Достапни линкови

Силно невреме го зафати Скопје и западниот дел на Македонија


Големо невреме со силен дожд и грмотевици го погоди главниот град Скопје и западниот дел на Македонија. Откорнати се дрва, улици се поплавени и делови на градот се без електрична енергија.

Од Град Скопје информираат дека сите екипи на Штабот за заштита и спасување во моментов интервенираат на терен за да ги оспособат сообраќајниците кои се поплавени од невремето.

Неколку сообраќајници беа затворени, а градските власти апелираат до граѓаните да останат во нивните домови и да не излегуваат со возила се додека не престане невремето и не се создадат услови за нормално одвивање на сообраќајот.

Сообраќајот на моменти беше прекинат во населба Автокоманда, во близина на хотелот Континентал, на улица Рилски Конгрес во населба Водно, на Булевар Србија каде беа заглавени се неколку возила, на Булевар Кочо Рацин, кај Тинексот во близина на ГТЦ и на улица Иван Козаров, Кисела Вода

Во околината на Тетово исто така имаше силен дожд, ветер и грмотевици. Од Дирекцијата за заштита и спасување врз основа на добиените податоци од терен информираа оти се зафатени селата Бродец и Шипковица.

„Патот меѓу двете села е одсечен во должина од 200 метри и оштетен во должина од 10 метри. Вработените на Дирекцијата за заштита и спасување започнаа активности за координирање и процена на настанатата состојба за итно организирано решавање на истата“, велат од ДЗС.

Од управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека најмногу дожд наврнало во Скопската котлина, 33 л/м2.

„Со поинтензивен пороен дожд беа зафатени планинските делови, Мавровскиот регион, Шарпланинскиот масив и Полошката котлина. Во западните и југозападните делови од Скопскиот регион беше нестабилно со грмежи изасилен северен ветер кој на моменти достигнуваше брзина до 72 км/час, се вели во соопштението.

Долготрајно невреме ја зафати Скопската котлина. Невремето беше проследено со силен пороен дожд, силни електрични празнења како и засилен на моменти и силен ветер кој достигнуваше брзина од 72 до 80 км/час, велат од УХМР.

Тие најавуваат дека во во текот на ноќта ќе се задржи нестабилно со локален пороен дожд со променлив интензитет, грмежи и засилен ветер. Процесите во западните делови ќе бидат поинтензитет.

За утре се очекува променливо облачно посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, особено во западните делови каде се очекува процесите да бидат поинтензивни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. УВ индексот ќе изнесува 7. Утринската температура ќе биде од 14 до 22, а дневната највисока температура на воздухот ќе се движи од25 до 32 степена.

Во Скопје променливо облачно посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Температурите ќе се движат од 20 / 29 степени.

До понеделник ќе нестабилo со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во западните делови. Во вторник се уште ќе има услови за слаб локален дожд, а извесно стабилизирање на времето се очекува од среда.

XS
SM
MD
LG