се бори за својот принцип, принципот за слобода е свесна дека ако почне да постапува според законите на кралот нема никогаш да биде слободна па макар и да треба да го жртвува својот живот. И третата која што уште не е тоа и е втурната во услови во кои треба да се бори за да стане Антигона.
Приказната за таа трета линија во претставата на Витошевиќ сè уште не постои и ја пишува кралот Креонт со цел за да се ослободи од сите свои противници. Затоа тој измислува драма во којашто ќе исценира еден случај за да би можел целокупната моќ да ја задржи во своите раце.
„Јас ја гледам „Антигона и Креонт“ како студија на карактери. Таа многу повеќе се бави психолошки да истражи. Да ги истражи проблемите на ликовите зошто постапуваат така како што постапуваат, кои се нивните стравови, кои се нивните притисоци, која е нивната задача што треба да ја извршат, отколку што истакнува, не знам, некакви политички пароли. Тоа не е мој стил на работа. Јас едноставно не работам така. Темата е политичка, но мислам дека на некој начин многу посуштински, многу подлабоко психолошки се отвора во претставата“, вели таа.
Инаку, Нела Витошевиќ во изминатиов период овој проект на два пати им го нудела на Драмски театар, но тие „не виделе претстава“ во „Антигона и Креонт“ и еве го затоа на независната сцена каде се бара билет повеќе.