Достапни линкови

Мирот како дишење, храброст, став и уникатност


„сеМир“ е насловена неодамна обнародената втора е-збирка на Школата за поезија – делегација Македонија, интерактивната online програма на Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кое, пак, е дел од Светската унија на поети.

Песни на 40-на домашни творци - членови на Школата за поезија – делегација Македонија, како Костадин Героски, Мартин Богатиновски, Тања Кармзова – Костиглиола, Димитри Соле – Љубин, Афродита Џафери, Љубица Шопова, Љупка Антеска, Даница Петровска, Михајло Свидерски, Дејан Крстески, Билјана Стојановска...и други, се застапени во неодамна обнародената е-збирка „сеМир“, која доаѓа не многу по деби-објавата насловена како „ПоетИскон“. Нивната иницијална заложба е преку Светската унија на поети да биде востановен ден за одбележување на мирот на планетата Земја. Од таму, и оваа нивна книга, претставува своевиденотпор, односно револт кон Големата слика која постепено не гризе и ги разјадува сите (не)стабилни) слоеви во општеството.

„Мирот е како дишењето. Потребен ни е да бидеме спокојни. Тој ни дава храброст, став, и уникатност. Односно она што им е најпотребно на поетите кога се изразуват. Тој ни нуди простор за прифаќање на диверзитетот кој го нуди секое делче од планетата. Тој не смее да ни биде одземен. Напротив, ние кои ги имаме едни од најсилните алатки на светот, односно зборот и мислата, треба да бидеме предвесници на она ново време што сакаме да го живееме“, вели Митко Гогов, од Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кое е дел од Светската унија на поети.

Лилјана Пецова Илиеска истакнува дека учеството во Школата за поезија е од особено значење, не само на индивидуално туку и на севкупно ниво. Дека во неа членуваат голем број на млади луѓе, ентузијасти и интелектуалци. Личности кои пред се го согледуваат немирот и свесни се за напорот којшто треба да биде вложен за да гласно биде кажан сопствениот став. Својот светоглед. Таа дополнува дека е добро што целиот процес се одвива на овој начин бидејќи во последно време присуството на поезијата онлајн станува особено интересен факт и дека на поетите им помага да бидат многу повеќе поврзани и полесно да ги споделуваат своите искуства.

„Не само учеството во Школата за поезија, туку и воопшто пишувањето на оваа тема – мир, беше навистина фасцинантна иницијатива бидејќи, во само неколку дена, успеавме да собереме или да напишеме, зависно кој како се најде во ситуацијата, песни на тема која што навистина провоцира, имагинира и дури возбудува. Особено во сите овие случувања, не само на национално ниво туку и пошироко.“

Гогов, од своја страна, порачува дека најверојатно и во иднина ќе продолжат со овој формат на електронски изданија. Вели дека, во моментов, веројатно „се единствените кои промовираат и се залагаат за овој вид на издаваштво“. Тој смета дека поетите редовно самите меѓу себе си споделуваат дел од нивната поезија. Дека групата не е именувана како Поезија или како Македонска поезија, туку дека се вика Школа за поезија затоа што милуваат кога ја споделуваат поезијата интерно во групата, секој од авторите да сподели и мислење или став. За она што го творат или севкупно за времето и просторот во кое што живеат и делуваат.

„На некој начин меѓусебно да се учиме како е подобро да се изразуваме. Во време кога немаме предизвик, поетите споделуваат многу поезија и за прв пат во Македонија, барем од групите во кои јас учествувам, гледам разговор. Односно конструктивна дискусија на тема стихови кои се споделувани во групата.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG