По „Сузан“ (2008) и „Мојата Сузан повторно девојка“ (2011), Жарко Кујунџиски „се збогува“ со своето долгогодишно творечко алтер-его Џеси Блејз. Така „Ние предметите“ е трета авторска поетска збирка и прва потпишана со неговото име. Сега Џеси Блејз е Жарко Кујунџиски. Или Жарко Кујунџиски е Џеси Блејз.
Се обидував преку такви некои мали исечоци да ја очудам стварноста, а сепак тоа да биде онаа стварност не опкружува нас како човештво. Сето тоа кога заедно ќе го споиме добиваме „Ние предмети“ - две спортивности на едно место.Жарко Кујунџиски, поет и писател
„Сето тоа со Џеси Блејз почна како една поетска или книжевна игра. Јас мислам дека играта како феномен е многу битна и во животот, а посебно во литературата. Големи книжевни дела настанале токму на база на некаква авторска имагинација, обид да се игра со форми, со содржина и Џеси Блејз настана така како една спонтана игра со псевдоними, со концептот на авторство, со концептот на странско име во домашната литература, со играта со различни стилови и поетики кои се различни и од моето творештво и од тоа што во македонската литература беше поезија пред појавата на Џеси Блејз и тн. така што таа игра си фати некаков тек, си траеше извесен период и можеби и мене како на автор, а можеби и на читателите им стана изгустирана, та затоа решив и нешто да сменам“, вели Кујунџиски.
Тој дополнува дека можеби тој поетски пат ќе земе и некаков поинаков тек бидејќи играта е нешто во кое влегуваме однапред со многу непознати и самиот не знае каде топката на поезијата ќе го однесе понатаму.
А, темите во оваа збирка, инаку сочинета од четири дела – пролог, два циклуса „Ние“ и „Предметите“ - секој со по 32 песни и конечно епилог, како што ќе биде забележано, се „најмногу во оној препознатлив, урбан и љубовен стил“. Сепак, како што велат рецензентите, „ако внимателно читаме, ќе најдеме и стихови што како да се создадени во поетската работилница на Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Рејмонд Карвер, Андре Бретон... “. Понатаму ќе биде забележано дека се работи „за една хармонично структурирана книга стихови, која плени со својата инвентивност и со високиот степен на култура на изразот, како што му прилега на поетскиот дискурс. Дека жанровското богатство на песните поместени во ракописот се движи „од лирски минијатури што понекогаш прозвучуваат и како филозофски сентенци – до подолги наративни стихови, како и високо стилизираниот исказ, одат во прилог на неговите несомнени естетски вредности“.
Од таму не чуди кога Лидија Капушевска-Дракулевска во своето писание за „Ние предметите“ на Кујунџиски ќе забележи дека „песните се одликуваат со мошне впечатливи поетски слики, неретко во еден манир сроден на надреалистичкиот, во смисла на очудување на реалното, игра со вообичаеното и со нашата рационална свест. Згора на тоа дека тематскиот дијапазон е широк и разновиден; опфаќа љубовни мотиви, митски реминисценции и автопоетички размисли околу поезијата, неретко со еден (авто)ироничен призвук“.
Кујунџиски, говорејќи за циклусите од стихозбирката, истакнува дека кога ќе кажеме „Ние“ помислуваме на некои меѓучовечки релации, машко-женски односи и дека во таа целина се занимава со темата на љубовта искажана преку таа „џеси-блејзовска“ поетика. На еден урбан, градски, реален начин кој извира од улиците, смогот, прозорците, движењето на автомобилите, енергијата во просторот...
„Еден таков вид на поезија која е делнична и дише со жабрите на сето она што ни се случува катадневно. Од такви некој микро ситуации кои можеби не секој ги забележува но во кои се случуваат некои поетски чинови и кои се претворени во строфи, во стихови. Љубовна поезија испишана со пенкалото на стварноста“, вели тој.
За „Предметите“ вели дека наоѓа мали одломки, мали исечоци автоиронија, па дури и некој надреалистички шмек на очудување. На откривање на чудото во стварноста. Сето она што го секојдневно го доживуваме како некоја истрошена стварност да може преку очите на поетот или на песната како уметничка творба да го видиме од поинаков агол. Да ја видиме стрварноста освежена, обновена и притоа со некоја почетна енергија како на митски почеток на светот.
„Се обидував преку такви некои мали исечоци да ја очудам стварноста, а сепак тоа да биде онаа стварност не опкружува нас како човештво. Сето тоа кога заедно ќе го споиме добиваме „Ние предмети“ - две спортивности на едно место“, вели тој.