Достапни линкови

Сопки ќе има, ама укинување на СЈО е малку веројатно


Власта ќе продолжи да и прави сопки на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нема да ги исполни нејзините барања за поефикасна работа, но мала е веројатноста да го укине СЈО, велат аналитичарите.

За стручната јавност, најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека нема да ги поддржат барањата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за продолжување на работата на СЈО, за измена на законите за сведоци и приватноста, како и за почитување на препораките на Венецијанската комисија, не мора да значи престанок на работата на ова обвинителство.

„Најавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да одат на менување на законите, во оваа фаза не ја гледам како претходница во укинувањето на СЈО, зашто тоа нема да биде толку едноставно и лесно и народот нема толку лесно да премине преку тоа. Доколку до распуштањето на Собранието, коешто ќе се случува за само неколку дена, не се донесат измените на тие закони, уверен сум дека ќе има нови закони кои ќе му овозможат на СЈО поголема функционалност и ќе бидат донесени од наредниот парламентарен состав“, вели професор Никола Дујовски.

За професорот по уставно право, Мерсим Максути, пак, најавите од ВМРО-ДПМНЕ се доказ за опструкциите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство. Иако е уверен дека тоа нема да има сериозни последици по работата на оваа институција, Максути ова го толкува и како закана.

„Ако дојде до тоа, ќе влеземе во потешка фаза на политичката криза во земјава. Оваа институција од сите страни има веќе опструкции за нејзината работа и тоа е директен удар кон СЈО. Ова е уште еден доказ и сомнеж дека Уставниот суд може набрзо да донесе одлука со која ќе го прогласи за неуставно СЈО“, вели Максути.

Според нашите соговорници, досегашната расправа на пратениците околу вториот шестмесечен извештај на СЈО покажа дека не се дискутира за суштината на извештајот, туку за помалку важни прашања. Пратениците на владејачкото мнозинство, вели Дујовски, направија сè да не се дискутира за извештајот зашто таму има многу податоци кои можат сериозно да ги загрозат нив како индивидуи и како партија.

„Тие дури и не се обврзани да го усвојуваат извештајот или да даваат насоки на СЈО да го промени или прилагоди извештајот. Едноставно документот е пред нив, расправаат по него и што и да заклучат нема многу да промени во работата на СЈО. А знаеме дека сите нивни активности, па дури и од самото формирање на СЈО, оди кон негирање на тоа обвинителство, иако сите со огромно мнозинство го поддржаа“, изјави Дујовски.

Однесувањето на пратениците од владејачкото мнозинство кон Јанева, експертите го толкуваат како политичка хипокризија, оти иако истите ја изгласале Јанева, сега прават се за да ја дискредитираат работата на институцијата со која раководи.

Инаку, на комисиската расправа за шестмесечниот извештај на СЈО, Јанева зборуваше за значењето на законите за заштита на сведоците и приватноста. Поддршка од пратениците побара и за одложување на рокот за покренување на обвинение од СЈО кој сега е 18 месеци. Покрај тоа бараше и да се почитуваат препораките од Венецијанската комисија за ревизија на законот за приватност и свиркачите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG