Достапни линкови

Шарена револуција - Истекува времето на власта, доаѓа на СЈО


Факли пред Собрание за поддршка на СЈО
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Факли пред Собрание за поддршка на СЈО

Демонстрантите му порача на Специјалното јавно обвинителство дека поддршка ќе добива се додека си ја врши работата и ги гони криминалците.

Со запалени факли околу исцртаниот часовник кој симболично го означува истекот на времето на оваа власт, заврши собирот на Шарената револуција пред Собранието на Македонија.

„Вашето време истече, дојде времето на Специјалното јавно обвинителство“, е пораката што ја испишаа претставници на Шарената револуција на улицата пред Собранието.

Околу три илјади граѓани денеска излегоа на собир за поддршка на Специјалното јавно обвинителство. Причина за денешниот собир е неколкудневната собраниска комисиска расправа на која обвинителката Катица Јанева одговараше на пратенички прашања.

Од Шарената револуција велат дека тоа што се случуваше во Собранието, наликуваше на вистински линч. Обидот на власта со сите можни правни инструменти да ја блокира работата на СЈО е дополнителен поттик за поддршка, велат претставниците на Шарената револуција. Од таму додаваат дека на Обвинителството повторно му е потребна помош, бидејќи не смее да се дозволи, како што велат, режимот да помисли дека оваа институција барем за момент е без силната, здружена и одлучна поддршка на граѓаните.

Адвокатот Звонко Давидовиќ во својот говор пред демонстрантите побара од пратениците да го почитуваат потписот на нивните лидери и да го остават Специјалното јавно обвинителство да си ја врши работата, а институциите да престанат со хајките и со обидите за опструкции.

„Специјалното јавно обвинителство е должно секој што го прекршил законот, без оглед кому припаѓа и кој е, да го изведе пред лицето на правдата. Да им порачаме на сите – овој народ не е глупав, овој народ сака мир, соживот и слога, свои деца покрај себе, а не во странство и сака држава во која правдата и законот важат за сите“, рече адвокатот Давидовиќ.

Активистот на Шарената револуција Александар Младеновски зборуваше за поделбите во општеството по различни основи и за тоа дека правдата не важи исто за сите.

„Единственото светло во нашиот темен тунел е Специјалното јавно обвинителство, а тоа е и единствената неискорумпирана институција во оваа држава. Но, сега СЈО се наоѓа под директен напад на искорумпираните неколкумина. Шарената револуција ќе биде тука да се справи со сите оние искорумпирани во нашата држава“, порача активистот Младеновски.

Демонстрантите му порача на Специјалното јавно обвинителство дека поддршка ќе добива се додека си ја врши работата и ги гони криминалците.

Во повикот за протест од Шарената револуција наведуваат дека судиите од тефтерот на Гордана Јанкулоска продолжуваат да ги одбиваат барањата за притвор, а го укинаа и единственото кое беше прифатено. Потоа забележуваат и за двојните аршини на Судот кога станува збор за предметите на СЈО и за оние на Основното јавно обвинителство, односно од обвинителот Марко Зврлевски.

Во близина на Собранието имаше силно полициско обезбедување, а распоредени беа и неколку водени топови.

Организаторите на протестот велат дека засега немаат намера повторно да протестираат, но будно ќе ги следат случувањата и доколку продолжи несоодветното однесување кон Јанева, повторно ќе излезат на протести.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG