Достапни линкови

Разноликоста – начин на живеење


Во петок на 6 мај, во пресрет на Светскиот ден на разноликоста, со почеток од 19 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, е предвидено да се одржи промотивен настан чиј потписник е Меѓународното е-списание за книжевност и уметност „Разноликост“ („Diversity“).

Младинскиот културен центар во Скопје, овој петок, ќе биде обоен во боите на уметноста и новата енергија. На 6 мај, во пресрет на Светскиот ден на разноликоста, во организација на меѓународното е-списание за книжевност и уметност „Разноликост“ или „Diversity“, ќе се одржи првиот промо-настан кој нас виделина ќе ја извади потребата од поголема присутност, но и констатацијата дека конечно Разноликоста е всушност начин на битисање. На поинакво поимање на оваа наша единствена стварност.

Видовме помеѓу себе колку сме различни, а колку опстануваме. Од таму е и идејата дека разноликоста е начин на живеење. Не е ненормално да бидеш поинаков. Или да бидеш малку поразличен од другиот. Напротив. Тоа е многу подобро. Не си едноличен. Не си дел од „штанцање“ на светот. Имаш креативност. Затоа си поразличен. Идеите никој не може да ти ги украде засекогаш. Може еднаш да ти ја украдат идејата, но твојата разноликост те прави твојата енергија одново и одново да те крева. Ете затоа е разноликоста начин на живеење. Токму и затоа воопшто не се мислевме какво ќе биде името на промо-настанот. Тоа само по себе се наметна.
Магдалена Делкова.

Воведот во случувањата ќе биде сторен со групната хуманитарна изложба на која ќе бидат претставени дела на ликовните уметници Владимир Лукаш, Ѓорѓе Јовановиќ, Миле Ничевски, Ѓорѓи Митревски, Сали Ертунч, Иван Трајчев, Марко Јанев, Анастасија Величковска, Марија и Тино Сотировски, Maja Kировска, Тома Димовски и Маја Џеповска, а чиј координатор е Тони Димитров.

За 20 часот е најавен почетокот на Книжевното читање чиј модератор е Горјана Јордановска.

Младите поети, читајќи свои стихови на повеќе јазици (француски, шпански, албански, српски и на македонски), ќе ја делат истата сцена со своите учители, ментори, со веќе докажаните творци. Во овој дел најавено е учеството на автори како академик Катица Ќулавкова, Димитар Башевски, Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Ферид Мухиќ, Ана Голејшка, Васко Маглешов, Милош Б.Андоновски, Нина Андонова Шопова, Владимир Јанковски, Александар Станојков, Иван Антоновски, Жарко Кујунџиски, Ненад Јолдески, Владимир Мартиновски, Џабир Дерала, Марија Грубор, Иван Шопов, Румена Бужаровска, Ѓоко Здравески, Стефчо Стефанов, Петар Андоновски, Влада Урошевиќ, Тања Урошевиќ, Шпетим Селмани, Ѓорѓе Јовановиќ и Никола Маџиров.

Паралелно е предвидено да се одвива книжевен мини-саем во чии рамки ќе бидат поставени штандови на неколку издавачки куќи како ИЛИ-ИЛИ, КСЦ, Антолог, Бегемот, Поетики, а по надреалистичката игра за која е задолжена Ања Илиева, својот одбир од музика ќе го претстави Љупа Ангелов (водачот на бендот Д ЏОН) или диџеј Лепи Џони.

Магдалена Делкова, во пресрет на случувањето, знае да каже дека за мото ја зеле сентенцата со која тие како меѓународно е- списание за книжевност и уметност делуваат во последниве две години – Разноликоста е начин на живеење.

„Видовме помеѓу себе колку сме различни, а колку опстануваме. Од таму е и идејата дека разноликоста е начин на живеење. Не е ненормално да бидеш поинаков. Или да бидеш малку поразличен од другиот. Напротив. Тоа е многу подобро. Не си едноличен. Не си дел од „штанцање“ на светот. Имаш креативност. Затоа си поразличен. Идеите никој не може да ти ги украде засекогаш. Може еднаш да ти ја украдат идејата, но твојата разноликост те прави твојата енергија одново и одново да те крева. Ете затоа е разноликоста начин на живеење. Токму и затоа воопшто не се мислевме какво ќе биде името на промо-настанот. Тоа само по себе се наметна“, вели Делкова.

Таа дополнува дека свесноста за разноликоста во оваа и ваква Македонија полека се буди. Дека показ за тоа е токму „шарената револуција“. Дека коренот на обете нешта им е заеднички.

„Како што почнавме пред една година да се освестуваме дека разноликоста е правиот начин на живеење, дека мора да бидеме разнолики, а не еднолики, дека треба да се плашиме ако сме еднолични, ако виткаме кичми пред некого, така сега гледам дека истото се случува и во оваа наша држава. Се разбира сите ние сме дел од таа „шарена револуција“, но во случајов е различно само името. Мене самиот збор „шарено“ ми алудира на различно. На поразлично. Дека не е еднобојно. Оттука и поимот разнолико. Всушност не е еднолично. Зборовите имаат ист корен. Конечно во Македонија лека-полека се буди поимањето на разноликоста“, истакнува Делкова.

Инаку, „Разноликост“ („Diversity“) е меѓународно е-списание за книжевност и уметност. Предводено е од група млади креативци (книжевници, преведувачи, музичари, фотографи, веб-дизајнери, лектори и ликовни уметници), а негов основач, под закрила на Македонски ПЕН центар, е професор Катица Ќулавкова.

Идејата е промовирана во 2003 година и првичната замисла била да се основа повеќејазична колекција на поезија, фикција и есеи која би опстојувала како проект на Меѓународниот ПЕН центар. Во рамките на платформата биле претставувани повеќе автори при што фокусот паднал на книжевноста. Отпосле во „Разноликост“ влегуваат студентите на академик Ќулафкова кои, со идеја да биде проширен спектарот на текстовите што ќе се објавуваат во колекцијата, се решаваат да ја трансформираат во електронско списание.

Во тој транзиционен период низ „Разноликост“ поминале дејци како Игор Исаковски, Наде Поп Глигорова, Лидија Николова, во еден период и Ненад Јолдески, за да во последно време покрај Никола Маџиров и Владимир Мартиновски како уредници, застанат и Магдалена Делкова, Тони Димитров, Стефан Алиевиќ, Горјана Јорданов, Ања Илиева, Игор Поповски и Роберт Раман. Нивната заложба е да се делува мултимедијално и да се пишува сем за книжевноста и за сите други уметности. И, се разбира на повеќе различни јазици.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG