Достапни линкови

Русија зад уште едно хакирање во САД?


Во САД хакиран државниот систем за гласање, Русија осомничена
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00

Во САД хакиран државниот систем за гласање, Русија осомничена

Белата куќа соопшти дека федералните власти би можело да интервенираат за да го обезбедат државниот систем за гласање во Соединетите Држави. До ова дојде откако Федералното истражно биро објави дека биле хакирани базите на податоци на гласачите во сојузните држави Илиноис и Аризона.

Федералното истражно биро побара од државите да ја зголемат компјутерската безбедност во пресрет на претседателските избори во ноември.

Голем дел од информациите во гласачите датотеки се јавно достапни исе смета дека обидите за пристап до овие фајлови не секогаш значат и обиди за манипулирање со гласовите.

Имено, кога се регистрират гласачите обично ги даваат нивните имиња, домашните адреси, броевите на нивните возачки дозволи и партиската припадност.

Меѓутоа, вестите доаѓаат во време кога разузнавачките служби на САД се се позагрижени дека хакери спонзорирани од други земји можат да се обидат да ги нарушат изборите.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест рече дека е побарано од администрацијата да дебатира дали федералните власти треба да интервенираат за да се обезбедат системите.

„Дојде до расправа за тоа дали или не треба да се одредат определени гласачки системи, кои секако се одржуваат на државно и локално ниво, како делови на критичната инфраструктура“, рече тој.

Експертите за безбедност велат дека последните неколку хакирања на Демократската партија најверојатно биле извршени од луѓе во руската влада.

Кандидатот на оваа партија за претседател на САД Хилари Клинтон ја обвини руската разузнавачка служба за хакерскиот напад во податоците на Демократскиот национален комитет, како и републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека го подржува рускиот претседател Владимир Путин.

„Ние знаеме дека руските разузнавачки служби стојат зад хакерскиот напад и знаеме дека тие се зад објавувањето на многу електронски пошти. Ние знаеме дека Доналд Трамп покажува многу силна поддршка за Путин“, изјави Клинтон во интервју за американска телевизија.

Американските разузнавачки служби сметаат дека хакерскиот напад бил извршен од агенти кои работат за руската влада.

Хакерите оставиле траги според кои се претпоставува дека станува збор за руски програмери кои користат алатки што им се достапни само на владите.

Дел од американската јавност стравува дека Русија можеби се обидува да влијае на претседателските избори, можност која што неодамна ја спомна и американскиот претседател Барак Обама.

Официјален Вашингтон досега не излезе јавно со обвинување на Русија за хакерскиот напад.

Руската влада негира дека е инволвирана во нападот, аобвинувања ги оцени како „отровна антируска“ реторика на Вашингтон.

Инаку, сајбер безбедноста се очекува да биде тема на дискусија кога американскиот претседател Барак Обама ќе се сретне во претсојните денови со кинескиот претседател Кси Џинпинг на самитот на Групата 20 во Кина на кој ќе учествува и рускиот претседател Владимир Путин.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG