Соединетите Држави разгледуваат нови опции за Сирија, изјави заменик државниот секретар Ентони Блинкен во сенатскиот Комитет за надворешни односи, запрашан за тоа дали Вашингтон има резервен план.
„Претседателот побара од сите агенции да изнесат опции, некои познати, некои нови и ние многу активно ги разгледуваме“, рече тој.
Според Блинкен, наскоро ќе биде познато за какви мерки станува збор.
Претходно, американскиот државен секретар Џон Кери, кој имаше телефонски разговор со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, изјави дека Вашингтон размислува за прекин на преговорите со Русија и оти дошол моментот кога би требало да се разгледаат нови алтернативи во врска со Сирија.
„Ние сме на работ да ја суспендираме дискусијата бидејќи е ирационално во контекст на бомбардирањата кои се случуваат да се седне и сериозно да се работи“, рече Кери.
Сепак, Џон Кери изјави дека Соединетите Држави нема да одат во војна во Сирија.
Тоа го изјави и претседателот Барак Обама кој рече дека треба да се биде „разумен“ во врска со можноста за испраќање американски војници во Сирија, особено ако се знае дека Соединетите Држави и натаму се воено ангажирани во Авганистан и Ирак.
Неименувани американски официјални претставници изјавија за Ројтерс дека администрацијата на претседателот Барак Обама почнала да ги разгледува и воените опции откако силите на сирискиот режим, поддржани од Русија, почнале напади врз Алепо, најголемиот град во земјата и упориште на бунтовниците.
Според нив, Обама по неуспехот на дипломатските напори, немал друга алтернатива освен употреба на сила.
Во меѓувреме, портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека евентуалното одбивање на САД да соработуваат со Русија во Сирија ќе биде подарок за терористите.
„Доколку Вашингтон остане на намерата да ја исклучи Русија од преговорите за решавање на кризата во Сирија, тоа ќе значи дека Белата куќа ги земала под закрила милитантите“, оцени Захарова.
Претходно таа рече дека Москва инсистира на целосно почитување на договорот за прекин на огнот.
„Ние уште еднаш укажуваме на потребата на раздвојување на таканаречената умерена опозиција од терористите. Најпрвин ги повикуваме Соединетите Американски Држави и сите оние во регионот кои имаат значајно влијание за да се направи таква поделба“, изјави Захарова.
Во последните напади во Алепо загинале стотици луѓе, а оние што се наоѓаат под блокада на сириските сили немаат доволно храна ниту медицинска помош, откако беа уништени две болници во делот од градот под контрола на бунтовниците.