Достапни линкови

Аболицираните се откажуваат, Иванов не реагира


Правните експерти се сомневаат дека Претседателот Иванов ќе ги укине политичките помилувања, наведувајќи дека тие се направени за да се заштитат функционерите од владејачката партија.

Иако претседателот Иванов има начин да ја повлече аболицијата, како во случајот со Ламбе Арнаудов во 2009 година, дел од правните експерти се сомневаат дека тој ќе направи таков чекор, сметајќи дека самиот чин на поднесување барање од владеачката партија да се преиспита одлуката претставува момент на лицемерие. Секој што има искрена намера да не биде аболициран и сака да ја докаже својата невиност пред Суд, тоа може да го докаже пред судот во Стразбур, вели адвокатот Александар Тортевски.

Во тој стил - Таа дупка не е дупка - тој може да донесе помилувања, бидејќи никој не ги сакал наводно, ама јас не слушнав дека Миле и Гордана не ги сакаат, на пример.
Александар Тортевски, адвокат

„Во тој стил - Таа дупка не е дупка - тој може да донесе помилувања, бидејќи никој не ги сакал наводно, ама јас не слушнав дека Миле и Гордана не ги сакаат, на пример. Меѓутоа, барем јас мислам дека и во Стразбур ќе добијат сите кои се помилувани ако поднесат барање дека не сакаат и секој што ќе се обрати во Стразбир мислам дека ќе добие и тоа може да биде основа за повторување на постапката. Далеку е од памет обвинителите да бидат аболицирани со иста одлука со луѓето коишто ги гонат“, вели тој.

Поранешниот јавен обвинител Стеван Павлевски смета дека со чинот што го направи претседателот Иванов повеќе нема враќање назад, освен тој да си понесе морална одговорност и да се отповика од функцијата Претседател на државата.

„Претседателот направи голема грешка и тој мора да ја признае таа грешка. Начинот на кој ќе реагира е негов проблем, бидејќи тој е доведен во ситуација да не може да се повика на закон и на Устав сега при повторното одлучување, меѓутоа заслужуваат луѓето кои се во тој список, а неосновано се доведени и изедначени со криминални дејствија да бидат повлечени од тој список. Во списокот има лица кои немаат допирни точки и поврзаност со прислушувањето и Специјалниот јавен обвинител и сето тоа покажува дека има претходен договор и план меѓу претседателот и Јавното обвинителство и за тоа мора да се носат последици“, вели тој.

Стручните лица од областа на правото рекоа дека со одлуката на Иванов за помилувања е повреден Уставот и законот за помилување и оти се повредени и други постапки. Во списокот на аболирање има конкретни примери кои не се поврзани со прислушувањата и тие се изедначени со нив. Во одлуките за помилување се најдоа политичари, градоначалници, но и тројца обвинители од Специјалното јавно обвинителство. Иванов во своето последно обраќање повика кој не сака неговото име да биде меѓу аболираните, да достави писмено барање и да се најде начин, ако погрешиле кон нив, да се најде правен основ тоа да се избрише.

„Мислам дека нема да повлече ниедна. Треба да наоѓаат начин. Мислам дека ќе рече дека не успеале да најдат начин. А веќе тој има практично во 2009 за Ламбе направено. Меѓутоа, мислам дека сето тоа е замачкување на очи на јавноста. Мислам дека е блеф“, вели Тортевски.

Несогласување со одлуката за аболиција изразија повеќе политичари кои се најдоа на листата. Тим од правни експерти ќе треба да ги разгледуваат барањата, меѓу другите, и на Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Зоран Заев и Бранко Црвенковски, кои се обратија до Кабинетот на Претседателот на на Македонија, со барање да биде повлечена одлуката за нивна аболиција.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG