Достапни линкови

Вовед во највалканата предизборна кампања


Нè очекува една многу валкана кампања во која ќе се вадат приватни компромитирачки епизоди од животот на политичарите. Ќе има забава за народ, но со мала политичка употребна вредност, велат аналитичарите.

Нелегално прислушуваните разговори, пред сè на сегашни и поранешни функционери на ДУИ, кои пред неколку дена осамнаа на Фејсбук и на некои косовски информативни портали се најава за веројатно највалканата предизборна кампања во историјата на Македонија.

Аналитичарот Сашо Орданоски вели дека последното објавување прислушувани разговори покажува дека аферата „Прислушување“ уште долги години ќе има ефект врз македонската политичка сцена. Тој потсетува дека прислушуваните разговори што ги објави СДСМ како дел од „бомбите“ биле внимателно одбрани за да покажат злоупотреби на власта, но оти сега може да се очекуваат разни компромитирачки приватни разговори. Тоа ќе биде забава за народ, но со мала политичка употребна вредност, вели тој.

„Сега ова што ќе се објавува понатаму ќе биде веројатно врзано за разни приватни аспекти од животот на политичарите и тоа ќе биде една многу непријатна, валкана епизода, но мислам дека во крајна линија во тоа ќе има некаква забава за народ, за тој народ што сака да се забавува со такви работи, но нивната употребна вредност, барем на начинот на кој сега се објавуваат, ќе биде релативно брзо истрошена“, вели Орданоски.

Тој додава дека во овој момент е тешко да се одговори кому му одговара објавувањето на овие разговори, затоа што нив ги поседуваат разни центри.

Професор Мерсел Биљали, пак, е убеден дека ова и оди во прилог на власта.

„Ако постојната структура дошла на власт со валкани работи и владеела исто така со валкани работи, не верувам дека на демократски начин ќе ја напушти власта. Таа ќе направи сè, повторно валкано, за да ја задржи власта, иако мислам дека тешко дека постојат такви можности. Сепак, најверојатно таа ќе направи сè за да може да биде заштитена, амнестирана, заборавена во однос на криминалот“, вели Биљали.

Владејачката ДУИ побара СЈО, Јавното обвинителство и МВР најитно да поведат постапка за расветлување на последниот случај со објавување приватни разговори на една Фејсбук фан страна, зад која сè уште не се знае кој стои. Администраторот на страната тврди дека поседува уште многу разговори.

Опозицискиот СДСМ смета дека објавувањето на прислушувани разговори по косовски медиуми очигледно е масло на ВМРО-ДПМНЕ и оти сите разговори што тие ги поседувале се предадени во СЈО. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека зад разговорите стои опозицијата и потсетува дека кај членот на СДСМ Захир Бекири Чауш, кој според нив е близок до претседателот на СДСМ Зоран Заев, биле пронајдени 70 илјади нелегално прислушувани разговори.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG