Достапни линкови

Иван Антоновски – живеење во и со книжевноста


Иван Антоновски е вториот добитник на наградата „Тодор Чаловски“, што Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“, во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на еден од најистакнатите современи македонски писатели, ја доделува како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми за млад автор од Македонија.

Иван Антоновски, поетот, есеист, критичар и книжевен преведувач, знае да каже дека иако сме свесни за трошноста на телото и за ограниченоста на човечката моќ, за некои личности кои ни се соговорници, собеседници и сомисленици, особено за книжевноста - живот и за животот – книжевност, никогаш не можеме да помислиме дека физички ќе не напуштат се дури не се случи тоа. Затоа вели дека никогаш немал ни помислено дека некогаш во животот ќе добие награда „Тодор Чаловски“. Подраго ќе му било наместо таквиот чин, и годинава, на терасата на хотелот „Неда“ во Галичник, да имал можност повторно со Чало да говори и живее за и со книжевноста.

„Искрено драго ми е што оваа награда што го носи името на Тодор Чаловски не е награда само за конкретно дело, туку е признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми за млад автор од Македонија, и како такво признание, на некој начин, дава енергија на творецот којшто не е насочен кон еден жанр туку едноставно живее за книжевноста и со книжевноста на повеќето теми кои што таа ги овозможува“, вели тој.

Роден во Скопје 1990 година, Антоновски дипломирал на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ како првенец на генерацијата. Автор е на неколку поетски книги, како и на едно прозно дело. Застапен е во повеќе домашни и меѓународни поетски антологии и зборници, а делови од неговото поетско творештво се препеани и публикувани и на десетина странски јазици.

Тој е потписник и на неколку книжевни преводи и на студии од областа на книжевната историја и херменевтика, како и од областа на културологијата. Негови дела се и книгата со студии и есеи за книжевната теорија и за македонската книжевност „(Не)отворени прашања“ (2014) и збирката есеи и колумни „Острење од тапоста“ објавена мината 2015 година. Коприредувач е на антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ (2012 – во Република Македонија и 2014 – во Република Чешка, на чешки јазик) и на антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“ (објавена во превод и препев на српски јазик, 2014). Згора на тоа бил колумнист и надворешен соработник на неколку домашни електронски и печатени медиуми и еден од првите уредници на првиот македонски електронски неделник за култура „Репер“.

Инаку, наградата „Тодор Чаловски“, што по втор пат ја доделува Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ (прв добитник беше Марта Марковска) , практично подразбира објавување на книга на наградениот творец во македонско – англиско издание во 2017 година.

Од таму, не чуди кога Иван вели дека песните му се во ракопис, дека концептот му е заокружен и дека го има работниот наслов на стихозбирката - „Обидувајќи се да напишам песна“. Појаснува дека станува збор за нов обид со една поинаква поетика, поразлична од онаа којашто била досега присутна во неговите претходни поетски книги. За прв пат во творештвото на Антоновски, во целост, во една поетска книга, ќе биде присутна арс-поетиката.

„Самиот ракопис беше резултат на еден период на мојот живот кога, всушност, се повлеков со сопствените размисли за книжевноста, за поезијата, за творечкиот чин... И токму тогаш таа размисла за животот – книжевност, книжевноста – живот, особено за поезијата како дишење во тој живот – книжевност, резултираше размислите, сликите, визиите да не бидат некаква теорија разглобена во многу страници во кои што некои работи можеби ќе се искажат, меѓутоа некои ќе останат недоискажани. Резултираше со стихови во коишто, се надевам, дека дури и просторот меѓу стиховите е само навидум празен затоа што и таму се обидувам да кажам нешто“, вели тој.

А, збогувањето со отсутноста од јавноста авторот ќе го заокружи и со неговиот прв обид на проза за деца и со објавата во која ќе бидат поместени 40-тина негови критички текстови за книги од македонската поетска продукција во последниве неколку години, ракописи кои сè уште се наоѓаат во неговата творечка лабораторија.

„Ќе се обидам да ја достигнам потребната рамнотежа меѓу веќе објавеното и она што влече во правец на нови творечки обиди и кон нови творечки преокупации, критички посредувања и сето она што е, на некој начин, мој предизвик и мое живеење во и со книжевноста“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG