Достапни линкови

Клинтон вети јасна визија и поголемо единство


Клинтон ја прифати кандидатурата за претседател
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Клинтон ја прифати кандидатурата за претседател

Хилари Клинтон, во говорот на конвенцијата на Демократската партија со кој ја прифати номинацијата да биде нејзин кандидат за претседател на САД, повика на поголемо единство и го исмеа републиканскиот ривал. Со тоа е означен почетокот на, според оценките, најскапите и можеби натешките избори во американската историја.

Хилари Клинтон веќе влезе во истиоријата како прва жена кандидат за американски претседател.

„Вечерва ние достигнавме пресвртница во маршот на нашиот народ кон посовршена заедница. Прв пат една голема партија номинираше жена за претседател“, изјави таа на крајот на четиридневната конвенција на демократите во Филаделфија.

Таа најави дека доколку стане претседател ќе ги направи Соединетите држави да бидат земја која ќе им служи на сите.

„Јасно знаеме против што нашата земја треба да застане. Но, не се плашиме. Ќе се справиме со предизвиците како секогаш“, рече Клинтон, додавајќи:

„Светот го гледа она што го правиме. Да, наше е да ја одбереме судбината на Америка. Па, ајде да бидеме посилни заедно и да гледаме кон иднината со храброст и доверба“.

Говорејќи за нејзиниот ривал, милијардерот Доналд Трамп кој изненади многумина поискусни политичари со неговиот брз и неочекуван подем во Републиканската партија, Клинтон запраша дали американците можат да го замислат него како главен командант кој е способен да се соочи со вистинска криза.

Седумдесет годишниот милијардер и домаќин на телевизиско риалити шоу кој никогаш досега немал јавна функција и кој води пред Клинтон во американските анкети е критикуван за неговите ставови против имигрантите и муслиманите.

Тој ги отфрли тврдењата на критичарите дека неговиот говор на конвенцијата во Кливленд во минатата недела бил „многу темен“.

„Беше многу оптимистички, бидејќи го објаснив проблемот, а потоа кажав како ние ќе треба да го поправиме“, рече Трамп.

Пред говорот на Хилари Клинтон на конвенцијата на Демократската партија говореше, меѓу другите, и американскиот претседател Барак Обама кој изјави дека таа е најдобро квалификувана да го смени него во Белата куќа.

„Оваа година, на овие избори ве молам да ми се приклучите во отфрлањето на цинизмот и стравот и да го избереме она што е најдобро за нас, Хилари Клинтон како иден претседател на САД“, рече Обама.

Конвенцијата на демократите имаше тежок и тензичен почеток поради отпорот од поддржувачите на сенаторот Берни Сандерс кој беше поразен од Клинтон во обезбедувањето партиска поддршка за претседателски кандидат.

Многу од неговите следбеници протестираа пред салата каде што се одрежуваше конвенцијата.

Во истовреме, со почетокот на собирот на Викиликс протекоа скоро 20 илјади мејлови од раководни членови на Демократската партија со кои се гледа дека тие ја фаворизирале Клинтон на сметка на Сандерс.

За оваа афера прстот на демократите беше вперен врз Москва која на таков начин сакала да му помогне на Трамп. Тоа беше демантирано од Кремљ.

Клинтон и Трамп за прв пат директно ќе се соочат на 26 септември во првата од неколкуте дебати пред изборите на 8 ноември годинава.

XS
SM
MD
LG