Македонија денеска ги одбележува двата значајни историски датуми: 113 години од Илинденското востание и 72 години од Првото заседание на АСНОМ. Државни и други делегации положија цвеќе на спомен одбележјата на овие два значајни настана во македонската историја.
Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов се обрати од Меморијалниот центар во Пелинце, истакнувајќи дека денес повеќе од кога и да е порано, потребен е процес на национално помирување во земјата.
„Како што во 1941 година се сплотивме за да се избориме за слобода и државност, како што во 1991 се сплотивме за да прогласиме независност и сувереност, така и денес треба да се сплотиме за да ја зачуваме слободата и државноста, независноста и сувереноста на Република Македонија“, рече Иванов.
Тој посочи дека иако 25 години сме независни, денеска изгледаме како зависници од туѓи интереси и планови. „Цинизмот е сеприсутен. Наместо да се издигнуваме, ние со зборовите се понижуваме. Станавме политички поларизирано општество, запоставувајќи ја политичката култура. Станавме заложници на омразата кон другиот.“
Иванов го поздрави договорот постигнат меѓу политичките партии за надминување на политичката криза, посочувајќи оти сега доаѓа потешкиот дел.
„Тоа е да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија“, истакна Иванов.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“ во Скопје. Оттаму тој повика на единство и обединување, потенцирајќи дека за Македонија останува приоритет членството во НАТО и во ЕУ.
„Како прв меѓу еднаквите пратеници уште еднаш повикувам на обединување на сите политички структури зад големата идеја на Македонија. Повикувам на дополнително обновување на меѓусебната почит и разбирање помеѓу политичките партии. Тие не смеат да бидат непријатели и мораат да бидат конкуренти кои имаат иста цел. Македонија е нашата заедничка цел.“
Осврнувајќи се на политичката криза, Вељаноски рече дека народот предолго е заложник на една непринципилена политика и оти Македонија повеќе од една година е предмет на еден непринципиелен политички однос кој ги разградува нејзините државотворни темели и е под константен притисок за неправедна промена на основните начела на кои почива современата претставничка демократија.
„Моќта на граѓаните дадена на избори е под константен притисок и гласот на граѓаните даден на избори е во фаза на континуирана релативизација и обезвреднување“, рече Вељаноски додавајќи дека граѓаните излегле на избори и гласале и нивната волја е јасна и недвосмислена и дека денес тој основен демократски постулат е под закана.
„Во жарот на политичката битка, опиени од желбата за власт - за жал постојат личности кои на грбот на народот настојуваат да ја приграбат Македонија. Мораме да бидеме јасни и недвосмислени и да кажеме: Доста е! Македонија не беше градена за да се растури“, истакна Вељаноски.
Во Крушево изутрината беа положени цвеќиња на гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во Македониумот на Гумење и беше оддадена почит на загинатите востаници во битката кај месноста Слива.
Пред загинатите илинденци се поклони и делегација на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Емил Димитриев. Во своето обраќање на Мечкин Камен, Димитриев повика на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на татковината, велејќи дека таквиот пристап и искрена волја посебно е потребен во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза.
„Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе. Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на делување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за рушење и критика на се, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување на реални проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните“, истакна Димитриев.
Тој додаде дека политичката криза не му одговара на никој што и сака добро на државата и истата создава одредена несигурност кај граѓаните која се рефлектира како на секојдневното живеење така и во стопанството.
„Политичката криза не може и не смее да биде период кој што ќе трае во недоглед и кој ќе нанесува штетни последици за државата, како дома така и во странство. Затоа треба да покажеме добра волја и свесност за излез од политичката криза, покажувајќи со тоа и свесност и желба за враќање на државата во нормалниот колосек и целосно посветување на работа насочена кон реализација на проекти и дела во интерес на граѓаните“, рече Димитриев.
Честитки за празникот денеска од Крушево упати и претседателот на СДСМ Зоран Заев, велејќи дека Република Македонија е заедничка татковина на сите граѓани и дека заедно сите треба да се борат за неа за да ги постигнат идеалите на двата илиндени: а тоа се секако слободна земја со демократски институции, правото и правдата да важат за сите, земја каде што граѓаните ќе имаат достоинствен живот под еднакво за сите, рече Заев.
„Нам ни треба нов четврти Илинден во којшто ќе се обединиме одново без разлика на вера, народност, пол и убедувања. Заедно, браќа, сестри, земјаци и комшии како што е запишано и во Крушевскиот манифест, ќе се избориме за право, слобода и за социјална правда“, рече Заев.