Има песни што те поземаат и со игрива леснотија те носат кон откритија. Ти ги прочистуваат чулата да бидеш буден, да погледнеш со очи ширум отворени, одново и одново да прашуваш: Зошто?! и Како?! Да погледнеш во сите ќошиња, да се откриваш и преоткриваш себеси, светот, себеси во светот - и да се радуваш на секое ново спознание. Првата поетска збирка на Габриела Мишел Милкова „Врвот на ноќта“ (“The Peak of Tonight”) нѐ воведува во едно возбудливо (само)откривање, низ спојот на играта и луцидноста, на дионизискиот танц и аполониската проникливост.
Преку овие 33 песни, всушност, сакам да покажам како јас го гледам времето и како е тоа минливо нешто, но исто така бинарноста и врската помеѓу светлината, темнината, и созревањето на самата личност.Габриела Мишел Милкова, поетеса.
Ова ќе го забележи Христина Атанасовска Јовановска во својот инспиративен осврт „Танцувачи во кругот на темнината и светлината“ посветен на деби изданието на младата матурантка на скопската гимназија „Нова“.
Поетот Ефтим Клетников, пак, во писанието насловено како „Поезија на една длабока душа“, знае да каже дека „во поезијата на Габриела Милкова ноќта има хипнотизирачка моќ, но во една позитивна онтолошка проекција како извор на светлината, а не на темното, како што е тоа на пример поезијата на германскиот романтичар Фридрих Новалис во неговите „Химни на ноќта“. Од таму, тој заклучува дека во „Врвот на ноќта“ откриваме еден прекрасен поетски талент на една млада и длабока душа.
„Преку овие 33 песни, всушност, сакам да покажам како јас го гледам времето и како е тоа минливо нешто, но исто така бинарноста и врската помеѓу светлината, темнината, и созревањето на самата личност“, вели Милкова.
Младата поетеса појаснува дека нејзината збирка е поделена во два дела. Во првиот дел има циклус од триесет песни, а секоја од нив претставува еден ден од циклусот на месечината. Вели дека во вториот дел од книгата именуван „Мугра“ („Dawn“) има само три песни, кои таа ги смета за најзрели и не се циклично поврзани меѓу себе, туку претставуваат некакво отстапување од тој бесконечен циклус на врвот на ноќта.
„После тој безизлезен циклус повторно има светлина, има и мугра, има и нешто константно бидејќи и самата месечина е константно битие, но месечината ни изгледа различно соодветствувајќи со тоа што таа одлучува да прави со светлината и колку таа одлучува да разоткрие од самата себе“, велејќи таа.
Говорејќи за себе, Габриела ќе рече дека поезија пишува од рани години. Дека на своите 10 години во дневникот што го водела запишала оти би сакала она што го твори на денот на полнолетството биде вообличено во нејзината прва книга. А, сега кога желбата ѝ се исполнила, потенцира дека ѝ останува само да ја продлабочува врската со поезијата и да се фокусира на усовршување на начинот на нејзиното претставување во јавноста.
„Следниве 10-на години би се фокусирала на поезијата бидејќи би сакала да го усовршам настапот, перформансот или комуницирањето на поезијата со мојата публика. Но, исто така сакам и да пишувам кратки раскази, можеби и некои дела кои не се фиктивни, научни дела. Сепак, како и да е, највеќе моментално при срце ми е поезијата и верувам дека јас најдобро со светот околу мене комуницирам преку стихот. Преку песната“, вели таа.