Достапни линкови

Политичарите во улога на историчари


Историјата треба да го обединува народот, а не да го дели, велат историчарите. Но, некои политичари се како историчари и прават меѓник во однос на одредени личности или настани, што исто така не е во ред. Работи што се случиле во историја треба да останат таму кај што се, но одредени работи треба да служат како поука, вели професор Чепреганов.

Два значајни датуми од македонската историја се одбележуваат денеска. 113 години од почетокот на Илинденското востание и 72 години од Првото заседание на АСНОМ. Но, како и за секој важен празник од историјата политичките партии традиционално не се обединети во прославата, туку на тоа гледаат како на шанса за постигнување поени кај гласачкото тело. Полемика во јавноста деновиве предизвика и илинденскиот марш кон Крушево на кој учество земаа и војници од фалангата на Александар Македонски. Од осамостојувањето на Македонија па се до денес се покажува дека политичките партии во многу прилики ја користат историјата за сопствени цели, вели Тодор Чепреганов од Институтот за национална историја.

„За сите овие години партиите како наследници, едните на ВМРО-ДПМНЕ, другите на комунистите гледате што се случува. Во почетокот имавме сквернавење на некои спомен обележја што беа од периодот на Народно ослободителната борба. Меѓутоа тоа полека се канализира па денеска немаме некои такви испади што се однесуваат на некој начин на негирање на тој период од македонската историја“, вели Чепреганов.

Професорот Лазар Лазаров истакнува дека Илинден се фаворизира од ВМРО-ДПМНЕ, додека АСНОМ го потценува поради поврзаноста со СДСМ.

„Низ што го гледам тоа. Го гледам низ однесувањето на владејачката партија, меѓутоа ние државност не создадовме на Илинден и ако сакате во проектот Скопје 2014 тежиштето е ставено се на илинденскиот период додека со извесно потценување и омаловажување се однесува кон Национално ослободителната борба“, вели Лазаров.

Чепреганов додава дека во последните години може да се забележи дека помалку се злоупотреба историјата, иако партиите се уште во многу осетливи моменти за општеството го креваат националниот набој кај граѓаните. Според него, историјата треба да ги обединува сите, а не да го дели народот.

„Работата да биде уште полоша одредени политичари се јавуваат како историчари за да прават некој меѓник во однос на одредени личности или настани што исто така не е во ред, затоа што сепак историчарите имаат своја методологија по која работат. Едноставно тие работи што се случиле во историја треба да останат таму кај што се, закопани, но одредени треба да служат како поука за да не ни се повторуваат во иднината“, вели Чепреганов.

Лазаров се согласува дека партиите треба да имаат обединувачка улога, особено оние на власт, но тие, според него, се повеќе се разединети и со тоа го рушат угледот на Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG