Триесетгодишна жена одлучува да промени нешто во својот професионален живот започнувајќи нова работа. На своето прво службено патување и прва работна задача, која очекува беспрекорно да ја исполни, запознава млад португалски писател во кого се вљубува и со кого започнува „електронска љубовна врска на далечина“. Кратката романса, вљубувањето, очекувањето и разочарувањето што неминовно следуваат се патот на созревањето и на спознавањето на сопствените желби.
Лично повеќе тежнеам кон прозните творби како форма затоа што ми нудат повеќе простор и ширина за да ги изразам мислите и приказните коишто едноставно сакам да ги раскажам.Елена Конеска, писателка
Ова во неколку реченици е содржината на „Еднаш одигравме љубов“, првиот роман на Елена Конеска, што како издание на „Антолог“ од Скопје беше промовиран деновиве. Говорејќи за него, таа вели дека во проектот влегла по малку авантуристички, без некоја претходна идеја да создава токму роман. Едноставно, пишувајќи страница по страница во изминатите неколку години, самата приказна почнала да се распостила за полека да стигне до една поширока прозна форма и конечно до роман.
„Лично повеќе тежнеам кон прозните творби како форма затоа што ми нудат повеќе простор и ширина за да ги изразам мислите и приказните коишто едноставно сакам да ги раскажам. Инаку, ова по малку беше срамежлив обид за да влезам во светот на литературата. Сепак, сега мислам дека не би ме поколебала идејата со нови прозни творби да продолжам и понатаму“, вели Конеска.
Истакнува дека, како што самиот наслов кажува „Еднаш одигравме љубов“, таа во книгата го испитува концептот за љубовта и на кој начин можеме да ја разбереме. Со прашањата кога се ние размислуваме за љубовта, кои се прашања, кои се концепти таа ни ги отвора во текот на животот и за време на нашето созревање, конечно, што е тоа љубов, дали нешто како љубовта може да се исценира, да се постави на сцена. И, дали нешто што е исценирано, одиграно на животната сцена, може да се нарече љубов.
„Тоа се некои прашања коишто сакав да ги загатнам во приказната и за кои што мислам дека до крајот на самиот роман совршено се одговараат. Едноставно да ја направиме разликата помеѓу она што ние со текот на годините го сфаќаме и го дефинираме како љубов и што на истото тоа прашање би одговориле многу години подоцна“, вели писателката.
Конеска дополнува дека всушност, во нејзиниот случај, станува збор за развоен роман кој што е концентриран на самиот лик и наратор и којшто постигнува еден вид на интелектуално и психичко созревање во дадениот временски простор од десеттина години што е рамката на дејствието на настаните во делото. Сосема доволно време, како што вели, да сфатиме и си одговориме на прашањето што претставува за нас љубовта.
Инаку, Марина Мијаковска во својата рецензијата ќе запише: Стилот на „Еднаш одигравме љубов“ од Елена Конеска е едноставен како дишењето; здивот пулсира и се забрзува со редењето и со слевањето на речениците една во друга, ситуациите се движат забрзано една кон друга, па сè до крајот.
Таа потенцира дека романот е „извонредно дело со цврста композиција, течна нарација и лесен стил на изразување на прозните ситуации во прозни слики“.
Кон ова само уште неколку реченици. Родена на 9 мај 1980 година во Прилеп, Елена Конеска студиите по германски јазик и книжевност ги завршила на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2009 година магистрирала на истиот факултет со трудот на тема „Интерпретација на телото и телесното во романите на Елфриде Јелинек“, а како постдипломец одреден период престојувала на универзитетот „Карлс Рупрехт“ во Хајделберг, Германија.
Од германски на македонски јазик досега ги превела: „Приказната за Вилхелм Тел“ од Јирг Шубигер, бестселерот на Тимур Вермеш - „Види кој се врати“, „Зарем плачеше?“ на Латвијката Даче Рукшане и „Добриот љубовник“ на исландската литературна ѕвезда - писателката Стеинун Сигурдардотир.