Нема опасност по функционирањето на МВР по превирањата во министерството, велат упатените, но според нив мора министерот и дополнителниот заменик министер да соработуваат. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера именуваше нови 11 раководители на организациски единици во МВР. Смените, како што изјави тој, ги направил врз основа на политичкиот договор и измените на Законот за Влада, според кои потребен е потпис и од дополнителниот министер за внатрешни работи Оливер Андонов.
Андонов, пак, реагираше дека со бесправно и еднострано потпишување на решенијата за распоредување на раководни позиции, Спасовски покажал дека за него не постои Устав и Закон, туку само негов личен интерес и интерес на неговата партија. Тој порача дека нема да дозволи МВР да се претвори во партиски штаб и дека „ ќе ги искористи сите правни средства за запирање и санкционирање на самоволието на Спасовски.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека министерот мора да има можност да направи свој тим и да се почитува принципот на хиерархија во МВР, а дополнителниот заменик министер неосновано се вмешува во неговите работи и неодговорно се однесува, наместо да се вклопи во системот.
„Нема тоа да му помогне ако тој држи прес конференции и ако ја зголемува тензијата внатре и се обиде да врши поделба или да биде паралелен министер. Мислам дека засега лимитирана му е моќта на дополнителниот заменик министер и не ќе може да направи такво влијание да се почувствува поделбата. Било каква заложба за владеење двојно, условно кажано тоа треба да се елиминира од старт“, вели Трајанов.
Универзитетскиот професор Стефан Буџаковски смета дека превирањата во МВР може да резултираат со нефункционалност на министерството што би предизвикало дополнителни проблеми, затоа одговорните лица мора да се однесуваат професионално.
„Сметам дека треба да владее повисок професионализам во однос на раководните структури за да може овој период кој што го сметаме за стабилизирање на политичката ситуација во Македонија покажат поголем осет и поголема толеранција во однос на спроведување на мерките без разлика дали е министерот и заменик министерот и се тоа во духот на професионализмот“, вели Буџаковски.
Трајанов додава дека и министерот треба да води сметка за функционирањето на МВР за да биде институцијата без партиско и политичко влијание за да се одржи стабилноста и безбедноста на државата, но главно да превенира и можни обиди за кршење на изборните правила.