Достапни линкови

Бунтовнички песни за финале на Караванот на слободата


Бени и НОН СТОП, МУГЕР ФУГЕР, ЛИЛИТ и Амон Мра, ШУТКА РОМА РАП, Тони Зен и Кристина Арнаудова се само некои од учесниците на големиот музичко-поетски-ликовен завршен настан на Караванот на слободата што е предвидено да се одржи оваа сабота, на 1 октомври, од 20 часот, на Сквер Јадран во Скопје. Целта на Караванот на невладината ЦИВИЛ е преку влијанието на уметноста да ја разбуди граѓанската свест за учество во донесување одлуки на локално и национално ниво.

Караванот на слободата, откако во изминативе три месеци посети над 40 општини во земјава и одржа шест големи мултимедијални настани (Велес, Струмица, Кавадарци, Тетово, Куманово и Штип) и дузина помали, конечно пристигна во Скопје. Активностите започнаа денеска со поставување на инфо-штанд на улица Македонија, на кој покрај информативниот материјал, бележити беа фото-петицијата и диџеј сетови на CIVIL Art Crew, а ќе продолжат со несмалена жестина и во текот на целата недела за да кулминираат со голем слободарски хепенинг што треба да се одржи в сабота, на 1 октомври, од 20 часот, на Сквер Јадран.

„Тоа што ние го забележавме во сите овие месеци е дека духот на слободата живее во Република Македонија и дека може да се канализира и да се испрати порака преку уметноста. Преку уметниците на сцената, преку оние кои говореа поезија и оние кои сликаа додека музичарите свиреа. Преку дебатите на кои стотици граѓани и граѓанки слушнаа многу различни мислења и ставови, меѓутоа и поставија многу прашања и изнесоа свои видувања за она што нам ни се случува“, вели Џабир Дерала, првиот човек на невладината ЦИВИЛ.

Тој дополнува дека пред нив е големото финале во Скопје и дека „по улиците на градот се движат многу активистки и активисти кои ја соопштуваат пораката на слободата, пораката на Караванот на слободата“.

Инаку, предвидено е да се обистинат повеќе настани со многу музика, проекции, поезија, ликовни перформанси во скопските општини Карпош, Чаир, Аеродром, за да сето тоа кулминира со концертот на кој е предвидено да настапат повеќемина значајни претставници на современата македонска поп-рок сцена како Бени и НОН СТОП, МУГЕР ФУГЕР, ЛИЛИТ и Амон Мра, ШУТКА РОМА РАП, Тони Зен и пејачката Кристина Арнаудова.

„Рокенролот ја има таа функција да ги коригира аномалиите на секое општество. Да укажува на нив. Јас лично како музичар сум почнал да се бавам со оваа музика силно инспириран од бендовите револуционерно настроени како КЛЕШ, СЕКС ПИСТОЛС, целата таа плејада на бунтовници. Повеќе инспириран од самата идеја отколку поради музиката. Смислата на рокенролот е повеќе револт кон неправдите отколку што било друго“, истакнува Сеад Хаџиќ Сецко, лидерот на МУГЕР ФУГЕР, кои свиреа и на концертот во рамките на Караванот на слободата што се одржа во Струмица.

Конечно, Дерала ќе рече дека завршниот перформанс на Караванот на слободата е повеќе од концерт.

„Ова не е само концерт. Ова е и една голема порака затоа што на тој концерт сите што ќе бидат таму ќе бидат дел од една силна порака за слободата. Силна порака за промоција на човековите права и слободи“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG