Достапни линкови

Дневен печат - Илинденски пораки и сообраќајки


Прославата на 2 август е речиси единствената тема во весниците во изминатата недела, но и таа загадена со нашето вообичаено: политиката. Дневниот печат пишува и за низата сообраќајни несреќи со жртви.

Да не беше прославата на Илинден, во печатените медиуми ќе читавме само за сообраќајни несреќи со загинати жени и мажи во нив. Вака, прославата на 2 август е речиси единствената тема во весниците во изминатата недела, но и таа загадена со нашето вообичаено: политиката.

Па читаме дека „Дневната политика го порази Илинден“, како што наслови Утрински, во чиј текст се додава дека „Наместо илинденски пораки кои ќе бидат во контекст на предизвиците со кои се соочува државата, македонските граѓани добија теснопартиски пораки, без визија за нивната иднина, ограничени на дневно-политички цели“. „Пораки за обединување, но и обвинувања – Иванов побара дијалогот да се води во институциите, а не во амбасадите, Димитриев изјави дека излезот од кризата е во избори, а Груевски и Заев си испратија политички обвинувања“ - гласи друг наслов во Утрински. И Слободен печат има слична поента: „Македонија го одбележа големиот национален празник Илинден – Плотун од ќорфишеци за единство: претседателот Иванов и премиерот Димитриев повикаа на национално единство без мешање однадвор, Груевски се крсти во избори, Заев најави обнова на Републиката според илинденските идеали“. Вечер го цитира Иванов со оценката дека: „Доаѓа вториот миграционен бран, се зголемува опасноста од тероризам“. Весникот објавува и наслови со цитати и од Груевски, Димитриев и Вељаноски, додека за Заев објавува видео на кое се слушаат свирежи и погрдни извици на некои граѓани на Мечкин Камен. Дневник објави збирен текст со кратки цитати од политичките и партиските лидери кои одржаа говори во Крушево. Нова Македонија наслови: „Празниците завршија, време е за исполнување на договореното - следува клучниот месец во кој се очекува одговор на прашањето дали политичката криза може да заврши до крајот на годинава со избори, или уште ќе се одолжува“.

Вечер пишува дека одзивот на граѓаните за пријавување во спорниот избирачки список е слаб и дека досега во ДИК се пријавиле „само 1.200 спорни гласачи‟. Дневник исто така информира дека „Бавно се чисти Избирачкиот список – на ДИК ќе ѝ бидат потребни 395 дена за да докаже дека 39.502 гласачи не се фантоми“.

И, бидејќи е време на летните одмори, Утрински објави дека „Груевски ќе одмора во Турција, Димитриев во Црна Гора, а Заев се вратил од Грција“. Слична информација објавува и Слободен печат, со дополнително прашање: „А кој ќе летува во Охрид?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG