Достапни линкови

Отворен патот за избори на 11 декември


Архивска фотографија - Седница на Собранието на Република Македонија.
Архивска фотографија - Седница на Собранието на Република Македонија.

Пратениците со 110 гласа „за“ од вкупно 116 присутни изгласаа распуштање на Собранието. Немаше против и воздржан. Со распуштањето на Собранието се отвори патот за одржување на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Собранието се распушти на денешната седница со цел спроведување на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември. За предлогот гласаа 110 пратеници од 116 присутни што беше проследено со аплауз. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, пред да го прогласи распуштањето се заблагодари за соработката, која, како што рече, била во интерес на Македонија и им посака на пратениците успех на личен и професионален план во натамошниот период.

„Вкупно гласаа 110 пратеници, сите 110 „за“, нема воздржани, нема против. Констатирам дека Собранието ја донесе одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија“, рече Вељаноски.

Пратеничката на СДСМ, Рената Дескоска, чија партија ја поднесе иницијативата за распуштање на Собранието рече дека изминатите 10 години Македонија ја живеела агонијата на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Дојде моментот да се стави крај на злосторничкото здружение на ВМРО- ДПМНЕ. Дојде моментот да се стави крај на криминалот и на корупцијата на владата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Дојде моментот да се стави крај на грабежот на буџетските пари. Дојде моментот да се стави крај на самоволието на власта и кршењето на човековите права. Дојде моментот да се одземе лиценцата за убивање што некој незаконски си ја присвоил, затоа ја поднесовме иницијативата за распуштање на Собранието и затоа бараме избори на 11 декември“, порача Дескоска.

Таа истакна и дека за разлика од минатото изборите мора да бидат спроведени на фер и демократски начин.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека после две години конечно сите се согласиле да се одржат предвремените парламентарни избори. Според него, тоа било очекувана одлука, притоа набројувајќи што се граѓаните не заслужиле и што не сакаат да прифатат.

„Следните 50-на дена како никогаш досега ќе бидат клучни за тоа дали Република Македонија ќе чекори по патека која ќе значи стабилност или ќе дозволиме разно разни удбашки структури повторно да ја вовлечат оваа држава во сомнителен колосек. Граѓаните на 11 декември ќе испорачаат две пораки. Првата порака до следниот состав на Парламентот е да продолжите да ка градите Република Македонија. Втората порака е да си ја зачувате Република Македонија онаква за каква што се бореле генерации Македонци“, рече Димовски.

Според пратеникот на ДУИ, Рафиз Алити на Македонија и е потребна нова визија.

„Треба да оди по еден друг пат. Пат кој што е иднина на Република Македонија. Тој е патот на решавање на проблемите на Македонија, а тие се многу на број. Граѓаните очекуваат Македонија да биде дел од НАТО и од ЕУ“, рече Алити.

Независната пратеничка Солза Грчева истакна дека не очекува големи промени од изборите, барем не онакви какви што сакаат граѓаните. Нејзината колешка Роза Топозувска Каревска изрази надеж дека со изборите ќе се стави крај на еден од најконтроверзните мандати од осамостојувањето на Македонија, кој од самиот почеток не ветувал ништо. Претходно на седницата беше изгласан и буџетот за наредната година, како и останатите точки кои беа на дневниот ред.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG