Достапни линкови

СЈО: Функционери од УБК краделе пари од буџетот


Тројца функционери од УБК и еден од МВР се сомничат дека при набавка на опрема го оштетиле буџетот за над 862 илјади евра.

За три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно раководно лице од МВР постои сомнение дека во период од 2010 до 2015 година во неколку наврати го оштетиле буџетот на Македонија за повеќе од 862 илјади евра, соопштија денеска од Специјалното јавно обвинителство. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, овој случај именуван како Трезор, е прв случај на економски криминал кој го обелоденува СЈО.

Таа појасни дека според доказите што ги имале во предистражната постапка, од месец јули 2010 година до крајот на 2012 година, првите три осомничени лица ја искористиле својата положба и овластување и за правното лице ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист во вредност од повеќе од 577 илјади евра, а четвртоосомничениот им помагал. Првите тројца осомничени, рече Фетаи, за да набават опрема за потребите на УБК, во јули 2010 година заминале во Велика Британија, се сретнале со претставници на тамошна фирма и договориле набавка на опрема и обуки. Потоа, според истрагата на СЈО, преку фирмата ФИНЗИ од Македонија се фактурирале поголеми суми од оние на британската фирма, а парите ги исплаќале од буџетот. Еден период управител на фирмата ФИНЗИ беше и Коста Крпач, сведокот на СЈО кој беше пронајден мртов во неговиот стан во Капиштец на 27 април.

„Наместо опремата да биде набавена директно од правното лице од Велика Британија како најекономичен начин на набавка, според доказите, со цел да набават имотна корист за правното лице ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје, договориле истата да се направи преку ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје“, рече Фетаи.

Во таа фирма од 2009 година до почетокот на 2011 година управител бил роднина на третоосомничениот, а основач ФИНЗИ САД, која била отворена на Кипар. До крајот на 2010 година, единствената активност на фирмата било зголемувањето на основната главнина со 650 илјади евра, префрлени од ФИНЗИ САД на ФИНЗИ Скопје, а потоа истите биле префрлени како паричен влог во Систина ФИНЗИ кардиологија. Потоа и е изготвен договорот за купопродажба, рече Фетаи, а дејствијата продолжиле и во следните години со уште два анекси, па ФИНЗИ фактурирала и суми до пет пати повисоки од тие на британската фирма, а разликата со едниот анекс стигнала до 215 илјади евра. Првите тројца осомничени, нагласи Фетаи, од јули 2014 година до крајот на 2015 година, преку договори за одржување на опремата прибавиле дополнителна имотна корист за ФИНЗИ од 285 илјади евра.

„Парите, како и вистината се како шило. Ова обвинителство ќе вложи максимални напори секој кој злоупотребил народни пари да седне на обвинителна клупа и да ги врати“, рече Фетаи.

За сите осомничени за кои и обвинителката Ленче Ристоска на новинарски прашања одби да открие детали, ќе бидат побарани различни мерки за обезбедување, а за некои од нив и замрзнување на имот. Според нивните информации, инволвираните во случајот се во земјава, а опремата за која станува збор не била функционална, но не е уништена.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG