Последната изјава на претседателот Ѓорге Иванов, која се однесува на работата во кризни ситуации на АРМ и на другите институции, предизвика жестоки реакции кај порталите блиски до власта. Тие го потсетија Иванов дека на власт дошол со гласови помогнати од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа уште еднаш се потврди дека власта ни од најблиските членови и функционери не прима ни укажувања, ниту сопствен став за одредена состојба.
Професор Никола Дујовски вели дека Иванов воопшто не ги критикувал ВМРО-ДПМНЕ ,туку посочил дека армијата не може самостојно да се справува на терен. Порталите блиски до власта и за помалку од ова ќе направат голема сцена, затоа што едноставно машинеријата на ВМРО-ДПМНЕ е таква, вели Дујовски.
„Мора 100 посто да се биде предаден на тоа што го мисли лидерот и кога некој ќе даде таква изјава ќе биде дочекана вака. Станува збор за политика на однесување на политичка партија која се штити себе си од какво било друго размислување. ВМРО-ДПМНЕ воопшто не поднесува различно мислење, а камо ли критика“, вели тој.
Како што пишуваат порталите блиски до власта, Иванов сака да се покаже во друго поинакво светло на крајот од својот мандат и оти тоа го прави под импресија на критиките на СДСМ дека не е самостоен. Овие написи сепак аналитичарот Алберт Муслиу не може да го разуверат дека комуникацијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и претседателот е нарушена. Напротив, тој верува дека тоа е дел од убаво изградено сценарио кое би било лесно да се спроведе, бидејќи Иванов ги прозва институциите кои се раководени од кадар на ДУИ и од кадар на ромската заедница во Македонија.
„Ова е дел од стратегијата за односи со јавност, но суштинските акти и дела на Претседателот секогаш биле на иста линија со ставовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Имавме страшна катастрофа за која се збореше, но најмалку се зборуваше дали има и човечки фактор меѓу виновниците. Така што, целиот процес се носи во друг правец, да разговараме за евентуални несогласувања помеѓу претседателот и владејачката партија, а од друга страна, најмалку што сме зборувале е дали треба да се бара одговорност“, вели тој.
Инаку, Иванов досега секогаш излегуваше со поддршка за владата, дури и за аболициите со што предизвика многу реакции во јавноста, а СДСМ постојано го обвинува дека спроведува партиски агенди. Муслиу вели дека ако навистина има незадоволство кај ВМРО–ДПМНЕ, тогаш за претседателот може да покренат импичмент, но оти со самото тоа што нема таква иницијатива потврдуваат дека станува збор за политичка игра.