Специјалното јавно обвинителство започна нова истрага за случајот „Тврдина “ поврзан со неовластеното прислушување, информира денеска обвинителката Катица Јанева. Осомничени се двајца началници од Одделот за безбедност и контраразузнавање, кои заедно со тогашниот министер за внатрешни работи на почетокот на 2015 незаконски уништиле опрема за следење на комуникациите со изговор дека е застарена, со што на државата и била нанесена штета од 10 милиони евра. Тие биле помогнати од началник од одделот за оперативна техника и од документарист во управата, кој имал за цел да го прикрие точното време кога била уништена опремата.
Осомничените се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување на службени исправи. Функцијата началник на петта управа тогаш ја извршуваше Горан Грујевски, а министер за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска. Истрагата е поврзана и со вчерашното барање за претрес во домот на Грујевски.
Првоосомниченото лице со цел да прикрие други лица кои што неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите издал усна наредба до раководните лица на другите организациони единици кои се во состав на одделот на оперативна техника со цел да прикаже оти постои наводна потреба од ништење на средства и опрема и пред се од потреба за ништење на системите за следење на комуникациите.Ленче Ристоска, СЈО
Инаку Горан Грујевски докторирал на тема „(Зло)употреба на посебните истражни мерки“.
Обвинителката Ленче Ристоска рече дека се работи за сложен случај.
„Првоосомниченото лице со цел да прикрие други лица кои што неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите издал усна наредба до раководните лица на другите организациони единици кои се во состав на одделот на оперативна техника со цел да прикаже оти постои наводна потреба од ништење на средства и опрема и пред се од потреба за ништење на системите за следење на комуникациите“, рече таа.
Според Ристоска, станува збор за два системи за следење на комуникации, од кои едниот бил исклучен од употреба во 2009 година, а другиот бил во употреба до неговото уништување. Опремата била уништена на отпад на 28 март минатата година, кратко по започнувањето на објавувањето на таканаречените бомби на опозицијата кои произлегуваат од незаконското прислушување. Подоцна, пак, со фалсификување документи, било прикажано дека опремата била уништена кон крајот на 2014 година. На прашањето кои се другите лица кои сакале да го прикријат прислушувањето, Ристоска рече дека засега не може да соопштат за да не и штети на истрагата.
„Ве уверуваме дека ние имаме докази коишто посочуваат на тоа дека и други лица ги користеле, односно ги злоупотребувале, системите за следење на комуникациите. Точно кои лица и во рамки на МВР и вон него, значи обемот на лицата и основот на сомнение се уште не е на тоа ниво за ние да го изнесеме пред вас“, рече таа.
Ристоска посочи и дека немаат докази за инволвираност во случајот на поранешниот директор на УБК. Таа додаде и дека предистражната постапка за целиот случај со прислушувањето продолжува.
Во меѓувреме, од Кривичниот суд го информираа Специјалното јавно обвинителство дека првоосомничениот, за кој е побарана мерка притвор, ќе биде сослушан денеска и тој веќе се наоѓа во судот. Судот потоа треба да донесе одлука дали ќе му биде изречена бараната мерка притвор. За останатите осомничени се побарани мерки на претпазливост, односно тие да не го напуштаат живеалиштето, да им биде одземен пасошот и повремено да се јавуваат во судот.
Јанева воедно ги повика тие што се засегнати од неовластеното пуштање на прислушувани разговори на социјалните мрежи да се обратат до специјалното јавно обвинителство и тие што поседуваат такви аудио снимки да им ги предадат.