Достапни линкови

Мијаковска - Хаикуто е форма на стаклени поетски слики


„Тиркиз во лето“ е насловена книгата со хаику поезија на Марина Мијаковска, која во издание на Културниот центар „Бран“ од Струга се појави деновиве. Објавата е поделена на четири циклуси: „Бел цвет во пролет“, „Тиркиз во лето“, „Злато во зесен“ и „Сребро во зима“ и, како што пишува рецензентот Трајче Кацаров, „изобилува со естетски стегнати лирски минијатури – хаику песни, каде боите на поетските записи се прелеваат како бранови на живиот свет и светлината низ годишните времиња“.

1

Бел цвет во пролет

Тиркиз во златно лето

Во есен зима

Хаикуто како една кодирана форма, традиционална форма, ми беше доста интересно како форма за изразување на тие стаклени поетски слики затоа што хаикуто произлегува од природата и притоа го запечатува мигот на погледот.
Марина Мијаковска, поетеса.

2

Крај на летото

Сончогледи во двобој

Бркаат чавки

Марина Мијаковска, поетеса.
Марина Мијаковска, поетеса.

Ова се две од вкупно 160-те песни собрани во новата збирка „Тиркиз во лето“, прва со хаику поезија, на поетесата, раскажувач, есеист и книжевен критичар Марина Мијаковска. Книгата, како издание на Културниот центар „Бран“ од Струга се појави неодамна и составена е од четири циклуси: „Бел цвет во пролет“, „Тиркиз во лето“, „Злато во зесен“ и „Сребро во зима“. За неа рецензентот Трајче Кацаров ќе забележи дека „изобилува со естетски стегнати лирски минијатури – хаику песни, каде боите на поетските записи се прелеваат како бранови на живиот свет и светлината низ годишните времиња“.

„После неколку книжевни објави на лирска поезија започнав да пишувам хаику поезија како една внатрешна потреба или порив за изнесување на своите доживувања кон природата и очудувањата на сликите од природата. Хаикуто како една кодирана форма, традиционална форма, ми беше доста интересно како форма за изразување на тие стаклени поетски слики затоа што хаикуто произлегува од природата и притоа го запечатува мигот на погледот. На тоа што е овде и сега пред нашите очи. Хаикуто е едно внатрешно око на тој што набљудува и тоа што е како предмет на набљудување“, вели Мијаковска.

Поетесата истакнува дека хаикуто почнала да го пишува од март минатата година и дека книгата „Тиркиз во лето“ е труд во континуитет од година и половина со одредени кратки паузи.

„Сето тоа што го гледав во природата, стаклениот миг во погледот, на вечниот миг, го пренесов во самото хаику. Прв пат пишувам хаику, но сметам дека ќе продолжам и во иднина затоа што сметам дека природата е нешто што го запечатува мигот на вечните доживувања“, вели Мијаковска.

Таа појаснува дека пред многу години, на почетокот од новиот милениум, произлезе еден модерен бран, една плејада на автори како Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев, Искра Донева, коишто пишуваа хаику и беа собрани околу списанието „Мравка“. Вели дека тие први ја овековечиле оваа форма кај нас, а дека самата многу подоцна започнала да се занимава со пишување на хаику.

„Јас како автор многу подоцна почнав да се занимавам со пишување на хаику затоа што не ја следам онаа книжевна мода и тенденција, туку ја чувствувам својата внатрешна природа и порив и на тој начин се изразувам преку оние форми коишто самата чувствувам дека можат да бидат предмет на мој израз. Мислам дека денес помалку се пишува оваа форма, повеќе се оди кон таа лирска поезија, меѓутоа ете јас сакав токму сега да направам еден ваков книжевен обид и се надевам дека тој е успешен“, вели таа.

Мијаковска знае да каже дека авторите се постојани набљудувачи на животот, на својот и на луѓето околу себе. Дека тие се постојано активни и дека и самата не сака да се огради преку една книжевна форма или книжевен облик.

„Постојано пишувам повеќе облици. Веќе подолго време пишувам роман, паралелно работам на книгата со лирска поезија и на онаа со раскази, значи присутна сум во сите три книжевни форми и се надевам дека некаде догодина би можело нешто од тоа да биде публикувано затоа што заклучив дека година и половина до две мене ми е потребно за објавување на една книга“, вели авторката.

Инаку, Марина Мијаковска досега ги има објавено поетските книги: „Номадска душа (2010); „Куфери“(2012) и „Психоаналитичка алхемија од страсти“(2013) и книгата раскази „Куќички“ со која минатата година ја доби наградата „Крсте Чачански“. Член е на ДПМ од 2013 и добитник на повеќе награди и признанија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG