Достапни линкови

Садику - Македонија e шампион во намалување на работничките права


Садику - Македонија e шампион во намалување на работничките права
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:26 0:00

Садику - Македонија e шампион во намалување на работничките права

Според компаративно истражување, особено со земјите од поранешна Југославија, за да видиме каде сме во трката кон дното, Македонија испадна дека е апсолутен шампион во намалување и деградирање на работничките права и на трудовото законодавство. Ние денеска изгледаме како една апсолутно анти-социјална држава, а во моментот кога го наследивме тоа законодавство, ние бевме дефинирани како социјална држава, вели Артан Садику од левичарското движење „Солидарност“, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Садику, дел сте од левичарското движење „Солидарност. Во јавноста има некакви најави дека е можено движењето да прерасне во политичка партија. До каде сте со таа идеја?

Таа идеја за прераснување во политичка партија на Солидарност не е идеја која Солидарност ја има монополизирано, таа е една од долгорочните цели на движењето. Има доста внатрешни дебати, не само во „Солидарност“, туку и во другите групи, како на пример движењето за социјална правда „Ленка“ и други невладини организации, групации и здруженија и активисти кои сметаат дека треба да се мобилизира левичарска партија во Македонија, токму поради фактот што во формалниот политички спектар нема левичарска партија. Ако ги гледаме идеолошките определби на сите политички партии во Македонија, тие се полево или подесно, но сите заедно десно од центарот, а особено во однос на нивните економски платформи, економски менталитет и убедувања. Она што сметам дека е клучно пред какво било преземање на какви било чекори за таква политичка иницијатива е добро да се дискутираат модалитетите, да се развие стратегија. Сметам дека би било погубно да се организира прес-конференција на која ќе се најави нова партија и тоа ќе биде само уште една партија во ред која се најавува на прес-конференција, но нема никаков реален одек или одѕив преку градење на вистински алијанси со групи на граѓани. Оттаму сметам дека одредена идеја која ја имаа наши другари и соработници од Словенија, која како стратегија ја нарекоа иницијатива движење-партија, т.е. политичката иницијатива која може да се организира, да се потруди да креира одредено општествено социјално движење во земјата, со директно демократско вклучување на граѓаните, па таквото движење би прераснало, би резултирало во политичка партија, која знае јасно кого претставува, а во Македонија тоа сигурно би било да ги претставува поголемиот дел на обесправени граѓани и работници.

Сето ова некако личи на планови на долг рок. Нема ли во моментот капацитет да се акумулира тоа незадоволство кај граѓаните?

Сметам дека политичкото делување повеќе треба да се сведува на стратешко преземање на чекори кои мора да бидат изведени со капацитет на самите организации или здруженија, или самата иницијатива или група. Тој капацитет денеска уште го нема, за жал, но треба да се извади, а за тоа треба време.

Голем дел од населението во Македонија има социо-економски проблеми, но сепак кога се организираат протести или се изразува некаков револт поради економската состојба на граѓаните, тие протести не наидуваат на масовност. Тука пред се мислам на протестите кои ги имаше движењето „АМАН“ пред извесен период. Зошто македонските граѓани се демотивирани да се борат за остварување на своите економски права?

Затоа што во Македонија имаме долгорочна пракса, повеќе од две децении од нашето осамостојување, на монополизирање на демократските процеси од страна на политичките партии. Со тоа кај мнозинството граѓани се вкорени убедувањето дека нивниот единствен и најчест акт на некое си вклучување во политичките-демократски одлучувања во државата се изборите и само преку гласање на избори тие може да изразат некоја политичка волја. Од друга страна имаме веќе развиена тенденција и култура од страна на државните институции во Македонија кои исклучуваат секаков таков порив или такво барање за директно демократско вклучување во процесите на одлучување од страна на граѓаните. Имајќи предвид дека во Македонија, за жал, институциите никогаш не прифатиле некое барање од страна на луѓе кои протестираат, тоа креира култура на недоверба кон протестите и неприфаќање на истите како легитимен, секојдневен политички акт на делување. Сметам дека тоа не е случај само со Македонија, но кај нас има потреба од повеќе нудење на такви форми на барање и на протестирање и на демонстрирање, со што тие ќе почнат да бидат прифатливи од страна на граѓаните како легитимен политички метод на борба за демократија и борба за сопствени права. Ако имаме почесто развиена таква култура, сметам дека би имале многу поголем број на граѓани вклучено.

Од друга страна не е проблем да се мобилизираат да излезат граѓани на улица кога се работи за некакви етнички барања, барања засновани на етнички основи. Гледате ли можност во некаков пократок период да се развие граѓанската свест на сметка на етничката поделба и свест?

Мора да знаеме дека таа симболично наречена битка меѓу етничкото и социјалното од една и општеството од друга страна има тотален дисбаланс на моќ и на сила и на капацитети. Од една страна имаме константна власт која од самото осамостојување со сите нејзини владини, државни ресурси и капацитети промовира поделба и промовира истовремено раѓање на етно-националистички политики и етно-националистичко присуство во јавноста во Македонија. Од друга страна имам граѓански сектор кој во однос на таквата сила и моќ на власта и на државните институции се труди таа тенденција, таа политика и реторика на етно-национализам да и се спротивстави со функционирање на социо-економските заедништва. Јас се плашам дека што пострашна станува социо-економската политика во Македонија толку поагресивна ќе стане етно-националистичката политика и тука многу јасно може да се укаже или да се покаже со прст дека виновникот се нашите етно-центрични политички партии кои од осамостојувањето секогаш ја користат таа етничка карта за да таа биде единствената карта на која се добиваат избори, токму поради фактот што немаат доволно храброст со оние сериозни политички проблеми кои во Македонија постојат поради последиците од приватизацијата и токму поради начинот на кој денеска е организирана македонската економија од која придобиваат мал дел на луѓе кои цело време се најдобрите и најблиски соработници на денешната политичка елита.

Владата предложи измени на неколку закони. Една од тие измени е хонорарците да плаќаат за пензиско и за здравствено осигурување. Стравувањата се дека сето тоа ќе биде врз грбот на оние кои се хонорарно ангажирани и дека нивниот хонорар ќе се намали. Какво е вашето мислење за оваа мерка?

Ако го анализираме трудовото законодавство во Македонија, особено во последните 10 години, тогаш ќе видиме дека има константна тенденција сите тие промени да бидат на товар на вработените, односно на работниците, а не на работодавците. Пред неколку години имаше олеснување на ставките за придонеси за здравствено осигурување и за пензиско, со што не се зголеми платата на работникот, туку само се намалија давачките на работодавците. Фактот што во Македонија не е законски регулиран начинот на вработување со договор и договорот да биде обврзувачки на нето, а не на бруто плата, секогаш таквите промени на законот се во корист на работодавците. Во ваквиот случај она што ќе се случи е дека луѓето кои досега имале договори за хонорари и кои од брутото плаќале одреден процент за персонален данок, сега ќе мора да плаќаат 40 проценти од таа нето плата која би требало да ја добијат, со тоа целиот товар ќе падне на работниците, а не на работодавците, а знаме дека работодавците треба да ги плаќаат придонесите за нивните вработени.

Има ли некаква компаративна анализа за тоа каде е Македонија во остварувањето на работничките права во однос на другите земја во регионот?

Има компаративно истражување, особено со земјите од поранешна Југославија, за да видиме каде сме во трката кон дното. Пред една година имавме конференција на која Македонија испадна дека е апсолутен шампион во намалување и деградирање на работничките права и на трудовото законодавство. По последните месеци во Србија имало големо синдикално и активистичко раздвижување против новиот закон за труд во Србија, а компаративно такви законски одредби во Македонија се донесени пред 10 години. Во Србија денеска се спротивставуваат тоа да не биде усвоено. Во Македонија таквиот продор на тие нео-либерални политики на флексибилизирање на пазарот на трудот никогаш не се соочи со сериозен отпор од страна на организирани форми на работници, односно од синдикатите и токму сите влади имаа слободен простор под влијание на политиките на Светската банка и на ММФ, но исто така и под влијание на внатрешните бизнис групи, цело време да вршат уривање на трудовото законодавство кое го наследивме во 1991, и во однос на која ние денеска изгледаме како една апсолутно анти-социјална држава, а во моментот кога го наследивме тоа законодавство ние бевме дефинирани како социјална држава.

Колку Македонија е реално социјална држава?

Социјалниот карактер на државата се гледа во самиот начин и концепт на редистрибуција во процесот на делегирање на општествени добра, односно во процесот на производство. Она што во Македонија погрешно се толкува е што државата дава социјални трансфери и тој аспект на државата во едно друго истражување покажува дека од 2008 до 2013 е намалено за 40 проценти. Таквиот аспект на државата укажува на фактот дека државата на некој начин се сожалува со оние кои претходно преку други закони ги креира, ги генерира како сиромашна група во општеството, па после ги третира со социјални трансфери кои сепак не овозможуваат достоинствен живот на онаа група на граѓани кои се жртва или на процесот на приватизација или на рушењето на работничките права. Од друга страна имаме дури и вработени работници кои паѓаат под границата на сиромаштијата.

Се одбележаа 111 години од Илинденското востание и 70 години од АСНОМ. Последните години засилено слушаме мислење кои велат дека државата го запоставува вториот Илинден, односно АСНОМ. Какво е вашето мислење?

Сметам дека во сите држави од поранешна Југославија политичките елити пројавија антикомунистичка тенденција која требаше да го оцрни целиот период на бившата држава, а со тоа и самата народно ослободителна борба. Сметам дека сепак ние колку и да сме свесни за таа борба која траела повеќе векови и од првиот Илинден свесни сме дека основните принципи на нашата модерна Република се воспоставени токму на тој АСНОМ и оние принципи на кои ние денеска се повикуваме, како социјална држава, слобода на изразување, слобода на говор, на политичко здружување, се основните принципи врз кои нашата држава е изградена, кои на некој начин во политичката модерна историја на оваа држава беа внесени преку АСНОМ и сметам дека токму преку укажувањето на вредноста на овие принципи за нас денес, ние може да ја вратиме важноста на тој АСНОМ и со таа вредност да се спротивставиме на таа тенденција која не е само во Македонија, туку и во другите пост-југословенски држави за да се заборави избрише секакво наследство од тој период, од Втората светска војна и потоа со воспоставувањето на Југословенската федерација.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG