Пишувана на патешествијата на американскиот континент и заокружена по враќањето во татковината, „Срце на тротоарот“ на младата Адријана Ананиева е нејзината прва збирка автобиографски раскази зад која без многу двојба застана издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
Излегува дека насловот како да е за „љубовен роман“, но сепак не е така. Јас го сакам животот и затоа и овој наслов веројатно. Сето пишување е всушност голема лекција за животот.Адријана Ананиева, писателка
Книгата е составена од два дела. Првиот го сочинуваат раскази проткаени со лични видувања, додека расказите од вториот дел се создадени врз основа на разговори на пет девојки, кои може да се наречат коавторки на делото. Секој расказ е внимателно избрана епизода или епизоди од секојдневието на протагонистите, чија намера е да ги ослободи од заборавот. Тоа се настани и размислувања со кои тие се соочиле во текот на својот престој и работа во САД.
„Сите од девојките во книгата ми се блиски пријателки со кои делевме многу заеднички моменти. Во туѓина пријателите ти се сè. И семејство и пријатели и поддржувачи. Се стремев да направиме разговор од истите прашања и да тргнеме нешто од мислите кои не мачеа во тие наши приказни. Да не се заборават некои работи кои не се за заборавање. Тие и јас многу би сакале книгата еден ден да се преведе и да им ја испратиме на „нашите тамошни семејства“. Па нека си се прочитаат што правеле и што не правеле. Не судам никому. Сакам да се прикаже нашата вистина која многу често е занемарувана во тој систем на профит на големите компании. Не се гледам себе си како жртва, ниту пак моите другарки. Напротив, тоа е едно големо школо за животот и за сè во него“, вели Ананиева.
Во рецензијата за „Срце на тротоарот“, поетот Ѓоко Здравески истакнува дека „раскажана во прво лице, од повеќе раскажувачи, книгата на хартија го става современото општество видено низ призмата на неколку млади жени, кои се решаваат својата среќа да ја побараат во центарот на светските збиднувања. Дека Ананиева преку своите раскажувачи ги опфаќа клучните болни точки на нашата цивилизација: консумеризмот, отуѓеноста на субјектот, постојаната контрола на системот...“.
Поетот Мане Манушев, пак, пишува дека „ова е ракопис на едно човечко будење внатре во сопствениот страв, во сопственото очекување, ракопис за непознатата животна патека, која никогаш не е во заедништво со желбата и убеденоста на една личност“. Тој дополнува дека токму таа едноставна разноликост, искрена и чисто наивна човечност, го прави овој ракопис хармоничен во своето постоење, но со истото она срце – „Срце од тротоарот“.
Писателката дополнува дека насловот на книгата е случаен и дека е врзан со еден вистинит настан. На тротоар во САД нашла златен приврзок во форма на срце на кој пишувало „мама“. Тоа бил првиот и единствен пат во животот да најде нешто што е изгубено од некого на улица.
„Од таму произлезе „Срце на тротоар“. Излегува дека насловот како да е за „љубовен роман“, но сепак не е така. Јас го сакам животот и затоа и овој наслов веројатно. Сето пишување е всушност голема лекција за животот. Вака многу научив за тоа што значи семејство, што значи да имаш деца, што значи да бидеш таму некаде по светот, во туѓина“, вели таа.
Родена во Скопје 1984 година, Адријана Ананиева дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на групата италијански јазик и книжевност со американски студии. Работела како новинар и како наставник и цели три години живеела во САД и во Данска. Моментално студира на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје.
Овде да завршиме со зборовите на Здравески кој вели: „Ракописот Срце на тротоарот е солиден прозен текст од талентирана млада авторка, кој е добредојден на македонската книжевна сцена, и токму поради тоа срдечно и со одговорност го препорачувам“.