Достапни линкови

Мухамед Ибрахими – Го свирам тоа што го чувствувам


Мухамед Ибрахими, гитарист.
Мухамед Ибрахими, гитарист.

„Fly“ е насловен албумот на Мухамед Ибрахими кој неодамна беше публикуван како 97 издание на независната издавачка куќа „ПМГ рикордингс“ од Скопје. Станува збор за објава која донесува осум инструментални композиции во кои умешно се вкрстуваат ехото на традицијата и модерните стремежи во музиката.

Мухамед Ибрахими не е ново име на македонската музичка сцена. Тој во еден период беше гитарист на еден од најзначајните бендови што воопшто се појавиле и твореле кај нас БЛА БЛА БЛА, а мнозина го познаваат и како творец кој милува соработки со различни уметници од нашево градско, урбано опкружување. Од таму, нималку не чуди неговата одлука конечно да сподели дел од своите звуковни размисли со публиката, со сите оние кои го почитуваат убавото и кои не се оптоваруваат со тоа од која фиока тоа излегува.
Првично беше планирано да снимиме три-четири песни, но како што одеа работите рековме, всушност Сецко инсистираше, да снимиме многу повеќе затоа што знаеше дека имам што да понудам.
Мухамед Ибрахими, гитарист.

Во таквите негови настојби, да сними инструментален албум во кој тој нема да ја глорифицира сопствената видлива свирачка гитаристичка умешност, туку ќе се бави со емоциите и ритмите кои пулсираат во неговите жили и кои колку што се потпираат на традицијата уште повеќе ѝ припаѓаат на сегашноста, од голема полза му биле неговите пријатели и студиски собеседници – Сеад Хаџиќ Сецко (гитари, мандолина, шаргија, синтисајзери...), Џоле Максимовски (бас), Андреј Анастасов – Даскаловски, Ратко Даутовски, Сашко Костов и Мите Димовски (сите четворица на перкусии и тапани).
Ова извира директно од мене и не е некоја школа на овој или на оној. Едноставно тоа што го чувствувам тоа и го свирам.
Мухамед Ибрахими, гитарист.

Од таму, „Fly“ е издание кое буквално ве обезоружува уште со првото преслушување и кое потем, со секое идно, ви ја открива сопствената творечка напластеност. Овде се допираат и сосема природно се вкрстуваат созвучјата на дадениов простор (еден поширок регион каде се прекршуваат Европа и Азија) и потем Ибрахими со невидена леснотија ве транспонира во лебдечка состојба во која категоризацијата е последното нешто на што и воопшто помислувате. Едноставно слушате моќна музика. Музика со универзална порака која ќе трае и трае.

Говорејќи за тоа како настана оваа објава, Мухамед знае да каже дека тој, иако не е од „вчера“, сепак влегува во редот на оние кои дури сега се откриваат. Вели дека поголемиот дел од композициите се со постар датум, но дека има и нови кои настанале во последниве шест месеци од моментот кога се охрабрил малку посериозно да се занимава со својата архива од песни. Иницијацијата за тоа практично стигнала од посетителите на изложбата на неговиот пријател, сликарот Јовица Стојковски на „Скопско лето“, кои изданието едноставно го побарале откако го проследиле неговиот музички перформанс на отворањето на поставката. Веќе формулираната идеја му ја соопштил на Сеад Хаџиќ Сецко (ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, МУГЕР ФУГЕР) и не поминало многу време и тие веќе влегле во студио.

„Едноставно овој период најверојатно беше најидеален за мене за да конечно снимам албум. И мене навистина ми е драго што тој најде навистина многу добри и квалитетни луѓе кои од самиот почеток го сфатија стилот, ја разбраа музиката и се разбира дека сето тоа го сторија од љубов. Конечно излезе сето тоа што јас си го пожелував да ми се случи од самиот почеток. Инаку, првично беше планирано да снимиме три-четири песни, но како што одеа работите рековме, всушност Сецко инсистираше, да снимиме многу повеќе затоа што знаеше дека имам што да понудам. Конечно одбравме осум нумери, иако морам да кажам дека имам куп материјали некаде во архивите, за кои се надевам дека ќе се најде место на некое од идните изданија“, вели Ибрахими.

Тој пожелувал во студиото да го има и својот стар другар од населбата „Ѓорче Петров“ и соработник, тапанарот Димитар Петров, но откако никако не можеле да ги усогласат термините во процесот на работа биле вклучени Димовски, Даутовски, Костов и другите со кои, иако и не се познавал вистински дотогаш, остварил плодна соработка.

Задоволен од она што излегло како финален продукт, авторот забележува дека мнозина се обиделе да го дефинираат она што тие го сработиле и сепак не успеале во тоа. Дополнува дека неговата музика ниту е фолк, ниту џез, ниту рок, а најмалку нешто што произлегло од она што досега го преслушал во животот каде главното место го имале Моцарт и БИТЛСИ.

„Ова извира директно од мене и не е некоја школа на овој или на оној. Едноставно тоа што го чувствувам тоа и го свирам. И зашто сум човек како и секој кој поседува универзални чувства, сето тоа сум го собрал во мене и сум се обидел преку прстите да им го пренесам и на другите. Во некоја рака, тоа и ми беше целта. Јас лично свирам и блуз, свирам и рок и што уште не, но сметам дека како и да го дефинирате сево ова, тоа директно извира од мене. Од моите чувства. Впрочем ако ги погледнете и насловите на песните како „Елена“, „Callgi“, „Kur pranvera vonohet“, „Македонска девојка“, „Бумбаров рокенрол“, тие најверојатно тоа и го говорат“, вели Ибрахими.

Од друга страна, гитаристот подвлекува дека, иако изминало многу време откако тој се одделил од БЛА БЛА БЛА, (цели 14 години) тој никогаш не ја затворил сопствената музичка приказна. Вели дека работел сè и сешто во животот и дека тоа понекогаш го оддалечило од случувањата на сцената, но тој никогаш не престанал да пребира по жиците. Свирел за себе, одвреме навреме ќе посегнел по некој проект, за да потем повторно се осами.

Сега, веќе со официјално издание зад себе, Мухамед Ибрахими не само што се подготвува за својата прва поголема солистичка средба со публиката што треба да се случи на 28 февруари во киното „Фросина“ во МКЦ во Скопје, туку е убеден дека таквите споделувања на музиките реално ќе станат и практика која само ќе ги стимулира неговите идни исчекори на домашната сцена.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG