Политичарите во Македонија не само што заборавија на понесување морална одговорност, туку се случува и најлошата варијанта - воопшто не им е важна, коментира професорот по филозофија Ферид Мухиќ. Часови по несреќата, функциите на надлежните се чини не се загрозени.
Не чувствувам одговорност туку жалење - беше реакцијата на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, градот во кој завчера загинаа 21 човек од поројниот дожд. Слично реагира и министерот за здравство Никола Тодоров, кој наместо одговорност, во овој момент рече дека била потребна помош.
„Кога ќе погледне човек, навистина обесхрабрува фактот колку таквиот став на политичарите е распространет и кај обичниот човек, граѓанинот, колку се восхитуваме на некоја голема чесност, колку нè зачудува некој принципиелен гест и колку сме рамнодушни кон неверојатно многу докази за отсуство на морална одговорност. Ние веќе не се чудиме на неморалноста и неодговорноста“, вели Мухиќ, кој нагласува и дека досега имало сериозни причини за оставки, но тие не се случиле.
И партискиот шеф на Трајановски и Тодоров, Никола Груевски неколку часа подоцна се појави во поплавените подрачја. Тој, пак, воопшто не спомена одговорност, туку ги координираше министерот за здравство и премиерот Емил Димитриев како да постапуваат, а уште неколку министри и државни службеници внимателно го слушаа. Како лидер на партија не е спорно што отиде таму, но од таа позиција не може да им дава задачи на министрите, нагласува професор Темелко Ристески.
„Вчерашниот настап претставува обид за политички маркетинг во смисла еве јас сум тој што се грижи за вас и води сметка за вас па имајте го тоа во вид и кога ќе дојдат избори да гласате. Тоа е пораката со таквото однесување на Груевски“, вели Ристески.
И тој, коментирајќи го немањето на чувството за одговорност, нагласува дека ништо не се случува без барем малку да е виновен човечкиот фактор. Во овој случај, додава професорот, одговорноста треба да се бара за неисчистените канали, немањето канализација, затајувањето на системот за предупредување со што можеле да се намалат последиците.
Инаку, во независна Македонија ретки се оставките поради морална одговорност. Во 1993 година тогашниот министер Антони Пешев си поднесе оставка по падот на два авиони. Во 2009 година, откако потона брод со бугарски туристи во Охридско Езеро, несреќа во која загинаа 15 луѓе, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески понуди оставка од морални причини, но таа не беше прифатена од Груевски. За разлика од кај нас во светот има и поинакви примери.
Локалните власти од мал западен град во Франција се соочија дури и со судење поради негрижа која донесе до 29 жртви во поплавите во 2010 година. Во 2012 година, пак, по поплавите во Пекинг во кој загинаа 37 луѓе и градоначалникот и неговиот заменик си поднесоа оставки.